Германија не ѝ испорачува опрема за тенкови на Турција | Свет | DW | 25.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германија не ѝ испорачува опрема за тенкови на Турција

Како реакција на турската офанзива против Курдите во Сирија, германската влада ја блокира испораката на опрема за тенковите „Леопард 2“ на Турција. Конечната одлука треба да ја донесе новата влада во Берлин.

Дополнителната опрема за  борбените тенкови од типот „Леопард 2“,  од германско производство, која ја бара Турција, засега нема да се испорачува. Германската техничка влада одлуката ја стави на мраз, соопшти министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел. Тој за магазинот „Шпигел“ изјави дека сегашната влада е на мислење дека конечен став треба да се остави да донесе идната влада, за која коалицирачките преговори се во тек.

Владин портпарол потврди дека е постигната ваква согласност помеѓу канцеларката Ангела Меркел и министерот Зигмар Габриел.

Сојузната влада е исклучително загрижена во поглед на вооружениот конфликт во северна Сирија и останува на својата определба да не испорачува оружје во подрачја на конфликти, истакна шефот на германската дипломатија.

Турција во 90-те години добила преку 300 тенкови „Леопард 2“ од Бундесверот. Пред неколку денови се појавија снимки кои прикажуваат употреба на вакви тенкови во офанзивата на турската армија против курдската милиција ИПГ во северна Сирија. Габриел на почетокот на јануари му вети на својот турски ресорен колега Мевлут Чавушоглу да ја испита можноста за доопремување на тенковите заради заштита од мини, но тоа беше пред почетокот на турската сириска воена операција.

Во првата реакција по одлуката на Берлин, Чавушоглу изјави дека и натаму се очекува „солидарност на Германија во борбата против тероризмот“, мислејќи на Курдите од ИПГ и Курдската работничка партија, ПКК. Германија и Турција од пред извесно време се трудат да ги поправат заладените односи.

DW.COM

Реклама