Германија нуди поддршка, но бара стабилност и извесност за инвестициите | Македонија | DW | 04.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Германија нуди поддршка, но бара стабилност и извесност за инвестициите

Правната сигурност и квалитетната работна сила се гаранција за успешна инвестициска приказна, вели за Дојче Веле Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

ДВ: Господине Мартенс, вие сте прв директор кој од Скопје ќе ги менаџира активностите на Делегацијата на германското стопанство и Македонско- Германското стопанско здружение, што значи ова?

Мартенс: Претставништвото на германските комори веќе 17 години работи во Македонија. Досега канцеларијата во Скопје беше раководена од директор кој беше со постојана функција во канцеларија во Белград и беше надлежен за Србија, Македонија и Косово. Од јануари оваа година канцеларијата во Скопје не е веќе под раководството во Србија, Министерството за економија на Сојузна Република Германија  и Германската стопанска комора во Берлин, оценувајќи го досегашното работење на канцеларијата во Скопје, донесоа одлука дека канцеларијата има постигнато во изминатите години невидени резултати и од овие причини од претставништво е унапредена во делегација, што укажува на голем прогрес во системот на работење на германските стопански комори. Од неодамна сум во Скопје и се радувам на новите работни предизвици кои ме очекуваат во Македонија.

Досега целокупната координација се одвиваше преку претставништвото во Белград, дали оваа позитивна промена значи дека Македонија добива на поголемо значење, пред сѐ кај германските компании?

Кога се отвори канцеларијата во 2000. година, во Македонија работеа 15 германски компании, но најголемиот дел од нив беа трговски претставништва на германските компании. Исто така како дел од претставништвото беше формирано и Македонско-германското стопанско здружение. Тогаш во здружението членуваа 60 компании, во меѓувреме бројот на членови се зголеми на 200 компании- членови и со тоа и во иднина остануваме најголемо билатерално здружение во земјата. Во изминатите 17 години со помош на Министерството за економија на СР Германија, спроведовме различни проекти на теми кои се од клучно значење за македонското стопанство. Ние ги доставуваме предлозите до Берлин и по одобрување на проектите организираме делегациски патувања за македонските стопанственици во Германија, но и за германските стопанственици во Македонија. Со помош на овие проекти дополнително придонесуваме за јакнење на деловните врски помеѓу македонските и германските стопанственици.

Дел од германските инвеститори веќе ја одбраа Македонија како локација за нивниот бизнис, дали сметате дека обемот на нивното присуство е соодветен на потенцијалите што ги нуди земјата?

За овие 17 години енормно се зголеми и бројот на германски компании кои добиле поддршка од нашата канцеларија во изнаоѓање на деловни партнери во Македонија, но и поддршката која им ја даваме на германските инвеститори за кои секогаш сме првата адреса. Германските компании кои се присутни на македонскиот пазар денес вработуваат околу 20.000 луѓе. Главен фокус на германските инвеститори кои инвестираат во Македонија е автомобилската индустрија. Но она што мора да се спомене е дека капиталот е мобилен и бара соодветни рамки, има потреба од добра логистика, квалитетна работна сила. Во Македонија логистиката е развиена на едно добро ниво, а и во однос на квалитетот на работната сила е конкурентна. Секогаш треба да се има на ум дека секоја инвестиција носи и други инвестиции, но она што мора да се има за цел е да се вклучат и македонските компании во овој синџир.

Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft (Marija Radevska)

Патрик Мартенс

Што е она што е клучно што го бараат германските инвеститори?

Инвеститорите се движат како каравани и она што го очекуваат од пазарот каде што ќе ја реализираат својата инвестиција се добро обучен кадар, голема продуктивност, добра логистика, ниски трошоци за производство. Историски гледано, пазарот на ЕУ за Германија во однос на трговската соработка е се` уште број еден. На втората позиција се земјите од источна Европа, дури потоа се Азија, Бразил и Јужна Америка. Исто така за инвеститорите е важно да се чувствуваат пријатно во земјата каде што инвестираат. Во Македонија тие се сретнуваат со европска култура, европски менталитет, тоа е од важно значење и за градењето на деловните врски и довербата.

Ја спомнавте работната сила и продуктивноста. Во Македонија, тоа е сериозен предизвик, но исто така сериозен проблем е и цената на трудот која е на многу ниски, во речиси мизерни граници. Како да се подобрат состојбите на овој план?

Македонија е избрана помеѓу 120 земји од светот, како една од петте земји во кои е предвидено да се спроведува проект за дуално образование. Делегацијата на германското стопанство ќе добие и експерт задолжен за дуално образование кој ќе пристигне тука наскоро и ќе го пренесе германското искуство во македонскиот образовен систем. Оваа иницијатива е поддржана од Министерството за стопанство на Сојузна Република Германија.

Што значи ова, која е целта на овој проект?

Со едуцирање на стручен кадар ќе се зголеми продуктивноста, што е од полза како за странските инвеститори, така и за македонските стопанственици. Младите луѓе ќе имаат поголеми шанси на пазарот на трудот во својата татковина, бидејќи секој најдобро се чувствува дома. Дуалниот образовен систем веќе 300 години функционира во Германија и како резултат од него, Германија е држава со најниска стапка на невработеност кај младата популација во Европа.

Што освен работната сила според Вас се предизвици на кои што треба да се работи за подобрување на состојбите,  односно постојните инвеститори да се задржат што подолго, а нови да се привлечат?

За германските инвеститори клучна улога играат условите кои им се нудат за квалитетно производство, логистиката, лесна достапност, инфраструктура, поволна даночна политика, стабилна инфраструктура во преносот на електрична енергија, стабилни рамковни услови на кои може да сметаат инвеститорите, да нема менување на закони преку ноќ. Но исто така за инвеститорите се важни и добри меѓусоседски односи  и стабилноста во земјата. Голем дел од споменатите услови Македонија ги исполнува, но исто така важно е да се спомене дека има и други добро развиени пазари кои се во конкуренција со Македонија.

Колку во целиот овој процес влијае актуелната политичка криза во земјата, која трае веќе предолго?

Не би сакал да ги коментирам политичките ставови во земјата, со самиот факт дека во Македонија пристигнав неодамна и сѐ уште не сум запознаен со земјата и случувањата. Но она што сметам дека е важно за стопанството е носењето на полезни закони за стопанствениците, олеснување на процедури како и усогласување на законодавството со ЕУ.

Каде е Македонија според Вас во споредба со регионот?

Во однос на големината, во регионот сме најмал пазар. Изминатата година извозот кон Германија изнесуваше 2,5 милијарди евра. Бројките покажуваат дека Германија е исклучително важен трговски партнер за Македонија, но може да се каже дека и Македонија претставува сѐ поважен трговски партнер за Германија.


Доаѓате од Африка, каде престојувавте подолг период, можете ли да направите компарација со регионов, со Македонија?

Има голема разлика кога се прави споредба помеѓу канцеларијата во Македонија и канцеларијата во Африка. Македонија игра улога за германските стопанственици, како и за германските инвеститори во однос на Африка. Претставништвото на германското стопанство во Африка имаше повеќе политичко значење, да се посочи Африка како пазар на германските стопанственици.  Исто така, во однос на квалитетот на образованието на кадрите не може да се направи споредба, во Македонија има многу повеќе стручен кадар. Но и културните разлики играат важна улога, европската култура во Македонија им ја олеснува соработката на германските стопанственици.

Во Африка се соочуваме и со проблеми со снабдувањето со струја, што во Македонија воопшто не е тема.

 

 

 

Поврзана содржина

Реклама