Германска влада уште не е на повидок | Свет | DW | 08.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германска влада уште не е на повидок

СПД повторно го избра Мартин Шулц за претседател на партијата и прифати почеток на преговори за коалиција со Демохристијаните на Ангела Меркел. Сепак, отпорот кон голема коалиција останува голем, смета Сабине Кинкарц.

Спореа и изнесуваа аргументи. Со часови. Деведесет и еден делегат на партискиот конгрес во Берлин се јавија за збор во текот на дискусијата околу почеток на преговори со партиите на Унијата, ЦДУ/ЦСУ. Би биле и уште повеќе, ако списокот говорници во еден момент не беше заклучен. Власт или опозиција? Меѓу Социјалдемократите во моментов ниедна тема не е толку важна колку прашањето дали СПД третпат ќе биде помал партнер во владата на чело со канцеларката Ангела Меркел. 

Мнозинството Социјалдемократи е на мислење дека двете претходни коалиции ја ослабеа партијата. На изборите за Бундестагот, одржани во септември, СПД освои само 20,5 проценти гласови. Тоа е најлошиот изборен резултат на партијата во историјата на Сојузна Република Германија. Но, кој знае? Можеби на стрмоглавиот пад уште не му е дојден крајот. Токму од тоа стравуваат многумина. На партискиот конгрес често можеше да се чуе зборот „страв“. СПД е обесхрабрена и далеку од некогаш гордата и непоколеблива социјалдемократска партија.

Повеќе на темата:

Германија е парализирана

За СПД, голема коалиција е само една од опциите

Германија: Криза? Која криза?

Недостиг на доверба

Но не само тоа. Владее голема недоверба кон партискиот врв. Тоа е разбирливо. Мартин Шулц непосредно по затворањето на гласачките места на 24. септември порача: „Одиме во опозиција“, на СПД ѝ е потребен нов почеток. Членството славеше, со задоволство констатираше дека партискиот лидер остана на исто мислење и по неуспешните коалициони преговори меѓу партиите на ЦДУ, ЦСУ, ФДП и Зелените. Неколку дена, во секој случај. Во меѓувреме, раководството на СПД има поинаков поглед на работите. Негова оценка е дека СПД има одговорност и не би требало да се противи на преговори со Унијата.

Не е мал бројот членови кои не му веруваат на партиското раководство, гледаат автоматизам кој води кон нова голема коалиција. А тоа не сакаат да го прифатат. На партискиот конгрес се изборија за право на вето. Партискиот врв се залагаше за почеток на коалиционите преговори да се решава во потесен круг функционери, но сепак на крајот ќе мора повторно да се одржи партиски собир за давање зелено светло за официјален почеток на коалициони преговори. Или нема да биде дадено зелено светло.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Шулц веќе не смее да прави грешки

Доколку во тие преговори би бил постигнат коалициски договор, повторно би можело да следи гласање - или на уште еден партиски конгрес или дури во вид на анкета меѓу партиските членови. Сѐ е можно. Судирот меѓу базата и врвот на партијата засега е замрзнат, но поделбите остануваат. Одлуката на СПД - за или против голема коалиција, е одложена. За партиски претседател повторно е избран Мартин Шулц, со 82 проценти гласови. Секој петти делегат на конгресот гласаше против него.

Донесената одлука на конгресот за почеток на подготвителни разговори во никој случај нема да го забрза форирањето нова германска влада. До донесувањето одлука ќе поминат месеци. Голема коалиција? Малцинска влада? Или сепак нови избори? Оној кој се надеваше дека партискиот конгрес на СПД ќе значи скор крај на политичката маглива ситуација во Германија, може да се прости од таквата надеж.

 

DW.COM

Реклама