Германските гастрономи и хотелиери немаат работници | Економија | DW | 16.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Германските гастрономи и хотелиери немаат работници

По две години пандемија, Германците сакаат да излегуваат и патуваат повеќе од кога и да е досега. Но, гастрономите и хотелиерите немаат доволно работници за да одговорат соодветно на побарувачката.

Deutschland | Coronavirus | Gastronomie Arbeitskräftemangel

Се бара работник - вакви огласи може да се видат често на излозите од угостителските објекти

Повеќето корона-рестрикции во Германија беа укинатипред велигденските празници. Тоа веројатно поттикна уште повеќе луѓе да сакаат повторно да одат на одмор, конечно без маски да одат во ресторан или хотел. По повеќе од две години пандемија, тоа е навистина разбирлива желба.

Тоа е и зрак светлост на долго време затемнетиот хоризонт на германската гастрономија и хотелиерство, потврдува за ДВ Ингрид Хартгес, раководителка на сојузот на компании во оваа бранша, ДЕХОГА: „Речиси две третини од фирмите што ги анкетиравме за ситуацијата со резервации за празникот (Велигден, н.з.) рекоа дека е задоволителна или подобрена.“ По долгиот период на апстиненција, луѓето имаат особено голема потреба за опуштање и уживање.

Увереност и еден стар проблем

Затоа гастрономите ширум земјата повторно ги вадат столовите и масите надвор, а собите во хотелите се уредуваат така да делуваат посебно удобни. Но, очекуваниот наплив на гости на виделина изнесе проблем што долго време предизвикува загриженост во браншата, вели Ингрид Хартгес: „Поради недостатокот на побарувачка за време на пандемијата, во браншата, и покрај сите напори да се задржат работниците, бројот на вработени сепак се намали. Без посебните корона-регулативи, загубата на работници ќе беше значително поголема“.

Конкретните бројки го покажуваат степенот на недостиг на вработени: на национално ниво, во текот на изминатите две години се скратени повеќе од 130.000 работни места со полно работно време, плус повеќе од 217.000 работни места за т.н. „мини џобери“.

Многу од „мини џоберите“ во хотелите и рестораните најдоа друга работа, на пример во трговијата на мало, која функционираше и во време на локдаун. Сега е тешко или невозможно тие луѓе да се вратат назад, бидејќи се навикнаа на уредено работно време и слободни викенди.

Deutschland | Coronavirus | Gastronomie Arbeitskräftemangel

Недостигот од работници во браншата е голем

„Едноставно нема никого“

Само во регионот Берлин-Бранденбург, 20 отсто од вработените ја напуштиле браншата, се вели од туристичкото здружение Seenland Oder-Spree. А пазарот е „празен, бидејќи секој туристички објект бара готвачи и келнери“, изјави раководителката на здружението, Елен Русиг за радио РББ.

Шефот на хотел од Бад Заров, Јерн Петерс, додава: „Не е ни можно да се објасни колку е добра оваа професија. Немате шанса, затоа што нема кому тоа да му го кажете, никој не конкурира за работа.“

Помалите компании се обидуваат да ги премостат тесните грла со провизорни решенија: во фирмите кои се управувани од сопствениците, газдите едноставно лично работат повеќе од вообичаено, многумина ги намалуваат менијата во своите ресторани или го кратат времето на работа, на пример работејќи само навечер.

- повеќе: Работа во Германија: Кој си заминал во пандемијата, не се враќа назад

Дигитални помошници

За некои угостителски објекти, дигиталните решенија би можеле да помогнат за премостување на недостигот од персонал. Има компании кои нудат системи за нарачка и наплата, со кои клиентите директно од масата можат да ги испратат своите нарачки во кујната или барот.

Многу компании веќе користат вакви или слични системи и на тој начин ги намалуваат потребите од персонал. Но, од една страна, на овие дигитални помошници им треба одредено време за воведување во работа, а тие се поврзани и со инвестиции кои прво треба да се заработат на шанкот или во кујната.

Symbolbild | Gastronomie | digitale Bezahlsysteme

Дигиталните системи за нарачка и плаќање можат само делумно да заменат дел од работната сила

Помош од странство

Гастрономијата и хотелската индустрија сега ги полагаат своите надежи во работници од странство. Раководителката на ДЕХОГА, Хартгес, тоа го формулира вака: „Угостителската индустрија е атрактивна, многу интернационална бранша, во која се почнува прилично некомплицирано. Според наводите на Сојузната агенција за вработување, околу 35 отсто од нашите вработени имаат странски пасош - во ниту една друга индустрија тој процент не е поголем“.

Хартгес додава дека се задоволни што и бегалците од Украина наоѓаат работа во браншата. Освен тоа, ДЕХОГА, со проширување на своите програми, прави напори да привлече и обучи повеќе работници за локалниот пазар.

Добри изгледи, но...

Сепак, на небото на прогнози повторно се собираат темни облаци: поради војната во Украина значително се зголемија трошоците за енергија. Тоа го прави поскапо не само патувањето, поради што на крајот многу туристи би можеле да останат дома, туку, поради високите трошоци за енергија и храна, се зголемуваат и оперативните трошоци на хотелите и рестораните, така што долгоочекуваните дополнителни приходи од повеќе гости по корона-затишјето, би можеле да испарат.

Symbolbild I Bier I Gastronomie

Околу 35% од вработените во гастрономијата и хотелите имаат странски пасош

Според анкета на ДЕХОГА, најголем број компании во браншата (85,5%) оценуваат дека во моментов најголеми предизвици се експлодирачките трошоци за енергија, а потоа следуваат цените на прехранбените намирници (84,9%), економските последици од корона-кризата (67,6%), како и трошоците за персонал (65,8%).

Колку овие зголемени трошоци ќе доведат до повисоки цени за потрошувачите е целосно проценка на компаниите, вели Ингрид Хартгес. Но, „добриот претприемач, со поглед од една страна кон гостите, а од друга страна кон сопствените деловни потреби, ќе ги скрои одговорно цените“.

Хартгес препорачува и натаму да има атрактивни понуди за гости со помал буџет. Сè додека односот цена-услуга е во ред, а зголемувањето на цените е сфатливо за гостите, тие тоа во принцип би го прифатиле.

DW.COM

Поврзана содржина