Вмровско искушение | Северна Македонија | DW | 01.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вмровско искушение

Како што сега стојат работите, попрво Никола Груевски ќе се откаже од ВМРО-ДПМНЕ, отколку што партијата ќе собере храброст да се дистанцира од него и да почне нов живот. Колумна на Љупчо Поповски.

Не е доволно јасно за што се работи кога е во прашање вмровскиот комплекс спрема Никола Груевски. Во идеалната ситуација кога раководството на партијата и пратениците можат да направат елегантна дистанца од бегалецот во Будимпешта тие се тетерават, одат еден чекор напред три назад, де се храбри де се колебаат, тие би се обиделе да станат полнолетни, но уште им е мило во „татковиот“ скут. Оваа папочна врска на вмровската структура со Груевски е покомплицирана и позависничка од онаа што партијата ја имаше со нејзиниот основач, Љупчо Георгиевски, кој ја формира, ја еманципира и ја донесе на власт. А потоа, кога дојде времето, таа му го сврте грбот на својот војвода.

Сегашниве ешалони од врвот чувствуваат неискажан страв од можноста дека треба да останат сами без него, дури и тогаш кога го нема. Многумина од партијата езоповски се обидуваат да објаснат каков е тој лепак што ги држи заедно азилантот, раководните структури и базата. Но немаат доволно добри објаснувања зошто во многу општински комитети уште виси сликата на Груевски преку која членството порачува кого го смета за лидер. Приказните за тоа дека на партијата ѝ е нанесена огромна штета со наводниот странски проект за смена на Груевски од премиерската функција се длабат во вмровскиот камен веќе четири години. Заедно со проповедта дека тоа е направено за да се смени името на Македонија. И да било така, тоа е веќе завршено, настаните се отидени доволно далеку и веќе треба да се бара нов наратив. Но вмровците тврдоглаво одбиваат да ја признаат реалноста и помило им е да се занимаваат со митови. Меѓу тие митови најомилен им е тој за политичкиот прогон и глорифицирање на нивното владеење. Еве вчера, кога излезе обвинението за организаторите за 27 април, партиската централа издаде соопштение дека тоа „целосно неосновано, правно неиздржано и класична монтирана нарачка од Зоран Заев со која треба да се направи дефокус од неуспесите и коруптивните скандали на Владата“. Доколку продолжат со вакви соопштенија за политичкиот прогон нема да биде далеку денот кога 27 април вмровските ешалони ќе го претворат во целосен парадокс – дека Заев сам го нарачал упадот во парламентот за егзибиционистички да биде убиен. 

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски, автор на колумната

„Десталинизација“

Можеби „десталинизацијата“ на партијата е тешко да се изведе поради тоа што е финансиски исцрпена, едноставно кажано, оставена без пари, а се водеше како најбогата во Европа. Некнежните фотографии од обуката на партиските кадри за користењето на анкетите при креирањето на политиките од страна на ИРИ, најилустративно ја покажуваат таа сиромаштија на богатството. Обучувачот на ИРИ зборува пред Христијан Мицкоски, Трајко Славески и други млади партиски кадри додека од таванот висат неколку тешки кристални лустери кои се парадигмата на тоа сиромашно богатство. Можеби Груевски уште го има единствениот или главниот пристап кон партиското алибабино богатство, па структурите се надеваат дека ќе допрат до извиканите силни милиони за да може партијата да функционира. Повеќе влијателни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека пари во партијата нема, но никој нема вистински одговор што се случи со тие силни евра – каде замина кешот и на кои банкарски сметки завршија. Партијата не би сакала да се отвора истрага за наводно исчезнатите пари, затоа што би се поставило прашањето за нивното потекло, па подобро е да се плете приказна за сегашната деспотска власт во грчот на сиромаштијата.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Дебели балкански лаги

-Црвени и други потерници за бегалецот

-Што да се прави со победата?

Дека партијата е далеку од „десталинизацијата“ извонредно добро го покажува случајот со одземењето на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Приказните за заклучокот на Извршниот комитет на партијата и поинаквото мислење на пратениците се премногу наивни и детски. Иако на прв поглед изгледаше дека врвот на партијата се согласил оти е време да му се одземе мандатот на Груевски, во основа не беше така. Во соопштението беше нагласено: „Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на Никола Груевски тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците да постапат согласно законите и Уставот“. На Република Македонија, се разбира. Но, ете, пратениците на партијата мислат дека не се исполнети „условите согласно закон и Устав“, па не гласаа никако во комисијата во Собранието. Излагањето на пратеничката Невенка Стаменковска точно ја означи оваа двојна игра. Партијата, сите нејзини правни комисии и адвокати, не знаеја дали се „исполнети условите согласно закон и Устав“, но тоа го знае Стаменковска. Таа на седницата на комисијата изјави дека не биле исполнети условите од Уставот за одземање на мандатот на Груевски, затоа што на азилантот не му било овозможено да се пријавува и да биде третиран како оправдано отстутен.

