Во Сараево се бранеа европските вредности | Свет | DW | 06.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Сараево се бранеа европските вредности

Со убиството на двајца мирни демонстранти пред 25 години во Сараево српските националисти сакаа да го уништат мултикултурниот идентитет на градот и на цела Босна. Во тоа успеаја, смета Ерих Ратфелдер.

Пред 15 години, на 5. април 1992 година, на една мировна демонстрација во Сараево, беа убиени две лица. Иако во Босна и Херцеговина и претходно доаѓаше до одделни вооружени напади, убиства и прогони, овој напад на босанско-српските снајперисти во Сараево ја маркира точката од која веќе немаше враќање во босанската војна: така почна долгогодишната опсада на градот и војната во која само во престолнината загинаа преку 11.500 луѓе, меѓу кои и 1.600 деца. Во целата БиХ, до Дејтонскиот мировен договор од крајот на 1995. година, беа убиени околу 100.000 лица, стотици илјади луѓе беа протерани од својата татковина во рамките на „етничките чистења“, а голем дел од земјата беше уништен. 

Денот со кој се одбележува 25-годишнината од почетокот на босанската војна, всушност за сите претставува само спомен на ужасите. Преживеаните жртви од босанската војна се сеќаваат на своите загинати роднини, соседи или пријатели, по кои е останата тагата. Оние, кои сносат вина, не сакаат да бидат потсетувани на неа. А кога се зборува за неа, тие ја негираат. Или се правдаат. Често со теории на заговор. Виновни се секогаш некои други или апстрактни „виши“ сили. 

Оној кој денес ќе се прошета низ Сараево и сака да ја посети зградата на Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ , треба да премине преку еден мост. Неговото име е „Мостот на Суада и Олга“, зашто таму на 05. април 19992 година беа убиени двете жени - Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ, застрелани од српски снајперисти од заземениот хотел Холидеј Ин. Двете жени, заедно со преку 100.000 демонстранти, учествуваа на протестите за мир. 34-годишната Олга беше вработена во управата на градот Сараево, 23-годишната Суада беше студентка од хрватскиот пристанишен град Дубровник. Олга беше католик, Суада - припадничка на мислиманска вера. 

Sarajevo Kriegsbeginn (picture-alliance/dpa)

Опсадата на Сараево траеше речиси четири години

Против националистичкиот екстремизам

Тоа што двете припаѓаа на различни религии, за тогашните демонстранти не играше никаква улога, како ни за тоа што Игор се придружи на спонтаната група која во хотелот ги пронајде и уби снајперистите. Игор беше Србин. Тој подоцна, заедно со Бошњаците и Хрватите од Сараево, како антиснајперист го бранеше опколениот град од трупите под команда на српскиот националистички екстремист Ратко Младиќ. Со оглед што му успеа да погоди неколкумина снајперисти од противничката страна, по војната мораше да го промени името и да го напушти градот и да исчезне. Исто како и стотици други Срби од Сараево, кои за мнозинството Срби во Република Српска денес се - предавници. Заменикот командант на бранителот на Сараево, Армијата на БиХ, генералот Јован Дивјак, потекнува од Белград, а до денешен ден остана во Сараево, каде е народен херој. Истовремено, мора да се припазува од одмаздата на српските националисти. 

Бранителите не се бореа само за својот град, туку и против националистичкиот екстремизам на другата страна. Тие го бранеа мултинационалниот, мултиверски принцип и беа против националистичката нетолеранција. Како што рече Дивјак во една прилика, тие „ги бранеа вредностите на Европа против варварството“. За разлика од нив, целта на напаѓачите беше уништување на таквото општество и таквите вредности, освојување што повеќе територии и прогонување на припадниците на останатите националности. Политиката и злосторството на „етничко чистење“ беа планирани од самиот почеток. И тоа не само од страна на Слободан Милошевиќ, туку и од страна на хрватскиот претседател Фрањо Туѓман. 

Победија националистите

Двајцата претседатели, според во меѓувреме дадените изјави на бројни српски и хрватски политичари и офицери, уште пред војната во Хрватска, во март 1991. година, тајно се сретнале за да ја договораат идната поделба на Босна и Херцеговина меѓу двете држави. Иако противници, сепак ги обединувал националистичкиот принцип. Босанската војна ја симболизира не само меѓусебната борба на босанските народни групи - Срби, Хрвати и муслимани, туку и борбата против отстрана внесениот националистички принцип против мултиетничкото општество. 

Победници беа националистите од сите страни. На крајот на војната, и на страната на бранителите, доминантен беше религиозно обоениот муслиманско-бошњачки курс. Босанската традиција на мултинационално и мултирелигиозно општество сѐ уште живее во сеќавањето, во одделни обичаи, во интелектуалното цивилно општество и во културата и музичкиот живот, но на политички план - таа е длабоко потисната. 

Со тоа што меѓународната заедница при мировните преговори во Дејтон во 1995. година ги прифати и се согласи со националистичките категории и земјата доживеа територијална поделба според националистички критериуми, беше извршена негација на една величествена култура. Значи, Европа, за жал, во Босна не ги одбрани своите сопствени вредности. Дали подемот на национализмот во Европа и ЕУ има врска со исходот на босанската војна? Во секој случај, екстремистичкиот национализам тогаш беше можен, дури беше и „награден“.  

Ерих Ратфелдер е германски новинар и автор. Тој пишува за „Тагесцајтунг“ и е автор на бројни книги за историјата на Балканот, Босна и Косово. Ратфелдер работи како слободен новинар и живее во Сараево и во Сплит. 

Реклама