1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Војна против Иран: САД би можеле да останат без муниција?

АРД
6 март 2026

Американскиот претседател Трамп тврди дека САД би можеле да ја продолжат војната против Иран колку што е потребно. Но, постојат предупредувања за недостиг на оружје и муниција. Зашто, Трамп не води војна само против Иран

https://p.dw.com/p/59tNw
САД 2022 | Истовар на ракета „Томахавк“ од подморницата „УСС Ешвил“
Истовар на ракета „Томахавк“ од подморницата „УСС Ешвил“Фотографија: Zachary Grooman/U.S. Navy/DVIDS/dpa/picture alliance

„Блумберг“, „Атлантик“, „Вашингтон пост“ – во САД веќе неколку дена се шпекулира колку муниција всушност им останала на САД и колку долго можат да го продолжат војувањето против Иран. „Волстрит журнал“ објави наслов: „САД брзаат да ја исполнат мисијата во Иран пред да им снема муниција“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека првичните проценки за времетраењето на војната биле четири до пет недели, „но ние сме во состојба да се бориме многу подолго“. И министерот за одбрана Пит Хегсет тврди: „Можеме без проблем да ја продолжиме оваа борба колку што е потребно.“

Седум воени конфликти

Од друга страна, демократскиот сенатор Марк Ворнер предупредува дека ако се собере количеството на муниција што САД ја потрошиле минатата година за нападите врз Хутите, заедно со муницијата за седумте различни воени конфликти во кои претседателот ги вовлекол САД, тогаш е јасно: „Нашите залихи на муниција се веќе многу ниски.“

Особено ракетите за противвоздушна одбрана како системите „Патриот“ може да станат дефицитарни, исто како и офанзивното оружје како крстосувачките ракети „Томахавк“.

Сепак, САД можат уште долго да продолжат да се борат, вели политикологот и експерт за одбрана Џенифер Кавана од тинк-тенкот „Одбранбени приоритети“ во интервју за АРД. Точно е, вели таа, дека САД имаат само ограничени резерви на најсовремени прецизни оружја и ракети за противвоздушна одбрана. Но имаат големи резерви од нешто помалку напредно офанзивно оружје и ракети. „САД можат да се борат прилично долго“, вели Кавана.

Полска Јасионка 2025 | Американска воена база за Украина
Војник поминува покрај системите за воздушна одбрана „Патриот“ инсталирани во воениот центар за Украина на аеродромот Жешов-Јасионка, во југоисточна Полска (архивска фотографија)Фотографија: Sergei Gapon/AFP/Getty Images

Ќе има ли штета за Украина?

Но за Украина, војната против Иран може да има последици, особено кога станува збор за испораките на оружје. Со оглед на тоа што САД сега ги користат системите „Патриот“ и другите видови ракети за воздушна одбрана за себе, бројот испорачан во Украина веројатно ќе се намали. Дополнително, арапските земји од Заливот, поради иранските напади, алармираат дека нивната цивилна инфраструктура веќе не е доволно заштитена. САД веројатно ќе им дадат поголем приоритет на нивните барања отколку на оние на Украина, вели Кавана.

Последиците за испораките на американско оружје за Украина ќе зависат главно од тоа колку долго ќе трае војната против Иран. Експертката Кавана не очекува непосредни кратења. Тоа веројатно нема да се случи веќе следната недела. „Но ако војната трае подолго од еден месец, тогаш од април може да има последици, особено за испораките на ракети 'Патриот' за Украина“, уверена е таа.

Уште шест месеци војна?

Магазинот „Политико“ пишува дека Централната команда на САД побарала од Пентагон да испрати повеќе персонал во нејзиното седиште во Тампа, Флорида, за да ги поддржи операциите против Иран најмалку 100 дена, но веројатно до септември. Тоа би значело уште шест месеци.

САД 2000 | Лансирање на крстосувачка ракета „Томахавк“ од американската морнарица
Дали и крстосувачките ракети „Томахавк“ би можеле да станат дефицитарни?Фотографија: Department of Defense/ZUMA/picture alliance

Помалку ракети за противвоздушна одбрана од САД би значело дека Украина повеќе нема да може толку добро да ја заштитува својата критична инфраструктура, анализира Кавана. Но тоа не мора да доведе до пресврт во руската агресија во корист на Русија, бидејќи Украина во делот на офанзивно оружје најмногу се потпира на сопствено производство на дронови.

За идни конфликти може да недостига муниција

Она од што најмногу стравува експертката е долгорочниот ефект од војната со Иран. Кавана смета дека стратешката флексибилност на САД е загрозена. По војната, САД би можеле да имаат недостиг од одредени видови муниција — особено од најсовремената. Токму онаа што е најважна за можен конфликт меѓу Тајван и Кина.

„САД би можеле да се најдат во ситуација каде прашањето повеќе нема да биде дали треба да го одбранат Тајван, туку дали воопшто можат да го одбранат. Одговорот би можел да биде – не“, вели Кавана.

Денеска (6.03), шефовите на најголемите американски компании за оружје се поканети во Белата куќа. На средбата ќе се разговара за забрзување на производството на оружје.

Авторка на текстот: Нина Барт, АРД