Од почетокот на пандемијата, Баварија фрли вкупно 53.000 дози вакцини од кои половината беа „пријавени дека се уништени“ само во јули. „Зголемениот број на фрлени вакцини летово е последица на намалениот интерес за вакцинација кај населението,“ соопшти баварското Министерство за здравство на прашање на медиумите. И во покраината Баден Виртемберг на 4000 дози вакцини АстраЗенека рокот им истече кон крајот на јули поради што се „соодветно уништени“, велат од тамошното Министерство за здравство. Слични акции се спроведени и во други германски покраини. Фрлените вакцини веќе беа испорачани во центрите за вакцинација. Нејасно е колку дози вакцини биле отстранети како неупотребливи во приватните лекарски ординации, бидејќи матичните лекари не се обврзани тоа никаде да го пријавуваат.
Вишокот вакцини на кои не им е истечен рокот на употреба покраините сега го враќаат на сојузната влада. Со оглед на тоа дека во моментов побарувачката за вакцини е значително помала од понудата, сојузното Министерство за здравство најави дека во август ќе престанат на покраините да им ги испорачуваат количините кои им следат според бројот на население. Во иднина ќе им бидат доставени само количините кои ќе си ги нарачаат според потребите.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Новавакс: Нова надеж
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
-
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Автор: СН/дв, Андреј Гурков
Следат донации
Сега кога домашното население е подмирено, Германија најави дека во следните денови ќе испорача 1.3 милиони дози АстраЗенека преку КОВАКС иницијативата која понатаму им ги распределува на сиромашните земји. Сојузното министерство најави дека во август исто така ќе ги стопира понатамошните нарачки на вакцини од Џонсон и Џонсон во корист на останатите европски земји.
Повеќе:
-Сиромашните немаат вакцини - банкрот на моралот на богатите
-Германија од август почнува со донација на вакцини во странство
-„Подзаспана“ имунизација во Германија: 500 евра награда за вакцинирање?
Германија уште на 7 јули донесе одлука да донира 30 милиони вакцини АстраЗенека и Џонсон и Џонсон на трети земји. 80% од овие се наменети за КОВАКС системот, додека останатите 20% ќе им ги дадат директно на поединечни земји.
Вакцините од Бионтек/Фајзаер и Модерна нема да им се донираат на други земји – ќе останат складирани во централното складиште за вакцини за цела Германија.
На меѓународен план ЕУ во моментов донира релативно малку вакцини на сиромашните земји. Според интерниот извештај на ЕУ од 2 август, САД до сега донирале 59,8 милиони дози во 45 земји, а за следниот период најавена е донација на уште 20 милиони дози.
Кина веќе донираше 24,2 милиони дози во 71 земја. ЕУ пак донирала само во 36 земји и тоа 7,9 милиони дози од кои 3,3 преку КОВАКС системот.
Кон крајот на минатата недела Жозеп Борел ја критикуваше ЕУ дека со нискиот број на донации во Африка и Латинска Америка ризикува во овие земји да го загуби влијанието во однос на Кина.