Германија: Армиски генерал на чело на кризниот штаб против корона | Информации и анализи за Германија | DW | 30.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија: Армиски генерал на чело на кризниот штаб против корона

Новата германска влада ќе формира кризен штаб за сузбивање на пандемијата кој ќе треба да делува ефикасно. Со штабот ќе раководи генерал на Бундесверот.

Генерал-мајор Карстен Бројер

Генерал-мајорот Карстен Бројер во иднина ќе раководи со кризниот штаб за справување со пандемијата на коронавирусот во Германија

Во екот на четвртиот бран на пандемијата и стравот од брзо ширење на сојот омикрон, Германија засилено се потпира на својата армија за ефикасно справување со коронавирусот.
Новата германска влада сака „што побрзо“ да формира нов кризен штаб за сузбивање на пандемијата. „На чело ќе биде еден германски генерал“, објави на Твитер Кристијан Линднер, претседател на Либералите и иден министер за финансии. 


Според информациите на весникот „Зидојче цајтунг“, се работи за генерал-мајорот Карстен Бројер. Тој е на чело на командата за територијални задачи на германската армија- Бундесвер од 2018 година. Тоа тело е задолжено за соработка на воените сили со цивилните организации. Од избивањето на пандемијата на коронавирусот во Германија, 56-годишниот генерал постигнал одлични резултати, велат упатените, пред сѐ кога станува збор за реализација на барањата за помош кои во одредени периоди масовно пристигнуваа во Бундесверот. 

Поддршката на Бундесверот 

На почетокот на 2020 година, германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер во рамките на Бундесверот формираше контингент за пружање помош во сузбивање на пандемијата. Таа го задржа контингентот и во текот на летото, и во време кога многумина сметаа дека треба да се распушти затоа што ситуцијата се смируваше. 
Уште еден генерал-мајор повеќе од една година беше вклучен во борба против короната. Тоа е лекарот на главниот штаб Ханс-Улрих Холтерм, кој претходно беше управник на воената болница во Улм. Од март 2020 година, Холтерм го води одделот под име „Заштита на здравјето, здравствена безбедност и одржливост“, кое тогаш беше основано во склоп на сојузното Министерство за здравство. Тоа тело, меѓудругото, е задолжено за секојдневно известување за состојбата со пандемијата. 

Војници во кризниот штаб 

Невообичаено е на чело на кризниот штаб да биде офицер. Дури и за време на катастрофалните поплави во 1962 година на брегот на Северното море кога животите ги загубија 340 луѓе, Бундесверот беше вклучен во акциите, но не беше директно врзан за кризниот штаб.
Воените експерти во новото именување гледаат пред се маркетинг. И го поставуваат прашањето дали првиот човек на кризниот штаб ќе му биде надреден на идниот министер/ка за одбрана. Портпарол на актуелната влада, Штефен Зајберт, пак, тврди дека и во иднина за насоките во борбата против короната ќе одлучуваат политичарите.

Германија Коронавирус Бундесвер

Германски војник помага во Здравствен дом во Ален за време на пандемијата

Кристијан Линднер, пак, вели дека кризниот штаб е важен за логистиката на вакцинацијата. А токму таа логистика, Бундесверот ја организира со месеци. Воените установи на почетокот на кампањата ги складираа и распоредуваа вакцините, а во меѓувреме во тоа се вклучени и цивилни фирми. Во контингентот „Пружање помош против корона“, во одредени период беа вклучени и до 25.000 војници, во текот на летото нивниот број падна на 2.000, а сега повторно расте и моментално брои 8.000 припадници на Бундесверот. 

Промена на курсот 

Со претстојната промена на власта, во Германија се смени и политичкиот курс. Откако беше ставен крај на примената на инструментите на вонредна епидемиолошка ситуација, со кои владата на канцеларката Ангела Меркел ја водеше земјата низ пандемијата и повеќе пати целосно ја блокираше со долги локдауни, сѐ уште не е целосно јасно како ќе постапува новата влада. Коалицијата составена од социјалдемократите, зелените и либералите во прв ред не сака едно нешто- нов локдаун, иако некои нивни политичари во меѓувреме не го исклучуваат ни тоа.
Новата влада веројатно ќе ги преземе функциите на 8 декември. Но, расте незадоволството поради тоа што се чека тој датум за да се донесат нужни политички одлуки. Сега се најавува дека идниот канцелар Олаф Шолц наскоро ќе се изјасни на таа тема заедно со генералот Бројер. Потоа кризниот штаб би можел да почне да дискутира, па и да одлучува и пред новата влада да ја преземе власта.

DW.COM