Вистинската величина на регионот Македонија | Северна Македонија | DW | 23.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вистинската величина на регионот Македонија

Кога ќе се роди и визијата за мирољубив, обединет регион Македонија? Не во голема, чиста национална држава, што би било кошмар и траума. Туку како заедништво на различности. Колумна на Кица Колбе

Првпат купив  овошна салата со име „Македонија“ пред петнаесет години. Во едно лето во Италија, во супермаркет близу до градот Арецо. Овошна салата  со името на земјата од која потекнувам, тоа ми причини задоволство. Ја знаев метафората за Балканот - „буре барут“. За Македонија - „јаболко на раздорот“. Ама оваа метафора, кулинарската, ми ја разбранува фантазијата. Се прашав, што била причината за тоа. Дали мешавината на различни овошја во салатата го отсликува клишето за Македонија? За неа на Западот често се истакнува дека е мешавина од повеќе народи и народности. Попладнето разговарав за тоа со пријателката кај која престојувавме. Таа е стара писателка со италијанско - германско потекло. „Салатата ’Македонија’ е многу вкусна. Би сакала да живеам во земја чие име симболизира овошна салата. Овошјето храни, војсководачите убиваат“, се насмеа таа.

„Рецептот“ за  мирољубивата политика

И покрај повторувањето на војните, балканските народи уште се далеку од тоа сознание. Тоа, пак, западноевропските народи по двете големи светски војни ги натера  да ги преиспитаат своите национални доктрини. За да станат свесни што, всушност, е величината на континентот Европа. Дотогаш секоја национална држава  великоста си ја припишуваше само себеси. А тоа беше можно единствено во непријателство кон соседите. Кога сфатија дека Европа е нешто многу поголемо од величината на секоја нација. Кога сфатија дека нивната припадност на Европа може да стане обединувачка идеја, западноевропските народи, конечно,  го најдоа „рецептот“ за  мирољубивата политика. Имено, само во мир и соработка сите учесници имаат величина и достоинство. Затоа што стануваат способни да се прифатат во својата различност. Затоа што сознаваат дека има нешта кои не може да припаѓаат само на еден од нив. Така откриваат дека минатото ги обединува.

Ungarn | Flüchtlinge in Roszke (picture-alliance/AP Photo/D. Bandic)

Европа е нешто многу поголемо од величината на секоја нација

Дека културалното паметење ги присилува да  ги паметат значајните имиња, настани и датуми заеднички – дури и кога истите различно ги разбираат и доживуваат. Дека секој народ има право еден ист настан да го толкува според сопствената историска констелација. Ама нема право своето гледање да му го диктира на соседот. Европскиот проект на мирот, остварен во ЕУ, потврди дека само во мирољубивата политика сите се победници. Дека само со споделувањето на паметењето на минатото како култура, може да се надмине милитантната државна индоктринација. Дека само во критичкото, објективно соочување со минатото младите се учат на толеранција и демократија. Отаде и сознанието дека „проклетството“ на еден регион или континент, може да се преобрази  во негов „благослов“.

Македонија - крстосница на светските патишта

Карактерот на  областа Македонија е  определен од нејзината местоположба. Целиот балкански полуостров, но, пред се‘, регионот Македонија претставува место помеѓу два света – Окцидентот и Ориентот. Тој е крстосница на светските патишта. Во културална смисла тоа во минатото било богатството на Македонија. Затоа што во неа се допираат и проникнуваат различни народи,  култури и традиции. Во геополитичка смисла тоа досега беше „проклетството" на регионот Македонија. Затоа што таму во минатото се вкрстувале и интересите на Големите сили и од неа правеле полигон за пропаганди и војни. Човек би помислил дека историјата на регионот Македонија е доволна причина за мирољубив проект во европскиот дух. Навистина, кога ќе се  роди и  визијата за мирољубив, обединет регион Македонија? Не во голема, чиста национална држава, што би било кошмар и траума. Туку како заедништво на различности. Како  различности, кои не создаваат страв од другиот, туку дијалог на култури, проникнување на идеи и визии. Регионот Македонија како постоење на различни народи, народности, култури и религии во една мирољубива констелација, во која националните држави во регионот Македонија нема да се оспоруваат, туку ќе соработуваат и ќе се почитуваат во својата различност. Ќе доживееме ли еден ден да нема граници меѓу државите во регионот Македонија, како што е  денес во Елзас и Лотрингија? Кога ќе почнеме да учиме да се натпреваруваме во познавањето на туѓиот јазик, на туѓата литература? Како што Прличев се мерел со Хомер во познавањето на грчкиот. Кога ќе прогледаме, за да согледаме колку големи личности има во заедничкото минато на регионот Македонија? И дека тие би ги збогатиле сите што денес живеат во него. Сега тие луѓе се заборавени. Затоа што целината на нивните биографии е изгубена зад границите на националните  држави. Гоце Делчев е само еден од многуте такви личности. Кога ќе дојде денот, кога во Кукуш ќе се доделува награда за  мир, во чија организација ќе учествуваат и Грција и Македонија и Бугарија? Оти токму тој начин е европскиот дух на културалното паметење. Кога сите заедно ќе тагуваме за сите жртви на војните и прогоните од минатото во регионот Македонија? Кога ќе побараме прошка едни од други, кога ќе признаеме вина, кога ќе помогнеме да се зацелат раните од минатото?

