Гаспром не дава доволно гас за С. Македонија: Скопјани можат да останат без парно греење од 1 јануари | Северна Македонија | DW | 30.12.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Гаспром не дава доволно гас за С. Македонија: Скопјани можат да останат без парно греење од 1 јануари

На два дена пред почетокот на новата година, во тек е трескавична потрага по природен гас со кој ќе се обезбеди парното греење во Скопје. Доколку денеска не се најде решение, Скопје може да остане без парно греење.

Првиот ден од новата 2022 година за речиси 60 илјади скопјани може да биде многу студен. Корисниците на парно греење на компанијата БЕГ (Балкан Енерџи Груп) од 1 јануари можат да останат со студени грејни тела затоа што не е набавена потребната количина гас за следната година. Како што во моментот стојат работите, на помалку од 48 часа до истекот на годината, природен гас за потребите на корисниците во Скопје, не е набавен. Алтернативните опции се набавката да оди преку БЕГ, но оттаму потоа да им го наплаќаат парното греење на корисниците по далеку повисоки цени, или Владата да ја субвенционира набавката со најмалку 13 милиони евра и да нема покачување на цената. Од БЕГ најавија дека ќе одговорат на прашањата на ДВ на оваа тема во текот на денот. Од Владата велат дека преговорите се во тек. 

Очекувањата биле дека „Макпетрол“ ќе ги набави потребните количини гас за следната година во договор со рускиот „Гаспром“, откако од БЕГ се пожалија дека немаат пари за набавка. Макпетрол во средата се пофали дека бил постигнат договор со рускиот енергетски гигант, и тоа по 30% пониска цена од берзанската, но притоа соопшти дека договорената квота не го опфаќа и БЕГ. Притоа, во изминатите години, набавката на гас за БЕГ одеше преку неговиот сопственик- АД ТЕ-ТО чија централа ја произведува топлинската енергија за Скопје и за поголемиот дел од државата, а фирмата се јавува и како трговец со гас.
Според последните информации, Макпетрол денеска повторно се вклучил во преговори со Гаспром за да се обезбедат дополнителни количини за потребите на БЕГ. 

Кој ќе плати: корисниците или Владата? 

Според информации на Дојче веле, од Гаспром, за следната 2022 година, требало да се обезбедат околу 400 милиони кубни метри гас, колку што се потребите на индустриските капацитети и домашните потрошувачи во Северна Македонија. Руската компанија, наводно, одобрила само 100 милиони кубни метри гас.

Русија | Гаспром

Се преговара со рускиот Гаспром за дополнителни количества гас за Северна Македонија

Речиси истовремено, во средата исто така беше обелоденето дека БЕГ испратил барање до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за зголемување на цената на градското парно за 300 проценти. Од РКЕ му возвратија на БЕГ со барање докази за цената по која компанијата планира да набавува природен гас. Според неофицијални проценки, на БЕГ му се потребни околу 38 милиони кубни метри гас за да „ги згрее“ скопјани во текот на зимската сезона. Но, паралелно со јавното барање за зголемување на цената на парното, според извори на ДВ, БЕГ од владата бара околу 13 милиони евра за набавка на гас. Доколку се прифати таквото барање, не би имало зголемување на цената. 

Мазутот како излезно решение?  

Од владата не ја коментираат оваа информација и велат дека до нив нема пристигнато такво барање од БЕГ.
„Деновиве веќе треба да се знае по која цена е обезбедена количината на гас потребна за државата за наредниот период. Преговорите сѐ уште не се завршени“, велат од владата, но дополнуваат дека доколку има потреба „ќе се преземат и вонредни мерки за заштита на економската стабилност на домаќинствата“. Сепак, од владата за ДВ тврдат дека тие не се страната која преговара со Гаспром за увоз на гас. Тоа веројатно го прави Макпетрол, но извесно е дека сметката на крајот ќе се плаќа од државниот буџет, затоа што на владата не и остануваат многу опции за надминување на сѐ поизгледната криза. 

Македонија Парно Греење

Доколку не се набави гас, парното греење ќе треба да се префрли на мазут

Доколку актуелниот енергетски ќорсокак не се реши набргу, проблемот ќе мора да се решава со увоз и користење на мазут за производство на топлинска енергија. Единствено излезно решение, во таа варијанта, е владата да прогласи нова енергетска кризна состојба и по итна постапка да увезе мазут. Дополнителниот проблем што може да произлезе од тоа решение е нивото на загадување кое овој енергенс ќе го предизвика во главниот град, затоа што, доколку еднаш започне производството на топлинска енергија со мазут, тој процес ќе трае до крајот на грејната сезона. 

Зависност од рускиот гас  

Северна Македонија е целосно зависна од рускиот гас кој доаѓа од Бугарија преку ткн. Трансбалкански гасовод. Компаниите ТЕ-ТО и БЕГ се во сопственост на руски бизнисмен преку фирми регистрирани на Кипар и Британските Девствени Острови. Во јуни 2019 година, Финансиската полиција отвори истрага за пријавување лажен стечај во ТЕ-ТО АД, како и за перење пари. Компанијата ги демантираше наводите на Финансиската полиција, а неколку месеци подоцна успеа да добие и државна помош од владата. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во декември 2019 година соопшти дека нема докази за перење пари и ја отфрли кривичната пријава во тој дел, за речиси една година подоцна да се отфрли и пријавата на Финансиската полиција за лажен стечај.

 

DW.COM