Во Германија се зголемува непријателството кон странците | Свет | DW | 07.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Во Германија се зголемува непријателството кон странците

Непријателството кон странци во Германија се зголемува, особено на истокот на земјата, се вели во Лајпцишката студија за авторитаризам. Авторите предупредуваат дека демократијата е во опасност.

Demonstration Pro Chemnitz (picture-alliance/AP Photo/J. Meyer)

Демонстрации на десни екстремисти во Кемниц (07.09.2018): Желба за водач кој ќе владее со цврста рака

Секој трет Германец е на мислење дека странците во земјата доаѓаат за да ја искористуваат социјалната држава. Во источна Германија во тоа е уверен секој втор Германец, се констатира во Лајпцишката студија за авторитаризам. Mногу луѓе, освен тоа, се уверени дека Германија е „опaсно преплавена со странци“ (вкупно 35,6%, на истокот 44,6%)

„Во моментов во источна Германија повеќе од 30 проценти од луѓето изразуваат непријателство кон странци“, вели за ДВ раководителот на студијата Оливер Декер од лајпцишкиот Стручен центар за истражување на десниот екстремизам и на демократијата. Тоа, според него, е многу, многу голем процент. На западот на земјата тој изнесува 22%.

Повеќе омраза кон муслиманите, Синтите и Ромите

Истражувачите констатираат дека не само што има генерално повеќе предрасуди кон странците, туку тие предрасуди се особено многу изразени кон муслиманите и Синтите и Ромите. Силни агресии има особено против Синти и Роми, нагласува Декер. Речиси 60% од испитаниците, на пример, се согласиле со тезата дека Синтите и Ромите клонат кон криминал, што претставува зголемување од 5% во споредба со претходното истражување во 2014 година.

Зголемени се и предрасудите кон муслиманите. Според студијата, 44% од испитаниците сметаат дека треба да се забрани доселување на муслимани во Германија (во 2014 година - 36,5%). А, повеќе од секој втор испитаник (55,8%) смета дека поради муслиманите понекогаш се чувствува како странец во сопствената земја (во 2014 година - 43%).

Studie zu autoritären und rechtsextremen Einstellungen Oliver Decker (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Оливер Декер: Во источна Германија повеќе од 30 проценти од луѓето изразуваат непријателство кон странци

Воздржаност и кон Евреите

По неколку антисемитски инциденти, на пример во Берлин, во Германија повторно на насловните страници повеќе се најде непријателството кон Евреите. Според студијата, еден од десетмина Германци смета дека влијанието на Евреите „и денес сѐ уште“ е преголемо. Речиси исто таков е процентот на оние кои сметаат дека Евреите имаат нешто посебно и само за нив својствено и затоа „не ни одговараат“. Авторите на студијата претпоставуваат дека има повеќе Германци кои застапуваат антисемитски позиции, но тоа не го признаваат зашто такви изјави со себе повлекуваат голем социјален презир.

Според проценките на Оливер Декер, омразата кон странци, муслимани, Синти и Роми нема директна врска со овие групи. Добриот економски развој во Германија во изминатите години и децении бараше доста одрекувања. Поради тоа се натрупале бес и авторитарни агресии. За нив е потребен вентил, кој луѓето сега го имаат пронајдено во форма на омраза кон странци.

Повеќе: Две третини од Германците сметаат дека земјата има проблем со расизмот

Последици за демократскиот поредок

Ваквиот развој ја загрозува демократијата во Германија, предупредува Декер. Зашто, иако повеќе од 90% од испитаниците сметаат дека демократската идеја е добра, тие под тоа подразбираат нешто поинакво од општество во кое сите луѓе имаат исти права и слободи. „Голем дел од населението има претстава дека демократијата може да биде и нешто како диктатура на мнозинството.“ Тие сметаат дека правата на некои луѓе или групи може да се укинат, доколку е тоа исправно и важно за повеќето.

Deutschland Volle Innenstadt (picture-alliance/dpa/J. Woitas)

Четириесет проценти од луѓето би прифатиле поавторитарни оштествени структури

Според студијата, речиси 8% од испитаниците се на мислење дека диктатура под определени услови би била подобра државна форма. Уште повеќе - 11% - посакуваат лидер кој со земјата ќе раководи „со цврста рака за доброто на сите“. Особено често непријателство кон странците (55%) и антидемократски ставови (13,2%) имаат избирачите на Алтернатива за Германија (АфД). Но, непријателството кон странци е многу присутно (околу 20%)  и кај избирачите на ЦДУ-ЦСУ, СПД и ФДП.

Повеќе: Како Германија се справува со расизмот на стадионите?

Оливер Декер потенцира дека студијата покажува и некои позитивни работи. „Може да кажеме дека 30% од населението е децидно слободарско-демократски настроено.“ Тоа на прв поглед не изгледа како многу, но овие луѓе се подготвени да се заложат за демократијата и да прифатат и други ставови. Освен тоа, голем е и делот на Германците кои се амбивалентни кон демократијата, но тоа не значи и дека се автоматски авторитарни. Сепак, 40% од луѓето би прифатиле поавторитарни оштествени структури. „Затоа во моментов имаме толку јасна поларизација во општеството“, заклучува Декер.

DW.COM

Реклама