Вистински потег на Ангела Меркел | Свет | DW | 29.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вистински потег на Ангела Меркел

По катастрофалниот резултат на ЦДУ на изборите во Хесен, Меркел демонстрира големина, со откажување од партиското лидерство, стратешки мудро подготвува свое заминување, смета главната уредничка на Дојче веле, Инес Пол.

Владината коалиција во Германија, составена од Социјалдемократската партија, Христијанско-демократската и Христијанско социјалната унија, на власт е половина година. И веќе половина година земјата нема водство, туку влада која е парализирана и во прва линија преокупирана самата со себеси. Дневниот ред го одредуваат интерни караници, а не итните прашања како растечкиот десничарски национализам, кој слави успеси не само во Германија, туку и во европското соседство. На предизвиците поставени од миграцијата не се најдени одговори, исто како што нема ни соодветен пристап кон опасностите и шансите кои со себе ги носи вештачката интелигенција. За климатските промени воопшто да не зборуваме.

На германското население му е преку глава од оваа егоцентричност и саморастргнување. Парламентарните избори во економски силната покраина Хесен одржани вчера (28.10.2018) тоа недвосмислено го потврдуваат: земјата бара промени. Мнозинството веќе не верува во моќта на Ангела Меркел, по 13 години на власт, да го води процесот на обнова. 

Последна шанса за Меркел

Ангела Меркел го знае тоа. Изминатите денови со зачудувачка отвореност зборуваше колку е тешко, по толку години на функцијата, да се регулира прашањето на својот наследник. А денеска посегна по последната шанса за притоа сѐ уште да може да игра активна улога.

Ines Pohl Kommentarbild App (DW/P. Böll)

Инес Пол

Традиционално, канцеларот од редовите на ЦДУ го има и партиското лидерство. Тоа не е предвидено со партискиот статут, туку е детерминирано од аритметиката на моќта, зашто го поедноставува раководењето. 

Меркел отсекогаш истакнуваше дека не сака да се откаже од овој иструмент. Нејзината сегашна најава, во декември да се откаже од кандидатура за позицијата на партиски лидер, ја покажува сериозноста на ситуацијата. Доказ и за еродираната поддршка за Меркел во сопствените редови. Истовремено, тоа е доказ и за негубење на инстиктот за преживување на Меркел, дури и во моментот на пораз.

Повеќе: 

Меркел се повлекува од челната функција во својата партија

Германија и Меркел се вртат во круг

Политичка есен на канцеларката Меркел

Наместо да биде сменета, таа се повлекува самата. Уште еднаш таа е во улога на прагматична актерка, која стигнува во изненадувачки највисока форма во најкритичниот момент, кога е притеснета во ќош.

Градење посакуван наследник

Тоа отвора одреден маневарски простор. Меркел може натамошно да продолжи да работи на оспособување на својата посакувана наследничка, Анегрет Крамп-Каренбауер, а освен тоа, пред сѐ, уште извесно време да остане канцеларка.

Крајно, со тоа не си помага само сама себеси, туку и на својата партија. Топката сега повторно е кај СПД, владиниот коалиционен партнер. Со одлуката на Меркел, се зголемува можноста СПД да го растури владиниот сојуз, со што одговорноста за неуспехот паѓа врз плеќите на социјалдемократите.

Меркел останува верна на себеси. До самиот крај на своето канцеларување, кое сега е чекор поблиску до крајот.

Реклама