Германска студија: Последиците од карантинот можат да бидат потешки и од самата пандемија | Свет | DW | 08.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германска студија: Последиците од карантинот можат да бидат потешки и од самата пандемија

Нема докази дека мерките против коронавирусот кои се преземаат во Европа носат резултати, а нивните последици можат да бидат полоши и од самата пандемија, се заклучува во нова студија на група германски научници.

Litauen Vilnius - Drohnenfoto von Menschendaheim während Isolation wegen Corona-Krise (picture-alliance/Cover Images/A. Vasilauskas)

Семејство во карантин во Литванија поради пандемијата на коронавирусот

Половина од светското население е во некој вид изолација или целосен карантин поради пандемијата на коронавирусот. Општествениот живот замре речиси во целиот свет додека секојдневно се бројат заразени и мртви од Ковид-19, а луѓето се повикуваат да останат во своите домови. Поддршката за мерките кои ги преземаат државите е релативно висока секаде, но освен прашањето: Уште колку ќе траат?; се почесто се наметнува и дилемата: Дали тие воопшто даваат резултати?
Македонската влада деновиве воведе уште подрастични мерки со кои целосно го ограничи движењето за викенди, и дополнително го зголеми полицискиот час во работните денови. Иако во Германија мерките не се толку остри, тие веќе предизвикуваат негодување, но не толку од граѓаните, туку од науката.
Германскиот Совет за етика веќе повика на расправа за ублажување и ставање крај на ограничувањата за движење. Оттаму предупредуваат дека со тек на времето ќе се намали довербата на населението во власта и тоа може да прерасне, не во криза на довербата кон извршната власт, туку кон „демократски легитимираната политика“.

Ветар в грб на ваквите тврдења сега им даваат и научниците. На 5 април годинава, шест врвни германски научници од областа на здравството, социологијата и правото објавија студија во која се критикуваат мерките кои се преземаат во Германија за заштита од коронавирусот.
Во својата анализа, тие поаѓаат од проценката дека терапија или вакцина за коронавирусот ќе има најрано во текот на 2021 година, и притоа ги земаат предвид општите и специфични стратегии за превенција кои досега се понудени. 
Општата стратегија е насочена кон сите експонирани лица, односно кон целото население со исклучок на оние кои веќе стекнале имунитет. Кај специфичните стратегии се работи за фокусирање на специфични ризични групи. Тука како историски пример се нуди искуството со ХИВ/СИДА инфекцијата пред појавата на ефикасна терапија. Имено, тогашната стратегија се состоела од општа интервенција насочена кон мерки на претпазливост и предупредувања за сексуалното однесување на целото население („СИДА-та не избира"), и специфични интервенции насочени кон ризични групи, како на пример, мажите хомосексуалци или интравенозните зависници од дрога. Токму комбинацијата на овие методи ја стабилизираат ситуацијата, додека да се истестираат можните лекови и терапии.

Coronavirus Selbst-Quarantäne (picture-alliance/Photoshot)

Изолацијата на многумина им претставува проблем

Кои се ефектите?

Речиси насекаде низ светот, земјите во кои се појави епидемија на коронавирусот применија општи стратегии за заштита на населението. Сите поаѓаат од претпоставката дека преку тестирање за Ковид-19 и следење на контактите може да се открие еден дел од заразените, а потоа да се спречи натамошното ширење на вирусот преку општи мерки. Во прв ред се инсистира на спречување на контактите и на идентификација на заразените. Исклучок од оваа пракса се Јужна Кореја, Тајван и Сингапур каде преку масовен скрининг на населението се прави обид да се избегне општата изолација. 

- повеќе: Брзото тестирање е најдообра заштита

Но, според германските научници, нема никакви докази дека општите мерки кои во моментов се преземаат во Европа даваат резултати. Како пример се зема Италија каде од 8 март годинава е во сила речиси целосен карантин. Според анализата, нема никакви релевантни показатели дека бројот на новозаразени или бројот на жртви се намалува поради карантинот. Притоа, не постои ниту можност за компарација во смисла, какви би биле бројките кога не би се преземале тие мерки; ниту пак показатели кои би укажале дека преку целосната изолација се постигнуваат подобри резултати одошто „само“ преку препораките за одржување социјална дистанца.
„Особено заштитата на ризичните групи (постарите лица и оние со мултиморбидитет- повеќе хронични заболувања) не се постигнува со општите, неспецифични превентивни мерки, напротив, зголемениот ризик за овие групи поради ограничената ефективност на овие мерки не е исклучен“, се наведува во анализата на германските експерти.
Парадоксот на кривата

Од кризните менаџери во сите погодени земји, вклучително и во Северна Македонија, деновиве можевме да слушнеме дека сите го бараат решението во ткн. Израмнување на кривата, т.е. преку линеарен раст на бројот на пациентите со цел, меѓудругото, да не се преоптовари здравствениот систем. И токму во овој дел, германските научници го лоцираат најголемиот следен проблем. 

