Во Грција „испарија“ милиони од ЕУ за бегалците | Свет | DW | 26.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Грција „испарија“ милиони од ЕУ за бегалците

И покрај милионите евра од ЕУ, бегалците во Грција и натаму живеат во ужасни услови додека Владата и невладините организации меѓусебно се обвинуваат за погрешно управување со парите.

На 18 јануари, Димитрис Аврамопулос, Европскиот комесар за мигрција, пристигна на грчкиот остров Лезбос. Причината за неговата посета беше едноставна, но обесхрабрувачка: бран од сурово студено време покри голем дел од Грција во снег, вклучително и бегалските центри. На најбогатиот континент на светот, се појавија слики од бегалци – од кои голем беа деца, постари или лица со попреченост - како се борат со температурите под нулата, со малку повеќе заштита од шатори и кебиња.

Неколку денови претходно, Јоанис Музалас, изјави: „Нема бегалец или мигрант кој е на студ“.

Аврамопулос ги повика властите и невладините организации да направат повеќе. Сакајќи да поентира, забележа дека Грција била најголемиот примател на средства од фондовите на ЕУ за внатрешни прашања со една милијарда евра кои беа ставени на располагање во период од две години како финансиска поддршка.

Каде отидоа парите? И зошто државата се покажа неспособна да овозможи основни услови за живот за околу 50.000 бегалци?

Што покажуваат бројките?

Фактот дека една милијарда евра, бројка со која се фалеше Аврамопулос, е всушност комбинација на средства од неколку фондови кои во голем дел – сѐ уште не се потрошени. Сепак, фондовите кои веќе се доделени на владата или на невладините организации се значајни.

Bulgarien Türkei Grenze - Start von Frontex Grenz- und Küstenschutzagentur (Getty Images/AFP/D. Dilkoff)

ЕУ комесарот Аврамопулос вели дека ЕУ издвоила милиони за бегалците

Од почетокот на 2015 година, грчката влада, според статистиката на Европската комисија и на грчкото Министерство за развој, примила 179 милиони евра од итните фондови од Генералниот директорат за внатрешни прашања. Ова е дополнување на веќе исплатените 60 милиони евра од фондот за долгорочното финансирање предвидено за Грција во периодот 2014-2020 кој изнесува 509 милиони евра.

Во меѓувреме, УНХЦР, Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) примија 175 милиони евра од итните фондови од Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи. 

Дополнителни 186 милиони евра од итните фондови исто така беа доделени на дел од поголемите невладини организации за хуманитарна помош во Грција од Генералниот директорат за европска граѓанска заштита и за операции за хуманитарна помош за проекти кои почнуваат во 2016 година. Уште 500 милиони евра се резервирани за овој фонд до 2018 година.

Обвинувања за погрешно раководење

Музалас често истакнуваше дека голем дел од средствата доделени кон невладините организации, во однос на средствата што ги добива Владата, се главната причина за тековните проблеми со кои се соочуваат бегалците во земјата.

„Ние немаме финансиска контрола на овие средства“, рече тој, по посетата на Аврамопулос на Лезбос, објаснувајќи дека Владата може да ги користи многу поефективно. Сепак, други тврдат дека ова е обид да се покријат пропустите на Владата.

„За Музалас, секогаш некој друг е виновен“, вели Одисеас Будурис, поранешен генерален секретар на „Фрст ресепшн“. Почетно задолжен за следење на напорите за грижа на бегалците и на мигрантите кои влегуваат во земјата, Будурис се повлече од неговата позиција во септември, упатувајќи сериозни обвинувања за погрешно менаџирање на кризата. Конкретно, Будурис го обвини Музалас дека одбил да ги префрли клучните надлежности на новоформираниот Генерален секретаријат. Тоа, како што вели Будурис, било дел од оркестриран обид на министерот да воспостави „паралелен систем“ со кој средствата од европските фондови ќе може да бидат контролирани од тесен круг на советници. Музалас постојано ги опишува овие обвинувања, кои добија публицитет во Грција, како неосновани „клеветења“. Будурис тврди дека напорите да се контролира приливот од фондовите на ЕУ придонел за доцнења и за хаос со напорот да се сместат бегалците.

