Напади на интернет, напади во реалноста - грижите на муслиманите во Европа | Информации и анализи за Германија | DW | 10.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Напади на интернет, напади во реалноста - грижите на муслиманите во Европа

Муслиманите во Европа се засилено соочени со закани, напади и говор на омраза. Експерти од Советот на Европа сега сакаат поинтензивно да се позанимаваат со ова и да им дадат препораки на политичарите.

Зборува полека, прави пауза. „Еднаш, пред неколку години, некој нацрта свастики на нашиот ѕид и на прозорците, секоја од нив голема по два метра.“ Со овие зборови имамот А. го опишува нападот врз неговата џамија во мало западногерманско гратче. Еден од многуте. Дали имало повеќе напади во последните неколку години? „Јасно и гласно можам да кажам - да“, вели тој. Ако би користел скала од нула до десет, тој во минатото ќе го поставеше обемот на напади и на омраза на позицијата број два - а денес на шест или седум. (На насловната слика е прикажана џамијата во Дормаген во 2014 година, а не џамијата спомената во текстот. Не го наведуваме целото име на имамот и неговиот град во текстот на негово барање)

Непријателството кон муслиманите, како и непријателството кон Евреите, е дел од секојдневието во Германија. Според германското Министерство за внатрешни работи, во земјата биле регистрирани 1.026 исламофобни злосторства во 2020 година. Ова се официјално регистрираните случаи. Не само во Германија, муслиманите чувствуваат сѐ поголема омраза, особено на интернет, а изложени се и на закани со насилство.

Даниел Хелтген, специјален претставник на Советот на Европа за борба против антисемитизам и непријателство против муслиманите, ги истражува обемот и димензиите на омраза и говорот на омраза во осум европски земји. Тој го спроведе истражувањето во муслиманските здруженија. Станува збор за таканаречена пред-студија. „Резултатите не се ниту целосни ниту репрезентативни“, вели тој. Но, тие, додава тој, се поттик за натамошно истражување. Повеќето здруженија изјавија дека властите треба да сторат повеќе.

„Многу брутален јазик“

Стана јасно, вели тој, дека нападите на интернет против здруженијата се во најмала рака еднакво опасни како традиционалните форми на дискриминација на улица или вербалните напади. Хелтген зборува за користење на „брутален“ и „многу очигледен јазик“. Нападите, вели тој, се множат, а исто така се сметаат за сѐ позаканувачки. Во меѓувреме, додава тој, се упатуваат смртни закани, се изразува отворен расизам и се повикува на насилство. „Ова очигледно се факти кои се кривично релевантни. Значи, не станува збор само за слобода на изразување", вели Хелтген.

Несигурност на молитва

Имамот А. ги опишува последиците од ваквите закани и заплашувања. По нацртаните свастики, бројот на верници на петочната молитва во неговата џамија значително се намалил, вели тој. Наместо вообичаените стотина верници, наредниот пат дошле само десетина. Пред сѐ помладите биле отсутни поради несигурност. Полицијата спроведе истрага за нацртаните свастики, а заедницата се погрижи за поставување на видео надзор. На крајот џамијата беше преместена на друга локација и сега е подобро надгледувана.

Повеќе:

-Австрија и шамијата: Борба на култури во училница

-Уривање на митот за Европа како „христијански културен континент“

-Теророт против муслиманите - напад врз Европа

Но, имамот А. зборува и за писмата. Во нив стои само: „Оди  си дома“, или „Нема што да барате тука“. Пораките се отпечатени или направени од поединечни букви од насловите во весниците, исечени и залепени. „Ние примаме такви писма речиси редовно“, вели имамот. Повремено, вели тој, ни испраќаат карикатури насочени против пророкот Мухамед. Електронски закани имамот добива поретко. Можеби затоа што живее во рурално подрачје.

Daniel Höltgen und Aiman A. Mazyek

Даниел Хелтген, специјален претставник на Советот на Европа за борба против антисемитизам и непријателство против муслиманите и Ајман Мазјек, претседател на Централниот совет на муслиманите во Германија

„Навистина опасни изјави“

Хелтген од своите интервјуа дознал дека голем дел од пораките на омраза не се пријавуваат. Или муслиманите, кои ги добиваат, не знаат каде би го пријавиле тоа или, за жал, дека сметаат оти тоа нема смисла и дека тоа и онака ништо не би променило. И уште едно сознание: „Поголемиот број од пораките на омраза се испраќаат анонимно. Но, прагот на инхибиција опаѓа. Сѐ поприфатливо е, да кажам така, да се објавуваат навистина опасни и расистички изјави на интернет. И тоа е многу загрижувачки“, вели тој.

Специјалниот претставник на Советот на Европа вели дека интернетот е преголем „правен вакуум“. Исто така, вели дека интернетот влијае на потенцијалните следбеници. Хелтген нѐ потсетува дека атентаторите како оној од Хале, нивните дела ги пренесле на интернет за подобро да допрат до други луѓе. И потсетува на „Законот за дигитални услуги“ во ЕУ, кој на крајот на 2020 година интернет-компаниите ги направи одговорни за содржината. Мора да остане на тоа, вели тој. „Платформите мораат да ги почитуваат нашите закони“, додава тој.

„Загрозување на демократијата“

Претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мазјек, зборува за „сѐ уште нов феномен“ кога станува збор за омразата на интернет. Но, во последните години, како што вели, овој феномен масовно е зголемен. Само во Германија во 2020 година се случиле над 1.000 инциденти релевантни за казнен закон, вклучувајќи и напади врз речиси 150 џамии. Тој вели дека се надева оти истрагата на Советот на Европа ќе даде поттик за преземање мерки против оваа омраза. Конечно, како и кај антисемитизмот и расизмот, станува збор за загрозување на слободата и демократијата, вели Мазјек.

Претставникот на Советот на Европа нерадо дава конкретни оценки за политиката која се води во земјите во ЕУ. Но, од некои изјави неговата проценка јасно се гледа. „Експертска група против омразата кон муслиманите“, која германскиот министер за внатершни работи, Хорст Зехофер, ја основаше во септември минатата година, тој ја смета за пример. „Би сакал такво нешто да им препорачам и на другите земји“, вели Хелтген. Таа, вели, би можела да послужи како пример.

Последици

Истражувањето на Хелтген не е репрезентативно, се однесува само на 8 од 47 земји од Советот на Европа, но на оние, во кои живеат најголеми муслимански малцинства: Велика Британија и Франција, Германија и Австрија. Тој најави дека Европската комисија против расизам и нетолеранција наскоро ќе претстави две политички препораки: на крајот на 2021 година за борба против антисемитизмот и на почетокот на 2022 година за борба против омразата кон муслиманите. „Таквите препораки на општата политика се многу ретки“, вели тој.

И имамот А. се надева дека некои политичари ќе ја посетат неговата џамија, или дури некој новинар. „Ние не сме црна кутија. Ние сосема нормално припаѓаме на овој свет тука“.