Германија станува земја на доселеници... и тоа е добро | Свет | DW | 25.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германија станува земја на доселеници... и тоа е добро

Со години политиката спореше околу тоа дали на Германија ѝ треба закон за доселување. Ништо не беше регулирано, иако доселувањето фактички течеше. Сега политиката се обидува да ја стигне реалноста, смета Рихард Фукс

Како изгледа кога реалноста создава политички факти, во моментов може убаво да се види во Германија. Со години контроверзно се расправаше не само за тоа дали Германија е доселеничка земја, туку дали тоа воопшто смее да стане. Сѐ остана на кавга, без конкретни политички решенија. Но, во меѓувреме се случи реалноста: доселувањето се случи, безглаво, делумно неконтролирано. Дел од тоа се одвиваше преку политиката на давање азил, а често по долга борба низ бирократската шума од правила со кои во Германија досега се контролираше доселувањето. Политиката според која Германија би ги привлекла најдобрите и најквалификуваните изгледа поинаку.

Сега ветрот ја менува насоката и тоа со молневита брзина. Германија официјално ќе стане доселеничка земја. И тоа затоа што министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, шеф на баварската ЦСУ, на маса стави предлог закон. До неодамна тој имаше поинакво мислење, иако доселеничкиот закон е дел од коалицискиот договор на демохристијаните и социјалдемократите.

Не се само здруженијата на стопанственици кои со години повторуваат дека на една стопанска велесила како Германија ѝ е потребен модерен доселенички закон за да опстане во глобалната трка по најдобрите умови и таленти. По повеќегодишно игнорирање на реалноста сега конечно работите би можеле да тргнат напред. Тоа е веќе голем чекор иако партиите би морале да се запрашаат зошто е потребен притисок од реалноста за да се пробијат ирационалните политички блокади. Бидејќи дури и оние кои се противат на доселувањето на квалификувана работна сила мора да ги признаат предностите на доселувањето кое се одвива според транспарентни правила. А токму тоа треба да го донесе новиот закон.

Помалку пречки

И германската канцеларка Ангела Меркел секогаш одново покажуваше подготвеност за доселенички закон. Иако токму нејзината партија ЦДУ беше таа која на почетокот на минатата деценија водеше антидоселеничка кампања како „Повеќе германски деца наместо доселување на Индијци“.

Улогата на кочничар на доселеничките правила од ЦДУ ја презеде Алтернативата за Германија (АфД) која ќе го блокира секој обид за регулирање на доселувањето, без оглед колку е добар. На социјалдемократите новиот закон веројатно нема да им оди доволно далеку, а слично може да се очекува и од либералите и зелените. Со други зборови, доселеничкиот закон сѐ уште не е готова работа.

Но, кога еднаш ќе стапи во сила, треба да го олесни приливот на добро образовани и квалификувани. Тоа е мудра одлука, особено ако се има на ум недостатокот на работна сила во индустријата и во медицинскиот сектор. Од друга страна, овој закон не може да ја регулира интеграцијата на бегалците во општеството и на пазарот на трудот. Тоа мора да се реши на друг начин.

Добро е што со новиот закон ќе бидат отстранети некои нелогични правила. Како она, според кое работодавачот може да вработи некој кој не доаѓа од ЕУ само доколку докаже дека на пазарот на трудот не пронашол адекватен кандидат со жителство во ЕУ. Тоа досега беше една од најголемите пречки за вработување стручњаци од цел свет, кои често, по повеќемесечно чекање на работна дозвола, се одлучуваа за некоја друга, помалку компликувана држава.

И добро е што ова правило сега ќе исчезне. Со тоа доселеничкото право ќе стане потранспарентно, пологично и поправедно. И тоа за сите. Но потребни се уште многу такви чекори. До стапувањето на законот во сила ќе мине време. Но она што е исправно е правецот во кој се движи расправата. А тоа не е малку.

DW.COM

Реклама