Геноцидот на Хандке | Информации и анализи за Балкан | DW | 13.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Геноцидот на Хандке

Хандке под закрила на книжевното дело ги навредува или негира жртвите, настрана што јавно го правел истото. Кукавички ја користи уметноста како оправдување и маска за својата човечка нискост и беда. Пишува Ивор Мицковски

Пред еден геноцид, а Сребреница е најдобро, најдетално и најпрецизно документираниот геноцид во историјата на човештвото, постојат две страни, онаа на џелатот и онаа на жртвата. Нема трета страна, не постои (по)објективен поглед од реалното, не постои ниту субјективност поважна од очигледната вистина. Правно, морално и материјално константиран геноцид не може да се стави под знак прашање, да се дискутира или проблематизира, тоа е факт и ништо и никој не може да го негира. Но, некои се обидуваат...

Хандке,  наводно големиот испрашувач и толкувач на алтернативните поимувања на реалноста, хроничарот на малите нешта, на нештата кои него го интересираат, на малите аспекти на реалноста (каде се крие боженственото), всушност пропаѓа како автор кога се обидува негационистичката логика да ја пренесе врз еден од најголемите масакри на човештвото и на еден од најголемите крвници во историјата.

Хандке покрај гигантографијата на Милошевиќ од неговиот погреб, е всушност малото, немаркантно нешто кое го истакнува есенцијалното. Можеби овој погреб и контекстот во кој потоа се втурнува е само уметничка проценка, естетска проценка и провокација на уметникот, можеби неговите прошетки низ Србија и Босна не се реални наративи, тие се уметнички потраги по алтернативната вистина. Можеби!

Лагата за незнаење

Но, во тој политички процес на уметничко самозалажување,  Хандке го убива уметникот банализирајќи го  и правејќи го историско-политички слепец кој одработува ужасни идеолошко-политички каузи, а потоа кажувајќи дека не мислел ништо особено, го убива и човечкото во себе, сведувајќи се себеси на нешто минимално, нешто минорно, невредно за споменување. Не е Хандке тука проблемот како неодговорен или аполитичен уметник, проблемот е нечовечноста на тој што очигледно е способен за комплексни, онтолошки, епистемолошки, емотивни, морални и естетски расудувања за состојбата на човештвото. Односно, лагата е дека не разбира, дека не мислел ништо, дека му е сеедно. Не,  на Хандке не му било сеедно и одлично знаел во какво злосторство се втурнува.  Негационизмот е само последниот чин на еден геноцид. Или како што Бернард Леви одлично го сублимира: „се верува дека негационистите искажуваат некакво мислење, кога тие всушност го перпетуираат злосторството. Претендирајќи дека се слободни мислители, апостоли на сомнежот, всушност го довршуваат делото на смртта“.

Лажен бил и Хитлер, Мусолини, Младиќ, Караџиќ, Капор, Кустурица, Шешељ, Вучиќ сите тие се лажни дека нивните мислења, одлуки и постапки биле некако нужни и оправдливи, за некој политички, за други етички, за трети идеолошки или историски детерминирани, дека не препознавале што сториле, каков злостор поттикнале или поддржале, додека некои продолжуваат да го емулираат тоа. Лага е воопшто тоа нивно мислење или таа нивна поза, дека како уметници, писатели, учители, политичари или обични месари, нивната сопствена вистина е поголема од вистината која е пред очите на сите останати, и дека тие имаат право на таквата лажна слобода на мисла и говор.

Таа лага се гледа во барањето на Хандке жртвите да не се жалат, како што тој самиот одбива да говори за злосторствата против човештвото. Бара жртвите да се изедначат со неговата ситничавост, за тој да може својата минорна и субјективна позиција да ја презентира како нешто грандиозно. Дека тој едноставно не знае! Дека знае дека не знае. Како што ќе каже на погребот на Милошевиќ, дека тој не ја знаел вистината, но гледал, слушал, чувствувал, помнел, и преиспитувал?!

Фотографијата, за разлика од зборот е безмилосна

Во еден дел од своите морално дубиозни наративи околу Босна, Хандке се нафрла врз фотографите на цивилните жртви, одејќи дотаму да каже дека жртвите позирале за да делуваат понапатени.

