Германската надворешна политика соочена со три кризи | Информации и анализи за Германија | DW | 03.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германската надворешна политика соочена со три кризи

2019 година на надворешно политички план почнува немирно за германската политика. Криза со еврото, Украина и Сирија се теми кои остануваат нерешени надворешнополитички прашања за кои Берлин треба да се погрижи.

Новата евро-дилема

По драматичниот спас на задолжените земји како Грција, опстанокот на еврото повторно е доведен во прашање. Барем вака драстично гледа на ситуацијата претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. Овојпат причина за грижа е Италија. Дури и ако владата во Рим и Комисијата постигнат компромис – предисторијата на проблемот остава горчлив вкус: италијанската влада која е составена од популистичкото движење Пет ѕвезди и десничарската Лега отворено ѝ се спротивстави на Комисијата. Таа пак не го прифати римскиот нацрт буџет, бидејќи ставката за нови задолжувања е премногу висока.

Поранешниот германски министер за финансии Волганг Шојбле вели дека идејата оти „поголеми задолжувања и повисок буџетски дефицит ќе ги реши проблемите на Италија" е погрешна, но смета дека на крај финансиските пазари ќе ја дисциплинираат оваа земја: „Верувам дека пазарите ќе им речат: нема да добиете финсии," изјави Шојбле за ДВ кон крајот на октомври. Но тој во основа го доживува лично тоа што италијанската влада едноставно сакаше да ги прекрши европските правила: „Лично не сакам да бидам уценуван."

Дури и ако се чини дека е спречен голем крах, италијанската влада има силно средство за притисок в рака: ако Комисијата ја казни Италија, тогаш десните популисти во Европа уште повеќе ќе земат залет. Неколку месеци пред европските избори тоа е нешто што најмалку ѝ треба на ЕУ. Но, ако Комисијата сепак се реши на таков чекор, тогаш тоа ќе го ослабне нејзиниот авторитет.

Дебатата во секој случај поставува стандарди за прашањето колку сериозно ЕУ ги почитува сопствените правила. И францускиот претседател Емануел Макрон по протестите на „жолтите елеци“ направи финансиски отстапки со кои ќе се зголеми францускиот дефицит. Тука може да настане следниот спор.

Заострен конфликтот Украина – Русија

Конфликтот меѓу Русија и Украина по анексијата на Крим останува актуелна тема. Германија и Франција постојано ги повикуваат страните на договор, дури и по инцидентот во Азовското море кон крајот на ноември. Руската крајбрежна гарда им забрани на три украинските бродови да поминуваат низ морскиот премин од Керч во Азовското море. Москва го смета овој морски теснец за единствено руска територија. Украинскиот престедател Петро Порошенко во Брисел пред самитот на ЕУ кон средината на декември, упати апел до ЕУ: „Мора да се зголеми меѓународниот притисок врз Русија."

ЕУ е поделена во однос на прашањето за санкциите кон Русија. Некои земји сакаат санкциите да се укинат бидејќи се лоши за бизнисот. Други пак сакаат Москва и понатаму да биде казнета. Тие исто така гледаат критички и кон фактот што Германија добива гас директно од Русија преку гасоводот во Балтичко море, како и тоа што сака да учествува во неговото проширување. На самитот на ЕУ во средината на декември претседателите на држави и влади се согласија, како што пренесе Меркел „дека нема предуслови да се отстранат или олеснат санкциите". Но исто така нема ниту нивно заострување.

Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровски на една средба со Порошенко јасно кажа: „Санкции не се казна. Санкциите се мотивација за Русија да се врати во цивилизираниот свет." И Меркел на средбите со рускиот претседател Владимир Путин постојано бара начин да се најде решение за конфликтот со Украина, но досега тоа е безуспешно.

Мир во Сирија со Асад?

По повеќе од седум години граѓанска војна во Сирија земјата е целосно опустошена. Милиони лица се бегалци или раселени низ земјата. Во меѓувреме, претседателот Башар ал-Асад со помош на Русија и Иран повторно ги освои речиси сите области каде што имаше бунт. Терористичката група, Исламска држава загуби голем дел од освоените територии. Во Германија често се поставува прашањето, дали стотици илјади сириски бегалци ќе може да се вратат во својата земја. Германското министерство за надворешни работи сѐ уште смета дека ситуацијата е несигурна. Сѐ уште постои забрана за депортација во Сирија. Низ Европа луѓето веќе се уморни од залудните мировни напори околу Сирија. Некои политичари разговараат, главно зад затворени врати, како сепак да се постигне договор со Асад. Експертот за Блиски Исток Гидо Штајнберг од Фондацијата за наука и политика во интервју за ДВ, дава лоша оценка за германската влада по ова прашање. Тие без да размислат „се заложија за тоа да се урне режимот на Асад за кратко време. Ако некој навистина сака да урне режим, тогаш мора воено да се поддржат бунтовничките групи. Денес Германија веќе не е никаков актер во овој конфликт."

Сојузната влада мора да ги слуша и обвинувањата во врска со војната во Јемен, каде според наводи на ОН во моментов се случува најтешката хуманитарна криза во светот. Германија долго време му даваше оружје на својот воен партнер Саудиска Арабија која ја поддржуваше владата во Јемен во борбата против бунтовниците.

Дури и покрај тоа што е стопиран извозот на оружје, германскиот концерн Рајнметал продолжува да испорачува оружје на ќерките фирми во Саудиска Арабија.

Реклама