Заробени во митот

Оваа визија денес е далеку од реалноста во регионот Македонија. Националните доктрини на државите во него уште се во духот на деветнаесеттиот век.  Затоа што тие величина за себе гледаат само во минатото. Нивната сегашност не им дава повод за чувство на величина. А тие што не живеат во сегашноста се или фантасти или фанатици. Тие се поклонуваат на идолот на нацијата, кого самите го создале. Колку повеќе луѓето се фиксираат врз славата од минатото, толку тие самите стануваат епигонски. Затоа што сите  копираат еден ист стереотип – националниот мит. Заробени во митот, тие не согледуваат која е вистинската големина на историјата во која се колнат.

Историјата во регионот Македонија  е толку многуслојна, толку разновидна, толку сложена и меѓусебно испреплетена, што ниту еден од националните наративи не може да ја презентира, без да ја обезличи. Во националните наративи историските  личности мора да се вклопат во  тесна рамка, многу различна од таа во која се одиграле нивните биографии. Во неа  не може да дојдат до израз сите аспекти на нивните личности. Тоа што националните наративи на државите во регионот Македонија одбиваат да го споделуваат историското паметење на славни личности, во културна смисла е знак за регресија. Имено, славните предци, славните писатели и уметници ги употребуваат како украс, како маскота за величината на својата нација само луѓе кои не се на висината на предците.

Griechenland Touristen aus Nord-Mazedonien (DW/F. Schmitz)

Сите што живееле во минатото во регионот Македонија оставиле блескави траги во неговата  културна  особеност

Само во творечки дијалог со предците може да се создаде  не само автентична уметност и култура, туку и автентична демократија и мирољубива политика.  Не верувам дека Гоце Делчев би бил горд на денешните Македонци, Бугари и Грци. Не верувам дека Александар Македонски би се препознал во денешните жители на областа Македонија. Мртвоста на култот во кој го претворија културалното паметење на неговата личност и Македонците и Грците, покажува дека тие не ја разбрале смислата на неговиот проект на Хеленизмот. Главниот стремеж на Хеленизмот е отвореноста за  туѓите култури и цивилизации. Грчкиот јазик тогаш бил симболот на образованоста, на културата, а не на националистичката нарцисоидност на тие, на кои тој им е мајчин јазик. Националните наративи во регионот Македонија денес се херметички затворени кон другите од чувство на слабост и минорност, а не од величина и   супериорност. Тие народи немаат заеднички јазик ( и во преносната и во буквалната смисла!) затоа што не се познаваат. Образованите луѓе во Македонија пред еден век ги зборувале јазиците на соседните народи, но и неколку европски јазици. Денес народите во регионот Македонија се разбираат  само со преведувачи. Дури и кога живеат во иста држава.

Други колумни од авторката: 

Македонската состојба на духот

Граматика и политика: Nord-Mazedonien или Nordmazedonien?

Ниту робовите не копнеат по протекторат

Македонците - систематични само кога мразат

Во својата егоцентричност, современите национални држави во регионот Македонија се слепи за  тие квалитети,  кои  тој културен простор го прават толку единствен и драгоцен. Кога тие би согледале кои особини го сочинуваат  карактерот на тој регион, тие би станале способни да ги прифатат другите народи и мирољубиво да ја споделуваат со нив историјата. Само тогаш тие би станале достојни граѓани на  големата област, именувана Македонија, која доживеала и славни и тажни времиња. Само така тие би станале свесни дека на една  територија, на која славното минато го создавале многу различни култури и царства,  народи и  религии, не може да се создаваат ремек-дела во  затворени светови. Напротив, сите што живееле во минатото во регионот Македонија оставиле блескави траги во неговата  културна  особеност. И Грците и античките Македонци и Римјаните и Ромеите, денес познати како „Византијци“. Нивната духовна големина, во споредба со ситнодушјето на денешните народи во истиот регион, била во нивната идентификација со една идеја, која  ја надминувала нивната етничка припадност. Во таа смисла, тие култури биле отворени за различното.

Наместо да се бришат и уништуваат белезите на различното и туѓото во своето, поумно е да се „читаат” трагите како писмо кое им припаѓа на сите. Тогаш ќе сфатиме дека проникнувањето на различните народи во овој дел на Европа  е толку силно, што секој сон за чиста национална држава во минатото се остварувал само со крвави војни и прогони, со егзодуси и трауми. Границите на  чистите национални држави секогаш се исцртувале со крв. Затоа што се пишувале  со нож, врз живи луѓе. А не на хартија, со молив. Затоа што граничните камења се вкоренувале во нечиј дом, во нечие поле, во нечиј двор. Желбата за чисти нации, за чисти раси  го создаде Аушвиц. Тој беше причината за промената на политичката парадигма во Западна Европа.

 

DW.COM

Реклама