Нејзиното објаснување беше гротескно. Груевски не бил бегалец туку „лице кое има добиено политички азил од земја-членка на ЕУ... Вие со вашите репресивни мерки не дозволивте да се пријавува како оправдано отсутен“. Оваа аргументација навистина е бајковита. Кога една партија го глорифицира азилот на нејзиниот донеодамнешен лидер (а можеби и сегашен водач), кој побегнал од земјата наместо во неа да се бори против „неправдите“, тоа има само едно објаснување – заробеност. Ќе видиме како ќе се однесува пратеничката група на пленарната седница на Собранието кога ќе бидат потребни 80 гласа за одземање на мандатот. Доколку пратениците не се охрабриле доволно да постапат „согласно законите и Уставот“, тие ќе ѝ направат мечкина услуга на партијата и ќе им доделат бинго на социјалдемократите. Владејачката партија тогаш ќе има неисцпрно поле да ги гаѓа секој ден со топови и да тврди дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да се дистанцира од криминалите на нејзиното претходно раководство за кои се водат десетици случаи. Доколку, пак, се охрабрат“ тоа ќе биде отворањето на првата врата од многуте за нивното враќање на власт.

Ортоми од минатото

Големо прашање е дали во врвот на партијата се доволно свесни за тоа или мислат дека со исклучувањето на Сашо Мијалков ја завршиле целата работа. Можеби Мијалков беше мозокот на репресивниот апарат, но мозокот на авторитарниот систем беше Груевски и тоа граѓаните многу добро го знаат, без оглед на сегашново незадоволство од  Владата на Заев, непотизмот, советниците и корупцијата. Врз таа „десталинизација“ во партијата тие можат да изградат нова платформа, која може да зачува и некои од старите темели, но, барем за јавноста, непознато е дали сакаат воопшто да го направат тоа. Или, што би било уште полошо за нив – дали знаат да го направат.

Последниот пасус од соопштението за заклучокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најпластично покажува дека партијата е врзана со ортомите од минатото, иако се обидува да зборува за иднината. „...Веднаш по формирањето на новата влада на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати владеењето на правото, вистинската апликација на законите и битката против организираниот криминал и корупција, без разлика на политичката припадност на сторителот на криминалот“. Дали со ова тврдење за враќање на правото од времето на „заробената држава“ вмровците мислат дека обичните граѓани се малоумни и дека ништо не паметат, дека заборавија сѐ за само две-три години. Би било нелогично да се помисли така додека траат десетиците процеси на СЈО и кога сѐ уште многу свежи сеќавањата на 27 април – тој еклатантен пример на владеењето на правото. Па, тогаш, зошто партискиот врв упорно се труди да ги потсетува граѓаните на авторитарните години – на оние години кога за покер апарати имаше доживотни казни затвор, кога со години стотици луѓе од патарините без причина лежеа во притвор, кога се тепаа студентите на плоштадот во Скопје... и да не набројуваме уште работи кои на сите им се многу познати. На ова ли мисли Извршниот комитет кога вели дека со „новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати владеењето на правото“.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ има уште долг пат за одење, иако не може да се види дали вистински го направило првиот чекор. Успехот на претседателските избори (за тоа своја особена заслуга има Гордана Силјановска-Давкова) може да стане голема самоизмама за нив. Откако Христијан Мицкоски ја презеде партијата единствената реторика што таа ја еманира во јавноста се приказните за црнила, деспотизам, раѓањето на денот по ноќта – приказни кои имаат употребна моќ до одредена граница. Успехот на Силјановска-Давкова беше во голема мерка рефлексна реакција на незадоволното граѓанство од резултатите на владеењето на сдсмовската влада. Има голема разлика од протестните гласови и оние гласови што треба да ти доверат власт.

Вмровското искушение е токму во оваа точка – тие би сакале да ги соберат овие протестни гласови во нивната партиска кошница, а барем до овој момент да не понудат ништо. Оваа трагикомична понуда за враќањето на владеењето на правото и двојната прозирна игра околу мандатот на Груевски не е дел од новите политики за враќање на довербата.

Како што сега стојат работите попрво Никола Груевски ќе се откаже од ВМРО-ДПМНЕ, отколку што партијата ќе собере храброст да се дистанцира од него и да почне нов живот. Тоа е дел од своевидниот едипов комплекс на цела група спрема еден поединец. А можеби, во основа, тоа е ситуација во која нема незадоволни. Едните под тешките кристални лустери, а другиот на кејот покрај Дунав во Будимпешта. А притоа секој ден ќе се испрааќаат пораки за враќањето на владеењето на правото, на она право што беше оквалификувано како режим. Некој дури може да постави и едно обратно прашање – дали, всушност, сегашново вмровско раководство не работи во корист на сдсмовската влада. Потврдниот одговор би била еретичка констатација, но некои настани и постапки би можеле да се толкуваат токму така. Или можеби сето тоа е дел од какафонијата што трепери од собите со тешките лустери.

 

DW.COM

Реклама