Но, изгледа Хандке добро знае дека јавно искажаниот збор лесно може да се негира или да му се противречи, додека фотографијата за разлика од зборот е безмилосна, таа е непобедлив доказ, цврсто сведоштво. Зад секоја фотографија постои некоја историја, ќе напише Сузан Сонтаг. И безброј слики како оние на Алија Акшамија, познат по фотографијата на еден друг нобеловец, Иво Андриќ покрај протагонистот на својот роман, мостот на Мехмед Паша Соколовиќ, ќе помогнат да се добие лицето на илјадници злостори, силувачи и убијци за време на војната во Босна. Фотографската архива на Акшамија ќе се најде како бесценета за идентификување на џелатите од Вишеград. Многумина од нив овековечени во неговите слики, еднаш дојден моментот на одговорноста, ќе се правдаат дека станувало збор за недоразбирање, правдајќи се преку контекстот, префрлајќи ја вината на сведоците, дека не виделе добро, дека се помешале, па критикувајќи дека некој фалсификувал, на крај заканувајќи се.

Фотографиите беа еден од најсилните инструменти на документација за време на војната во Босна, и дадоа огромен придонес во моделирањето на меморијата, па дури и историјата на одредени настани. Но, судбината на една фотографија најчесто не е во рацете на самиот автор, нешто што тешко може да се каже во случајот со пишаниот збор на Хандке. И тука Хандке се издава.

Хандке има проблем со вистинитоста, со наративот и меморијата кои демистифицираат, со објектите и субјектите кои документираат, со сите инструменти кои произведуваат отрезнувачка историја на настаните. Хандке преферира да го мистифицира и да го ретушира тоа што е очигледно, а најчесто, воопшто и да не го споменува и да го премолчува. Тука може да се идентификуваат неговите симпатии, но и методи вкоренети длабоко во национализмот, степен на омраза кој може да се сведе единствено на расизам.

Постои и одредена ревизионистичка и расистичка природа во целото оправдување на Хандке, нешто што оди во чекор со современите политички сфаќања на оние автори кои пред се го интерпретираат Хандке и поновата европска историја. Тие автори од левичари станаа десничари, од интернационалисти и прозападни, станаа антиевропски и антизападни, склони кон теориите на заговор. Релативизмот на Хандке и на неговите поддржувачи нема да се манифестира единствено низ призмата на уметничкиот ескапистички негационизам, туку и низ негирање на самите судски одлуки донесени во Хаг, односно, директно негирајќи ја фактичката состојба, или пак директно исмејувајќи ги жртвите во прашање.

Книжевен фалсификатор

Тоа е уште една потврда дека разделувањето на авторот и делото е само бесмислица на оние кои го поддржуваат Хандке и кои останати без каков било аргумент заглавуваат во една така очајна позиција. Хандке докажа дека тој тотално и во целост, како автор и преку своите дела, интелектуално и јавно го негира геноцидот и злосторствата на Србија на Милошевиќ. Хандке е тој којшто позади закрилата на книжевното дело ги навредува или ги негира жртвите, настрана што јавно го правел истото. Оттука Хандке е тотално виновен за своите јавни позиции, но е виновен и што лаже преку својата уметност, односно, кукавички ја користи уметноста како оправдување и маска за својата човечка нискост и беда. Тоа пак кажува дека така поставениот уметник не е само политички, правен и историски негационист и ревизионист, не е само политички опортунист, туку е и врвен книжевен фалсификатор.

Значи тука не зборуваме за историјата, таа е кажана и јасна. Не зборуваме ниту за уметноста и слободата на авторот, не зборуваме за некаква си политичка коректност против антикомформистите, не зборуваме за ништо од тоа. Тие прашања се само алиби и интелектуални измами за оние кои сакаат да ги негираат некои од најголемите човекови злосторства. Тука станува збор за негационизам, за луѓе, за посебни ментални структури кои веруваат дека треба да негираат дека одредена реалност се случила. Тоа не може да биде случајот кога станува збор за геноцид.

Геноцидите можеби не секогаш се „исти“, но се „проклето“ слични. И тоа најдобро го знаел, најдобро го констатирал одреден Адолф Хитлер, кој токму бил обележан, погоден или инспириран од еден друг геноцид, оној Ерменскиот. Би требало сите да ја знаеме неговата позната реченица, кажана во август 1939 година пред насобраните генерали, уште пред инвазијата на Полска: „Кој денеска уште зборува за истребувањето на Ерменците“?