Гледај видео 01:05

Животот по короната

- повеќе: Заштитете ги постарите

„Колку поефикасно е ’Израмнувањето на кривата’, толку поверојатна е појавата на нови бранови по олеснувањето на мерките, затоа што во првичниот бран не се постигнува релевантна имунизација на населението“, гласи тезата. Притоа, во зависност од периодичноста на инфекцијата, експертите проценуваатдека од особена важност ќе биде зимата 2020/2021, меѓудругото и поради негативното влијание на мерките кои се преземаат во тековнава година, а кои ќе влијаат врз влошување на социјалната состојба и состојбата со храната.

Колатерални штети

Дополнително, научниците повикуваат да се процени колку актуелните превентивни мерки кои длабоко влијаат врз социјалниот и политичкиот живот во општеството би можеле натаму да имаат негативни ефекти.
„Постојат бројни мислења кои предупредуваат дека не е мала веројатноста дека колатералните последици ќе имаат поголем негативен ефект врз населението, одошто последиците од самата пандемија“, пишуваат тие натаму. Економските експерти веќе предупредија на големи последици за економијата поради ограничувањето на движењето. Постои единство и дека поради ограничувањето на социјалните контакти и невработеноста се јавува релевантен ризик од смртност. Бројни студии имено покажуваат дека зголемената невработеност води кон повеќе случаи на срцеви удари, зголемен крвен притисок и депресија. Не треба да се занемари и фактот дека стравот создава емоционални и социјални проблеми кои можат да предизвикаат дополнителни социјални последици.
Наместо општи мерки кои го опфаќаат целото население, експертите предлагаат специфични мерки насочени кон заштита на ризичните групи, и тоа:

  • старите лица,
  • лицата со хронични болести,
  • нозокомијалниот (болниците и старечки домови) ризик, и
  • контактите со локалните жаришта.

Таргетираните мерки за сите набројани групи и институции се десетици на број но, колку за илустрација, за старите лица, на пример, се предлагаат следните:

  • Засилена заштита од инфекција,
  • Помош во снабдувањето,
  • Лекарска и негувателска помош во домот,
  • Специјални слотови од два часа во денот во кои ќе можат да одат да купуваат со селективна оддалеченост на младите луѓе, и сл.

Во тој контекст, она што е особено несфатливо за авторите на анализата е зошто целосно се ограничува движењето на децата и младите под 21 година (како што е случај во Германија), наместо само да се ограничат нивните контакти со стари лица или лица со хронични болести. 

- повеќе: Пензионерите со молба: Дајте ни предност кога чекаме во ред

„Ова е уште позначајно затоа што оваа група (младите, н.з.) во текот на епидемијата со голема веројатност во секој случај ќе се заразат, иако ретко и ќе заболат со потешки последици“. Притоа, авторите не ја занемаруваат и опасноста која им се заканува и на младите луѓе од болеста, но велат дека тој ризик е далеку помал од оној со кој се соочуваат постарите и болните, а актуелните општи мерки не придонесуваат кон намалувањето на тој ризик.


И конечно, што се однесува до кластерите на болеста, никој не може да предвиди каде и од кои причини тие ќе се појавуваат и во наредниот период. Токму затоа се предлага да се формираат експертски тимови кои ќе бидат мобилни и експресно ќе реагираат на такви ситуации за да помогнат.

Пред болеста се сите исти?

На крајот, авторите ги анализираат и ефектите врз демократските процеси, социјалната нееднаквост и правните основи на општеството. Притоа тие ја отфрлаат максимата „пред болеста се сите исти“ и објаснуваат зошто е тоа така во актуелната ситуација.
„Ниту економскиот товар (губењето на заработката), ни психосоцијалните ограничувања (забрана за движење за семејства во мали станови наспроти семејства во куќи со големи градини, проблеми на семејно насилство, и сл.), ниту пак способноста на родителите самите да им држат настава на децата, се еднакво распоредени. 

- повеќе: Пандемијата досега остави без работа 10 милиони Американци
Поради опасноста од долготрајна економска криза може да се очекува дека општествените конфликти на среден рок ќе се заострат.
Сензитивноста во однос на социјалните фактори е еден од најсилните аргументи поради кој мора да се развиваат групно-специфични програми со кои ќе им се излегува во пресрет на нивните потреби“.
Што се однесува до демократските стандарди и заштитата на приватноста, откако Кина и Јужна Кореја воведоа мобилни апликации со кои се следат заразените со коронавирус и нивните можни контакти, сега и многу демократски земји како Германија најавуваат слични иницијативи. Тоа може да биде и последниот чекор кон целосна контрола на граѓаните кој, по завршувањето на пандемијата, тешко ќе се враќа во првобитната состојба.

Реклама