1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Вранишковски во Бигорски видел селски панаѓур

20 октомври 2020

Писмото на Пендаровски до вселенскиот патријарх Вартоломеј се најде под критика на Вранишковски. Причината за претседателската посета на Бигорски манaстир тој ја сведе на „селски панаѓур“.

https://p.dw.com/p/3kABN
Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Серија критики на сметка на македонскиот државен врв изнесе владиката Јован (Зоран Вранишковски), расчинет од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а кого СПЦ го признава како скопски митрополит и архиепископ на Православната Охридска Архиепископија-ПОА. Во „ексклузивното интервју за српски „Блиц’“ под наслов „Самостојна македонска црква би била штетна за православието“, неговите критики се упатени кон писмото што македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна ги испрати до Вселенскиот патријарх, со барање тој да го искористи неговото апелационо право за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

„Претседателот на Северна Македонија требало прво да се информиран за тоа што значи „апелационо право“ и дали Цариградската патријаршија го има, за да решава прашања што се во јурисдикција на други автокефални цркви. Вака, изгледа несериозно претседател на една држава да бара нешто, што адресата на која се повикува не е во можност да му го испорача“, вели Вранишковски.

Посочувајќи го примерот со Украинската црква, српскиот медиум се интересира дали за МПЦ да добие самостојност, сепак, вистинската адреса е онаа на Вселенскиот, а не на српскиот патријарх.

„Адресата не е точна, и за жал, со ваквите постапки, претседателот на РСМ докажа дека е целосно изгубен на таа позиција. Северна Македонија не е теократска држава и претседателот нема право да привилегира една верска заедница на сметка на друга. Ова го говорам затоа што пресудата на Европскиот суд за човекови права Православната Охридска Архиепископија да биде регистрирана како верска заедница во РСМ, не е исполнета од 2017 година, кога е донесена, а претседателот ниту еднаш за три години не се заинтересира до каде е дојдено со исполнување на таа пресуда“, вели тој.

Незнаење или детинеста провокација

Очигледно интервјуто е реализирано неколку дена претходно, со оглед дека во него Вранишковски ја најавува посетата на претседателот Пендаровски на Бигорски манастир, (која веќе е реализирана) но без да го спомене поводот за тоа: 1000-годишнината од основањето на манастирот. Во интервјуто тој изразува загриженост за превентивата од Ковид-19, а причината за претседателската посета на манастирот ја сведува на „селски панаѓур“.

Die orthodoxe Kirche Hl. Hovan Bigorski in Skopje
Фотографија: DW

„Најважно му е ( на претседателот-н.з) што следната недела ќе оди на селски панаѓур во Бигорскиот манстир на МПЦ, како што нашироко се највува, и тоа во време кога за сите граѓани важат прописи за прекин на масовни собири заради Ковид“, вели Вранишковски.

Повеќе:

-Остануваат поделбите во православието, МПЦ се надева на решение

-Слободата на Вранишковски ќе го одмрзне дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ

-На пат до Цариград - обид за решавање на уште еден спор

И покрај ваквите споредби, додава дека не го кажува тоа за да го деградира претседателот, туку за да констатира колку претседателот самиот се деградирал со неговите постапки.

Запрашан дали државниот врв на Северна Македонија со обраќањето до Вселенскиот патријарх ја деградира СПЦ која е матична црква, или го користи конфликтот меѓу Цариградската и Московската патријаршија за украинското прашање, со цел во време на кавга во православието да се издејствува самостојност за МПЦ, Вранишковски одговара дека тоа е направено по наговор на еден митрополит на МПЦ, кој е исклучително близок со премиерот на РСМ, па државниот врв добил впечаток дека е добро време да се постапи на ист начин и за МПЦ, по примерот на Украинската црква.

„Еден од митрополитите на непризнатата МПЦ успеа да го измами државниот врв да го бараат невозможното“, вели Вранишковски.

„Ако се малку трезвени, и оние од државниот врв и епископите во МПЦ, би се сетиле колку непријатности донесе едностраното признавање на автокефалноста на еден дел од црквата во Украина од Цариградската патријаршија. Неа ја признаа само три од 14 други помесни цркви. Ако истото неканонско признавање на автокефалноста се примени и кон МПЦ, сигурен сум дека ни толку цркви нема да го прифатат тоа“, тврди тој.

На прашањето дали потегот (писмото-н.з.) е нова провокација за СПЦ, тој смета „дека можеби и не било замислено како провокација, колку што станува збор за несмасност и незнаење на нештата, но ако е провокација, таа е целосно несериозна и сведочи за ниското, поточно детинесто ниво на провокаторите“.

Mazedonien Orthodoxe Weihnachten Feier in Skope
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ништо спорно

Што напиша Пендаровски во писмото до вселенскиот патријарх?

„Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани коишто се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква да го употребите своето апелационо право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот, напиша шефот на државата“, се вели во писмото од македонскиот претседател.

По Пендаровски, и премиерот Заев испрати писмо до поглаварот на Цариградската патријаршија, во кое се навраќа на средбата во Истанбул, на која беше побарана негова асистенција и заложба Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да биде признаена како автокефална црква и да биде примена во заедницата на помесните православни цркви.

Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот Пендаровски неодамна изјави дека не гледа ништо спорно во писмата што се испратени до вселенскиот патријарх.

„Не постои ниту една држава од православниот свет што не ја подржувала и денес и порано својата православна црква за да биде повидлива во семејството на православни цркви. Она што треба да се спомене, а не го гледам во тие анализи кои забележуваат мешање на световната и црковната власт, е неоспорен факт оти Македонската православна црква и кога не сме имале држава, била во заштита на македонскиот идентитет“, изјави претседателот.