Германија: Преговори за влада без гаранција за успех | Свет | DW | 29.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германија: Преговори за влада без гаранција за успех

Четири месеци по изборите, Германија сѐ уште нема влада. Во тек се преговори за голема коалиција. Притисокот врз ЦДУ, ЦСУ и СПД е голем, а многу време нема. Успех на преговорите не е гарантиран, оценува Сабине Кинкарц.

Меркел ја сака оваа коалиција и тоа во петокот го сигнализираше со изборот на својата облека. Во централата на нејзината ЦДУ во Берлин брзаше облечена во црно и црвено. Четири месеци по изборите за Бундестагот, Меркел го почнува последниот обид за составување стабилна влада која ќе има мнозинство во парламентот.

Сега ќе се преговара „брзо“, најави шефицата на ЦДУ и таа ќе се погрижи за тоа. „Луѓето очекуваат да се движиме во насока на формирање влада.“ Со резултатите од претходните разговори се создадени „многу добри рамки“ за она што сега треба уште да се постигне. „Мене сега ми е важно уште појасно да се поработи на она што ќе бидат импулси за иднината на Германија, затоа што гледаме дека остатокот на светот оди напред многу бргу.“

Поттикнувањето на дигитализацијата, забрзувањето на постапките на планирање и поддршка на стартап компаниите - тоа се темите кои Меркел ги спомна во обраќањето кое траеше околу 90 секунди.

Стопанството е незадоволно

Сосема свесно таа во прв план ги стави еконмските и технолошките теми, затоа што Здружението на германската индустрија (БДИ) неодамна упати остра критика. „Она што досега беше на дневен ред сѐ уште не е солиден темел за економски успешен мандат на владата“, изјави шефот на БДИ, Дитер Кемф. На Индустријата воопшто не ѝ се допаѓа што досегашните разговори меѓу демохристијаните и социјалдемократите пред сѐ се вртеа околу социјални прашања.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Но, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа СПД, тешко дека тука може нешто да се промени. По конгресот на таа партија, коалиционите преговори не станаа полесни. Само 56 проценти до делегатите на СПД минатиот викенд прифатија формални преговори во нова голема коалиција. Процентот сигурно ќе беше уште помал ако Мартин Шулц и Андреа Налес на делегатите не им ветеа дека ќе се обидат да извлечат повеќе за својата партија „сѐ додека не почне да шкрипи“.

Повеќе: 

Почеток на коалициони разговори за нова влада во Германија

СПД- една несреќна партија

Но, колку далеку сакаат да одат демористијаните и дали воопшто можат да ѝ излезат пресрет на СПД? Од конзервативните кругови веќе се слушаат предупредувања дека тие не можат да се прилагодуваат сѐ додека не остане ништо од нивниот профил. Социјалдемократите бараат промена на системот на здравствено осигурување, укинување на ограничените работни договори, освен во исклучителни случаи, како и подобрување на прописите во врска со доаѓањето на семејствата на бегалците. Насоката на СПД е да ја направи новата влада на Германија „поправедна и помодерна“, вели Мартин Шулц.

Коалицијата сѐ уште не е сигурна

Времето притиска. Се планира преговорите да завршат за две недели. Коалициониот договор треба да е готов на 4 февруари. Ако стане тесно, преговарачите ќе си земат уште некој ден, но не повеќе од тоа, велат во Унијата. „Наша цел е да ги завршиме преговорите пред карневалот“, најави Хорст Зехофер. Тоа и не е за чудење. Кој сака да стане мета на потсмев на карневалистите?

Политичарката на СПД, Малу Дрејер, пак вели: „Правиме напор, но како што убаво се вели: темелноста е поважна од брзината. Навистина сакаме да стигнеме до добар резултат. За тој резултат на крајот треба да гласаат 440.000 членови на СПД. Доколку коалициониот договор не мине кај нив, тогаш тоа за политичарите ќе има поекстремни последици од само неколку карневалски шеги.

DW.COM

Реклама