Во долината на приврзениците на Трамп | Економија | DW | 21.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Во долината на приврзениците на Трамп

Доналд Трамп на оние кои се чувствуваат предадени од Вашингтон им вети промени. Во градчиња како Ансонија тој има многу приврзеници. Какви се нивните очекувања од новиот претседател?

Во недела навечер во долината Наугатук во западен Конетикат во куќата која го носи името по Дејвид Хемфри редовно се среќаваат членовите на историското друштво Дерби. Сите се горди на Дејвид Хемфри, најпознатиот жител од овој крај, учесник во војната за независност, личен секретар на првиот претседател Џорџ Вашингтон и подоцна министер во првата влада на САД. Во историскa облека од 18 век ги поминуваат вечерите со рум-пунч по рецепт од колонијално време. А кога љубителите на историја ќе ги прашаат за иднината на земјата, сложно одговараат: „Доналд Трамп ќе ја направи Америка повторно голема.“

Вакцина наречена Трамп

Пензионирата учителка Сенди Мендик за долината Наугатук дури предвидува економски процут. Таа го напуштила градот Ансонија кон крајот на 70-тите години од минатиот век откако изгорела фабриката во која работела. Мендик потоа се придружила на воените сили. За време на последната предизборна кампања во едно писмо до Доналд Трамп се пожалила дека никој не зборува за ветераните и старите лица.

А таа ги претставува и двете групи. Верува оти Трамп ги застапува нејзините интереси и не може да ги разбере оние кои протестираат против новоизбраниот претседател. „Дадете му време да покаже што знае“, вели Мендик. Давид Лода, кој оваа вечер го отелотворува Дејвид Хемфри, на почетокот го поддржал лево ориентираниот претставник на демократите Берни Сандерс. Гласал за претставничката на Зелените Џил Штајн, а сега е голем поборник за идејата оти Трамп ќе донесе промени. „Трамп е како вакцина за нашата демократија: го присилува имунолошкиот систем на нашата демократија да тргне и да стане поактивен“, сликовито објаснува Лода.

Жед за државни субвенции

Тука во оваа долина посеана со градчиња како Ансонија, републиканскиот кандидат Трамп освои 59 насто од гласовите. Некогаш овој регион беше полн со индустриски објекти кои во меѓувреме ги нема. Некогаш овој регион како многу слични нему во Пенсилвенија, Охајо, Висконсин беше упориште на демократите. Сега се гласа за Трамп. Една од ретките металопреработувачки фабрики која остана е Фаре Корпорејшан која уште во време на Граѓанската војна произведувала топови и бајонети.

Денес произведува машини и тука е единствено блогадарејќи на ангажманот на градоначалникот Дејвид Касети. Но и покрај тоа што улицата која води до фабриката градот го чинеше 2 милиона долари во погоните работат само стотина работници. Роботи ја заменуваат работата на 10.000 вработени, колку што некогаш имаше оваа компанија.

Нов Роналд Реган

И градоначалникот Касети очекува многу од владата на Доналд Трамп. Она што ѝ е потребно на Ансонија се огромни субвенции за да може да се санира напуштеното загадено подрачје на поранешните фабрички објекти. „Трамп како Роналд Реган ќе врати работни места во Ансонија. Тоа веќе го покажа пред стапувањето на власт, со влијанието што го изврши врз Форд и Крајслер“, се надева Касети. И тоа иако таа одлука за инвестирање во САД, а не во Мексико, управите на овие автомобилски компании ја донесоа пред интервенцијата на Трамп. Но тоа е ирелевантно.

Trump Country USA (DW/A. Purcell)

Градоначалникот на Ансонија, Дејвид Касети

Трамп вети дека ќе ја обнови инфраструктурата. Но како ќе ги финансира своите големи планови, сѐ уште не откри. Посебно ако се земат  предвид најавените олеснувања за богатите кои, според проценките на непартиската организација „Такс полиси центар“, може да предизвика дупка од 6,2 милијарди долари во буџетот.

Во друштвото на љубителите на историјата овие податоци не играат некоја голема улога. Даниел Боскес, по потекло од Порторико, и покрај отворениот расизам кон Латиноамериканците, гласал за Трамп. Тој се надева дека еден „бизнисмен“, како што Боскес го нарекува Трамп, сака да донесе нов дух во Белата куќа. „Јас сум граѓанин кој работи напорно и она што сакам да видам се: подобри работни места, подобра економија, помали даноци“. Ни помалку ни повеќе.

 

DW.COM

Реклама