Втор корона-бран: колку е подготвена Германија? | Свет | DW | 05.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Втор корона-бран: колку е подготвена Германија?

Борбата против короната во Германија досега одеше релативно добро. Зголемениот број летувалци кои се враќаат во земјата и почетокот на наставата повторно го наметнуваат прашањето - подготвена ли е земјата за втор бран?

Мекленбург Предна Померанија, Хамбург, Берлин, Бранденбург, Шлезвиг Холштајн и Северна Рајна Вестфалија - до средината на наредната недела во овие шест германски покраини почнува новата училишна година. По затворањето на училиштата во март, онлајн-настава со месеци и само ретко појавување во училишните клупи пред почетокот на летниот распуст, сега се планира нормално одржување на наставата. Ќе биде ли тоа можно?

„Сите копнееме по нормалност, но се наоѓаме во ситуација која што не е нормална“, предупредува претседателот на сојузот на лекари „Марбургер Бунд“, Сузане Јона, која смета дека Германија, со оглед на повторното зголемување на бројот на инфицирани, е веќе зафатена од втор бран на коронавирус. „Веќе сме зафатени од втор, благ бран на пораст“, вели Јона во интервју за весникот „Аугсбургер Алгемајне“.

Повеќе:

На училиште и покрај Ковид-19: како ќе функционира тоа?

Дали коронавирусот во Германија доаѓа од Балканот?

Германија: Од утре бесплатни корона-тестови за сите летувалци

Состојбата со коронавирусот во Германија е „многу загрижувачка“, вели водечки експерт

Дисциплината попушта

Бран на инфекции кој се’ додека нема лек може да се сузбие само со придржување до правилата за растојание и хигиена, опоменува лекарката. Но, за тоа е потребна дисциплина, а таа значително попушта кај се’ поголем број граѓани. Како ќе се однесуваат учениците кон правилата кои ќе важат во новата школска година?

Променетите патеки за движење во училишните згради, со цел да нема блиски средби, одвоен приостор за секое одделение во училишниот двор, временски поместен распоред на часови - тоа се мерките со кои би требало да се избегнат директни средби на учениците. „Нема логика ако наутро се поздравите во трамвај со гушкање и бакнежи, а потоа доаѓате во училиштето и држите дистанца“, ги опоменува своите ученици на почетокот на школската година Маркус Ример, директор на една гимназија во Росток.

DEutschland | Schulbeginn in Mecklenburg-Vorpommern (picture-alliance/dpa/J. Büttner)

Како ќе се однесуваат учениците кон правилата кои ќе важат во новата школска година?

Рамо до рамо во училниците

Растојание може да се држи само надвор од училниците, зашто тие повторно ќе бидат полни. Само така е можно враќање на регуларна настава. За се’ друго нема доволно наставници. Најнаселената покраина Северна Рајна Вестфалија ги обврзува учениците и наставниците да носат заштитни маски во училниците - за децата од петто одделение нагоре. Во други покраини се смета дека такво нешто е претерано и маски се бараат прво само за времето надвор од часовите.

Притоа, уште сега е јасно дека во училниците ќе се вратат и инфицирани ученици. Првите анализи на корона-тестирањето, кое им е понудено на летувалците кои се враќаат од ризични подрачја во странство, покажуваат дека во просек 2,5% од тестираните се заразени со вирусот. Но, само 40% од летувалците се тестирале при враќањето. Вистинската бројка на заразени, значи, би можела да биде и пониска и повисока.

Гледај видео 01:19

Пандемијата им го отежна животот на странските студенти

Кога ќе дојде обврската за тестирање?

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан затоа работи на закон за обврзувачки тестови. „Го имаме првичниот предлог-текст, но сакаме тоа добро да го усогласме со покраините, зашто тоа треба да се спроведува таму, на аеродромите и железничките станици. Дотогаш важи правилото за двонеделен карантин за оние кои се враќаат од ризични региони.“

Но, кон таквото правило се придржуваат се’ помал број погодени лица. Дотолку повеќе што делумно им се олеснува непочитувањето на обврската за карантин. На пример, на оној кој од САД доаѓа во Берлин, на аеродром му се дава замо лист хартија на кој стои дека по пристигнувањето треба да се јави кај надлежниот Институт за здравје. Споредба на бројот на пристигнати патници и пријавени во институтите за здравје не се прави. Роднините на лицето кое се вратило од патување и е во карантин, иако живеат во исто домаќинство, смеат слободно да се движат.

Deutschland Reiseverkehr am Flughafen Frankfurt (picture-alliance/dpa/A. Arnold)

Само 40% од летувалците се тестирале при враќањето во Германија

Ќе има повеќе инфицирани

Улрике Процер, виролог од Минхен, предупредува и дека тестот може да биде негативен поради тоа што некој се наоѓа во инкубациона фаза, а да излезе позитивен дури по три-четири дена. „Тоа може да се исклучи само со втор тест во рок од четири до пет дена, односно додека се добие втор негативен тест, а дотогаш треба да се избегнуваат контакти“, изјави таа во интервју за АРД.

Здравствените власти сакаат да избегнат растечки број на новоинфицирани со тоа што брзо би се препознавале и спречувале регионални жаришта. Болниците се подготвени за зголемен број на пациенти со Ковид-19, вели претседателката на „Марбургер Бунд“, Сузане Јона. Со оглед на тоа што вториот бран се движи побавно, креветите за интензивна нега нема да бидат ставени на располагање паушално на сојузно ниво, туку тоа ќе се прави во неколку фази.

Истовремено, политиката сака да се задржи секојдневниот живот колку што е можно повеќе. Она што во секој случај треба да се избегне е нов карантин во целата земја и затворање претпријатија, продавници, но и училишта. „Наше цврсто политичко уверување е дека веќе не смее да се случи ништо слично на она што се случи пролетоска“, вели министерката за образование во Шлезвиг Холштајн, Карин Приен во интервју за радио Дојчландфунк.

Политиката притоа полага надежи и во техниката. Корона-апликацијата за предупредување, која следи дали нејзините корисници дошле во контакт со заразено лице и дали од тоа може да произлезе повисок ризик од зараза, во меѓувреме ја имаат симнато 16,5 милиони граѓани. Од помош треба да е и апликацијата на институтот Роберт Кох, чии корисници го мерат пулсот, бројот на чекори и слични податоци и тоа го ставаат на располагање на науката.

Проектот во меѓувреме е толку напреднат, што наскоро би требало онлајн да биде пуштен систем за мониторинг, односно за идентификација на кластери на зараза.

Реклама