„Ние следиме рецепт за неуспех, иако владата имаше разум да одобри закон кој е коректен, но кој никогаш не беше имплементиран“, вели Будурис за ДВ.  

Гледај видео 01:45

Заглавени во Белград

Необичниот случај со Софтекс

Како пример, Будурис упатува на обид да се создадат прифатливи услови за живот во Софтекс, напуштена текстилна фабрика во близина на Солун. Бегалците најпрво биле префрлени во камп, откако границата на Грција со Македонија беше затворена, во пролетта 2016 година. Кампот набрзо стана познат по лошите услови.

Будурис тврди дека АСБ, голема германска невладина организација, во летото му пристапила на Генералниот секретаријат со предлог да се направи нов простор за сместување на 1.500 луѓе во дом со контејнери со средства во висина од 2.5 милиони евра, кои веќе и биле достапни на организацијата преку ЕУ. Но, Будурис тврди дека советник близок до Музалас, кој бил назначен да ја надгледува техничката работа поврзана со бегалската криза, го блокирал потфатот, предлагајќи на негово место друг план кој предвидува трошоци од 8,6 милиони евра.

Со оглед дека оваа сума била далеку повисока од средствата кои и биле достапни на АСБ, во мејл кој го видоа новинарите на ДВ, невладината организација и пишува на канцеларијата на министерот барајќи министерството „заеднички да договори проект за камп кој вклучува намалување на трошоците на 4,5 милиони евра за кампот". Како и да е, мнистерството одбива да ги промени своите планови и планот на АСБ за местото останува на полиците.

„Јасно 8,6 милиони евра е луда сума за 1.500 бегалци“, изјави Будурис за ДВ.

Во одговор на прашање на ДВ, од АСБ објаснуваат дека разликата во трошоците меѓу двата предлози е поради тоа што планот на министерството бил градење на долгорочен камп со пософистицирани живеалишта, а планот на АСБ бил формирање на привремен камп.

Во секој случај, планот на министерството да се направи поголем траен објект во Софтекс сѐ уште не е реализиран. Иако делумно беа поставени контејнери, илјадници бегалци сѐ уште живеат во шатори.

Доцнење и неорганизираност

Во меѓувреме, невладините и меѓународните организации велат дека лошото планирање од страна на владата придонесло средствата да не стигнат до ранливите групи.

Griechenland - Schnee in einem Flüchtlingslager im Norden Athens (Reuters/Y. Behrakis)

Невладините организации тврдат дека владата е виновна за кризата со бегалците

УНХЦР, на пример, беше жестоко критикувана поради тоа што за зимски услови оспособила само 8 од 40 кампови во Грција и покрај тоа што од април, за таа намена биле потрошени 13 милиони евра. Роланд Шонбауер, портпарол на УНХЦР, за ДВ изјави дека ова биле единствените кампови каде нивната помош за адаптирање на зимските услови била побарана од Министерството кое во крајна инстанца е одговорно за координирање на справувањето со бегалската криза.

„Имаше несигурност за тоа кое од овие привремени места ќе остане отворено и вреди да се надградува... а кои ќе бида затворени. Неколку месеци не беше разјаснето прашањето за бројот на места“, рече тој.

Како и да е, многумина исто така тврдат дека фокусирањето исклучиво на тоа како се користат средствата, го оттргнува вниманието од пошироката слика: недостатокот од политичка волја во Европа да се направи нешто друго освен да се фрлаат пари кон проблемот со бегалската криза во Грција.

„Беше скандалозно после снегот во Лезбос да го слушнеме претставникот од Европската комисија како вели дека прават доволно за да им помогнат на грчките власти, но не може да го направат тоа наместо нив“, вели за ДВ, Лоик Јегер, кој е на чело на мисијата на МСФ во Грција.

„Кампот кај Морија беше изграден со европски пари. Имате две европски агенции, Фронтекс и ЕАСО кои делуваат во овој центар. И фактот дека кампот е полн, се должи на европската одлука дека на луѓето кои пристигнуваат на островите не треба да им биде дозволено да патуваат на копно. Како може да се преправаат дека немаат ништо со ова?“

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама