Вистинската битка на Макрон почнува по победата | Свет | DW | 12.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вистинската битка на Макрон почнува по победата

Република во движење на претседателот Емануел Макрон освои преклу 32 проценти од гласовите во првиот круг парламентарни избори во Франција. Тоа е револуција на политичката сцена, коментира Барбара Везел.

За разлика од Велика Британија, француските агенции за испитување на јавното мислење добро го предвидоа трендот. Новиот претседател Емануел Макрон е на пат да освои јасно, можеби и многу убедливо мнозинство во парламентот. Неговиот успех ги надминува сите очекувања и е досега невиден. Никогаш во една западна демократија не се случило таква бомбастична победа на еден човек и неговата такаречи приватна партија. 

„Макроманијата“ е дел од успехот

Французите пред овие избори имаа само четири седмици да посматраат што работи нивниот млад претседател. Тој покажа сигурен инстинкт и снаодливост како да има децениско искуство. Речиси е неверојатно што овој политички новајлија изгледаше толку суверено и победнички по ракувањето со американскиот претседател Доналд Трамп и по средбата со шефот на Кремљ, Владимир Путин.

Макроновиот одговор на Твитер - а каде на друго место? - на веста дека американскиот претседател се повлекува од Парискиот договор  за климата одлично го погоди нервот на социјалните мрежи: Make our planet great again се разбира е Макронова варијација на Трамповиот изборен слоган и таа ноќ беше најпопуларен твит во светот. Треба да му се завидува на Макрон на неговиот тим надлежен за социјалните медиуми.

Французите, значи, изминативе седмици будно следеа и им се допадна она што го видоа. По успешните настапи на претседателот на меѓународната сцена, изби вистинска „Макроманија“. Берзите му веруваат исто колку и германската канцеларка, а сега народот авансно му дава огромна доверба. 

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел

Вистинската битка допрва претстои

По розите со кои го опсипаа, зашто ја исполнува желбата на Французите за сјај и значење по мизерните години под Франсоа Оланд, Макрон сега мора да тргне и преку трње. Потребни му се брзи успеси, првенствено размрдување на пазарот на труд. Потребна му е помош од германската влада за малку да ги олабави оковите затегнати со правилата на еврозоната.

Зашто, Макрон планира ни помалку ни повеќе, туку целосно да ги реформира закоравените француски структури: даноците, јавната управа, образованието, правосудството, состојбата во која се предградијата - претседателот има десетици градилишта пред себе. Тука мора да покаже повеќе отколку шарм и брз ум, мора да има добра кондиција, да го спроведе науменото до крај и да не отстапува пред левичарските синдикати.

Политичкото секојдневие во Париз во идните години ќе биде помалку славно, а често ќе биде остро и валкано. Макрон во втората рунда од парламентарните избори следната недела ќе оствари убедлива победа - а битката потоа допрва почнува.

Револуција во француската политика

Традиционалните партии паѓаат како покосени тревки, и лево и десно. На Социјалистите од парламентарното мнозинство ќе им преостанат веројатно само неколку пратенички места, а тоа се нарекува апокалипса. Марин Ле Пен и Националниот фронт се соочија со реалноста: по подемот на претседателските избори, тие веројатно во парламентот нема да имаат доволно пратеници ни за пратеничка група. Неколкумината од нив единствено ќе можат да дофрлаат од последните клупи.

Екстремната левица веројатно ќе остане на малиот број мандати, кој отсекогаш го има. Најголеми губитници би можеле да бидат конзервативните Републиканци, иако освоија преку 20 проценти од гласовите. Тие до пред само еден месец сонуваа за парламентарно мнозинство со кое би го зауздале претседателот и би го проморале на кохабитација. Сега ќе бидат само најголема опозициска партија. Ќе паднат во длабока криза на идентитетот.

Оваа револуција на политичката сцена на Франција е запрепастувачка и некако освежувачка: ќе се појават куп нови млади лица, многу жени, луѓе од стопанството и цивилното општество.

Франција има порив секои стотина години да изведе помал или поголем револуционерен преврат. Тој обичај од еднастрана е ослободувачки, од другастрана, во себе крие опасност. Емануел Макрон мора цврсто да остане на земја, да слуша, напорно да работи и да не се опива од успехот. Доби огромна доверба на вересија и допрва треба да покаже што може. Опозицијата е слабичка и не може да му се спротистави. Ќе се покаже колку всушност младиот претседател е зрел и паметен.  

 

DW.COM

Реклама