1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Негувателката од Мароко, Фатима седум години живее во бирократски метеж во Германија
Негувателката од Мароко, Фатима седум години живее во бирократски метеж во ГерманијаФотографија: Ben Knight/DW

Како новиот закон им дава надеж на бегалците во Германија

Бенџамин Најт
23 јули 2022

Илјадници одбиени баратели на азил во Германија се оставени да се борат со метежот на бирократијата со години. Бен Најт од ДВ се сретна со двајца од оние на кои новиот закон им нуди шанса да останат подолго.

https://www.dw.com/mk/%D0%B3%D0%B5%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%B7%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%BD-%D0%B7%D0%B0-%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B8%D0%BC-%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%B0-%D0%BD%D0%B0%D0%B4%D0%B5%D0%B6-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%B5%D0%B3%D0%B0%D0%BB%D1%86%D0%B8%D1%82%D0%B5/a-62525325

Фатима ги прекрстува рацете, имитирајќи лисици. „Дулдунгот е ваков“, вели таа. „Но, никогаш не сум имала проблем со полицијата. Само треба да им дадете шанса на луѓето.“

Наместо дозвола за престој, мароканската здравствена работничка има Дулдунг (во буквално значење: толерирање), мала, свиткана идентификациска карта што означува „статус на толерирано лице“, што ја чува во нејзината чанта. Овој документ значи дека барањето за азил ѝ било одбиено, но засега нема да биде депортирана бидејќи успеала да најде работа. Таа некое време била и тешко болна.

Фатима ја опишува макотрпната битка со германскиот имиграциски систем во што е претворен нејзиниот живот во последните седум години. Сѐ се сведува на - дозвола за престој. Нема живеалиште, нема стан. Без престој, без работа - освен ако не наидете на разбирање или на очаен работодавец.

Германското Министерство за внатрешни работи моментално подготвува нова законска легислатива наречена „Шанса за право на престој“, која треба да ѝ понуди на Фатима и на околу 135.000 други луѓе како неа едногодишна дозвола за престој, во текот на која ќе добијат шанса да ги исполнат условите за постојан престој.

За Фатима, овој нов закон може да значи разлика помеѓу останувањето во Германија или враќањето во Мароко. „Сега работам овде“, вели таа за ДВ. „Ги завршив курсевите по германски јазик, имам завршено стручни курсеви. Ми се допаѓа Германија, но немам стан и имам многу проблеми. Тоа е голем стрес и грижа.“

Одбиен за азил но толериран, картичката Дулдунг за лицата со толериран статус
Одбиен за азил, но толериран - картичката Дулдунг за лицата со толериран статусФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Клучна работна сила, под закана за депортација

Нејзината Дулдунг-картичка има натпис испечатен внатре, на задната страна, што ги прикажува правилата кои Фатима ги следи во Германија седум години: Таа не може да живее никаде освен во Берлин, не може да работи хонорарна работа или да започне сопствен бизнис, но може да најде работа. Во случај да ги згреши правилата, белешка одзади ја предупредува: „Ова не е дозвола за престој. Сопственикот останува обврзан да ја напушти државата.“

Фатима пристигнала во Германија со својот сопруг, кој е сириски државјанин и затоа - воен бегалец. Така, тој можел да добие жителство. Двојката се развела две години подоцна, тогаш Фатима веќе нашла работа. Оттогаш таа мора да аплицира за нов Дулдунг на секои шест месеци, иако нејзиниот последен, доделен во април, истекува во октомври 2023 година.

Властите не понудиле причина за ова ненадејно продолжување, иако тоа може да има врска со нејзината нова работа: Фатима работи полно работно време во дом за нега, се грижи за луѓе со мултиплекс склероза, а во Германија има очаен недостиг од вакви работници. Особено оние како Фатима: Таа работела десет години како асистент на невролог во Мароко и знае како добро да работи со лицата со посебни потреби.

Но, таа ги поминала последните седум години во сместување за бегалци, делејќи соба со една Молдавка. Вели дека било невозможно да најде стан за изнајмување поради нејзиниот Дулдунг : пазарот на станови во Берлин е толку преполн, што малкумина сопственици можат да ризикуваат да земат некој кој би можел да биде депортиран.

