Избори во Германија: Зошто сиромашните не гласаат? | Информации и анализи за Германија | DW | 14.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Избори во Германија: Зошто сиромашните не гласаат?

Во населбата Хохфелд, Дуизбург, на минатите избори излегле само петтина од граѓаните со право на глас. Во сиромашиот кварт луѓето не очекуваат ништо од политиката. Така би можело да биде и на овие избори за Бундестагот.

 Deutschland Wahlkampf NoNVote Duisburg Hochfeld Mirza Edis

Мирза Едис (л.), кандидат на Левица за Бундестагот

Мирза Едис ни самиот не знае колку километри поминал во својата населба. Тој има 49 години и е кандидат за пратеник во Бундестагот од листата на Левица, во изборната единица Дуизбург. Сака да биде присутен на улица, да разговара со луѓето. Облечен е младешки: фармерки, маица, патики. Тој им се обраќа на сите. Понекогаш прашува за здравјето, другпат сака да слушне какви проблеми имаат луѓето. Со некои зборува на германски, со други на турски, по потреба.

Да се биде политичар во таа изборна единица е тешко. На локалните избори во 2020 година, само 22% од граѓаните со право на глас излегоа на гласање. Во тоа сиромашно соседство, луѓето се разочарани и исцрпени од политиката. Денес, околу 20.000 луѓе од 136 земји живеат во поранешните квартови на работниците во челичарниците. Повеќето од нив зависат од социјална помош.

Мирза Едис од детството е сведок на пропаѓањето на населбата во која израснал. Неговите родители се преселиле од Турција во Хохфелд, Дуизбург, во 1975 година. „Ова е делот од градот што политиката го занемари во последните 30 години. Порано имавме градски базен овде, имавме младински центри, но тие се затворени“, вели Едис, кој одамна се ангажира во синдикатите. Тој сака луѓето тука да го земат животот во свои раце, односно да станат активни и да влијаат на политиката. Но, поголемиот дел од нив нема сила за тоа.

Цела сила се троши за преживување

Студија на фондацијата „Ханс Беклер“, блиска до синдикатите, направена во 2010 година, вели: „Онаму каде што излезноста на гласачите е ниска, процентот на самохрани мајки е двојно поголем, бројот на мигрантите е трипати повисок, стапката на невработеност е четирипати поголема, а бројот од субвенционирани станови е десетпати поголем.“ Сето тоа важи и за Дуизбург-Хохфелд. Единаесет години по објавувањето на таа студија, ситуацијата е дури и влошена. Социјалната нееднаквост е зголемена, а оној што смета дека е турнат на социјални маргини, не оди на избори.

Повеќе:

Неизвесна трка четири недели пред изборите за Бундестагот

Германија: Богатите сѐ побогати, сиромашните - посиромашни

„Во Германија не тече мед и млеко“

Гинтер Спикофски, шеф на народната кујна во таа област, има едноставно објаснување за тоа: „Сиромашните луѓе имаат други проблеми. Повеќето од нив размислуваат како да го наполнат фрижидерот. Оној што се занимава со политика или развива политички концепти, мора да биде способен да размислува долгорочно, а на оној што треба да импровизира сега веднаш му се потребни такви ресурси за да преживее.“ Сега да се најадеш, сега да најдеш покрив над главата, сега да најдеш пари за екскурзија на децата.

Колку тоа „сега“ е тешко за некои луѓе, може да се види при распределбата на храна во народната кујна. Пред кујната, сместена во двор на црква, долго пред отворањето се формира долга редица. Има многу пензионери, невработени и доселеници.

Енергичната Мартина Тидхен, која тука волонтира две години без надомест, ги пушта луѓето да влезат. Колку и да се труди да им помогне, некои имаат проблем да обезбедат сертификат со кој се докажува дека имаат право на бесплатна храна. Други разбираат само фарси или арапски. А Мартина Тидхен не ги зборува тие јазици.

Duisburg | Martina Tiedchen ehrenamtliche Helferin der Tafel Duisburg

Мартина Тидхен, волонтерка во народната кујна Фуизбург, ја организира распределбата на храна

Не веруваат дека нешто ќе се смени

Народната кујна снабдува храна за 400 домаќинства неделно, речиси 2.000 луѓе. Многу пензионери доаѓаат овде со своите торби на тркала. На повеќето им е непријатно да ги гледаат таму. Им замеруваат на политичарите, мислат дека ги довеле во таа ситуација.

Жена на возраст од педесетина години не сака да го каже своето име: „Секогаш одев на избори, работев. Но, тоа веќе не функционираше, бидејќи морав да почнам да се грижам за мајка ми и тоа траеше со години. Не, веќе не одам на избори “.

Амела Јакупи, која ја среќаваме на улица, вели дека има чувство дека не ја почитуваат. Во Германија дошла пред триесет години, а денес е згрозена од тоа колку нејзиниот крај пропаднал. А, притоа, вели, градската управа од неа бара сѐ повеќе за чистење на улиците. Не е ни чудо што луѓето не одат на избори овде, вели таа. И, со кого и да разговараме, никој не верува дека нешто ќе се смени по изборите. Па зошто тогаш да се оди на избори?

Гледај видео 05:10

Сиромаштија на старост

И новодоселените не ѝ веруваат на политиката

Во меѓувреме Мирза Едис пристигна во улицата за шопинг во Хохфелд. Таа улица е главно собиралиште за жителите на Хохфелд: ресторани, хали за игри на среќа, златарници и продавници на мобилни телефони. Попусто бараме бутици или продавници за квалитетна храна. Во споредните улици има многу бугарски ресторани за брза храна или бистроа. Староседелците сметаат дека тие се одговорни за тоа што тука веќе нема луксузни продавници.

Мирза Едис, меѓутоа, смета дека новите доселеници се богатство. „Продавниците не се затворија затоа што доаѓаа луѓе од Романија или Бугарија, туку затоа што германското население се исели од оваа населба. И драго ми е што животот се враќа овде. Исто така, добро е и за градот да има приход од такви фирми.“

Никаде во Дуизбург нема толку многу Бугари и Романци како овде, во Хохфелд. Тие би можеле и да гласаат на локалните избори, бидејќи се државјани на ЕУ. Но, речиси никој од нив не го сторил тоа досега.

Мирза Едис, кој исто така е и претставник во Советот на работници во железарницата Круп-Манесман, забележува дека новите доселеници немаат доверба во синдикатите и политичарите. „Новодоселените воопшто не знаат што прават партиите, за што се залагаат. Поради искуството во нивните земји на потекло, веруваат дека тие се корумпирани и затоа ги избегнуваат.“

Гледај видео 01:55

Како се станува пратеник во Бундестагот?

Демократијата станува проект за елитата

Последиците од неизлегување на сиромашните на избори се фатални. Во една студија на фондацијата „Ханс Беклер“ се наведува дека „незадоволството често води до апатија и откажување од учество во политиката, но не води до протести“.

Шефот на народната кујна, Спикофски, исто така смета дека политичарите не се плашат од сиромашните и затоа досега не ги сфаќаа сериозно нивните проблеми. „Мислам дека фрустрацијата расте, но сиромашните нема да започнат револуција. Затоа работите остануваат такви какви што се “.

Duisburg | Günter Spikofski Chef der Tafel Duisburg

Спиковски: Сиромашните нема да започнат револуција

Мирза Едис не сака да остане така. Тој не сака на избори да излегуваат само образованите и богатите. Затоа има намера да помине уште многу километри во своето соседство со цел да ги охрабри и староседелците и новите доселеници да учествуваат во демократските процеси. „На локалните избори ми недостигаа само 168 гласови за да бидам кандидат со најмногу гласови“, вели Едис со самодоверба. Ако стане член на Бундестагот, ќе биде еден од ретките пратеници без факултетска диплома. Но, затоа ќе биде глас повеќе за сиромашните.