Вистината е дека на Хитлер ерменскиот пример му послужил уште многу рано за да се убеди дека во контекстот на една Светска и тотална војна може да го реши „еврејското прашање“. Ерменскиот геноцид се смета за првиот геноцид, „прв“ во секоја смисла. Како пример и основачки грев на човештвото, како геноцидна лавбораторија за нацистите, како опција за финални решенија за оние кои претендираат, што би рекла Арент, да одлучуваат кој има, а кој нема право да живее на оваа Земја. Потоа доаѓа Шоата, холокаустот, Руанда, Камбоџа, Дарфур, Босна.

Истата бедна реторика

И ако малку ве интересира историја или истражите ќе забележите дека приказните на негационистите, биле од ерменскиот геноцид, еврејскиот или геноцидот во Сребреница, секаде се исти, сека постои истата бедна реторика, релативизам, минимизирање, правдање. „Не биле толку мртви, помалку биле“. „Не убиваше само едната страна, и другите пукаа“. „Нормално е во воен конфликт да има многу жртви“. „Помалку ли вредат жртвите на убиените Срби или Турци или уништениот Дрезден, или бомбардирањето на Србија од НАТО“. Тактиката е да се рационализира, да се минимизира, да се заменуваат улогите, да се релативизира и конечно, да се негира. Но, ништо не го менува фактот, геноцидот, или злосторството против човештвото не е случајно злосторство, не е последица на раптус (макар и колективен), геноцид не се спроведува по грешка, додека се правел обид за нешто друго.

Геноцидот не е спонтана акција, секогаш станува збор за проект, добро испланиран, системски организиран и реализиран. Потребна била огромна и добра организација за во една недела да се убијат 8 илјади луѓе, да се ископаат масовни гробници, тие да се закопаат, и потоа да се есхумираат телата и повторно да се закопаат во некоја втора и трета гробница. Тоа не е работа за аматери, и не може да се случи во рамки на една импровизирана, ад хок акција. Фактот дека Србите ги есхумирале телата од масовните гробници со цел да ги преместат на друго место говори дека биле свесни за тоа што го направиле и дека се обиделе тоа да го сокријат. Во геноцидот во Сребреница, и тоа е документирано, автобусите кои ги транспортирале босанските муслимани до местото на егзекуција, припаѓале на српски јавни претпријатија кои биле наменски донесени од Србија за таа цел. Истото важи и за машините и багерите за копање на масовните гробници. Куршумите кои биле употребени за егзекуција на жртвите потекнуваат од фабриката Застава од Крагуевац.

Претходни колумни од авторот: 

Во каква НАТО Алијанса влегува Македонија?!

Земјотресот кој ризикува да нѐ помири

Малошенгенска унија, мало сутра!

Најголемата загаденост е во мозоците на власта

Значи, геноцидот е смислено злодело на државата и нејзините институции, преку нејзините репресивни апарати, односно војската и полицијата, како и политички поддржаните паравоени формации. Геноцидот не е само Сребреница, како што Холокаустот не е само Аушвиц. Геноцидот е процес. Босна од 1992 до 1996 има илјадници големи и мали Сребреници.

Не постои геноцид без идеологија. Идеологијата во случајот беше српскиот национализам. Многу од луѓето кои убиле ненаоружани и врзани босански муслимани не би го направиле тој злостор во нормална ситуација. Српскиот национализам и нивните лидери ги подготвувале и охрабрувале луѓето на тоа. Идеологијата ги ослободувала од чуството на вина, однапред. Речиси сите џелати кои беа судени и осудени, и ова не важи само за Сребреница, пред Судот се бранеа повикувајќи се дека ја бранеле „татковината“, „народот“, „знамето“. Односно, се повикуваа на симболите, а не на фактите, на кои се базира една идеологија. Ниту еден не се правдаше дека направил злостор заради одбрана на својот дом, мајка, деца.

Србија и понатаму спроведува државна стратегија на негационизам и не ги признава своите злодела. Хандке е еден од многуте бедни човечки примери кој се ставил во нејзина одбрана, во одбрана на нејзините џелати, во смислен план како да се негира реалноста, жртвите, одговорноста. Оттука Австриецот е дел од геноцидот, како негов негатор, тој не е надвор од злосторот, туку суштински е дел од него.

Препознавањето на личната вина е пред се и над се, цивилизациско прашање. Да имаш сочувство за жртвите, наместо да ги замолчуваш, е неопходен минимум за еден човек. Хандке не е дел ни од едното, ни од другото.