Побрзо ќе добиете на лото, отколку азил!

„Живеам со сто луѓе во дом. Немам сопствена кујна. Заедничката кујна е секогаш валкана. Немам мир, психолошки ми е тешко, не можам да спијам, а морам да станам во 4:30 часот за да одам на работа“, вели таа. „Директорот на домот само вели: 'Немаме друга соба'“.

Иако сè уште не е донесен, и таа не ги знае деталите, ветувањето за новиот закон  во моментов е единственото нешто што ѝ дава надеж.

Приказната на Обада

Обада Хиџо е „толериран“ во Германија само три години, и иако неговата приказна е многу различна од онаа на Фатима, маките му се слични. Како и Фатима, 29-годишниот Палестинец има корисни вештини: бил обучен за полицаец во Турција, пред да се врати на Западниот Брег за да работи за палестинските полициски сили. Меѓутоа, случајот во кој бил вклучен (и за кој не може јавно да разговара од правни причини) резултирал со закана по неговиот живот, што значело дека тој и неговата сопруга морале да ја напуштат земјата.

Тој пристигнал во Германија пред три години, поднел барање за азил, и иако еден судија ги прифатил неговите докази и неговата приказна, друг не ги прифатил и тој бил одбиен. „Тоа зависи само од судијата“, вели тој. Сега веќе нема важечки пасош, а бидејќи е потенцијално во опасност на палестинските територии, нема начин да се врати.

Тој, неговата сопруга и неговата мала ќерка, која е родена во Берлин и сега треба да започне да оди во градинка, западнале во мизерна бирократска неизвесност: Неговиот статус на толерирано лице значи дека неговите квалификации за турската полиција - кои вклучуваат сè, од насочување на сообраќајот до детективска работа - не се прифатени во Германија.

Тоа исто така значи дека за сѐ што се обидел да направи за да се интегрира во германското општество била потребна дозвола: неговите курсеви по германски јазик, кои сега ги има поминато, на пример, или неговата професионална обука: „Канцеларијата за регистрација на странци мора да каже: 'Да, дозволено Ви е да го направите тоа'“.

Обада Хиџо е полицаец од палестинските области, кој живее со „статус на толерирано лице“ во Берлин
Обада Хиџо е полицаец од палестинските области, кој живее со „статус на толерирано лице“ во БерлинФотографија: Ben Knight/DW

Бирократијата понекогаш може да биде брутална: „Кога се роди ќерка ми, добив писмо во кое пишуваше дека мора да се врати во Палестина“, рече тој. „Но, само мојата ќерка. Јас, пак, можев да останам овде, со мојот Дулдунг. Тоа е многу чудно. Но така функционираат нештата во Германија. Така што, морав да пополнам уште една апликација и за неа“.

Хиџо ги поминал последните три години работејќи на различни работни места, вклучително и достава на пакети за Амазон и возење такси. Дури и за наоѓање на таа работа било доволно тешко. Вели дека бил одбиен за четири или пет работни места во изминатите неколку месеци поради неговиот имиграциски статус. Работните места како доставувач, за кои бил примен во други градови (тој повеќе би сакал да живее во помал, помалку стресен град), каде што можел дури и да најде стан, пропаднале: 'Немаш работна дозвола. Не е можно', рекоа."

Сега, тој има барем место во програмата за обука на компанија за обезбедување. Во неа ќе има малку нешта кои веќе не ги има научено во својата полициска обука, но тој нема сертификати кои се признати во Германија за да ја докаже својата квалификација.

Барем обуката му дава шанса да остане доволно долго во Германија, се надева Хиџо, за да може за неколку години да ја добие новата дозвола за престој. „Тоа ќе им олесни на луѓето“, вели тој. „Но, никој сè уште не ги знае деталите за законот. На пример, тие може да кажат: 'О, потребна е оваа германска квалификација, а не оваа.' Сè уште никој не знае“.

„Продолжуваме да читаме 'На Германија ѝ требаат работници'“, вели тој „Но, ние сме тука! И сакаме да работиме!“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница