Виктор Орбан и пропаста на Европа | Свет | DW | 21.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Виктор Орбан и пропаста на Европа

Унгарскиот премиер предупредува од „опасност од Западот“, а парламентот дебатира за „Стоп Сорос“-законски пакет против невладините организации. Сето ова не се прави само заради предизборната борба, оценува Кено Ферзек.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој и онака владее прилично во пропагандистички стил, деновиве го засилува познатото темпо. Во својот говор во неделата прикажа апокалиптична слика за Европа: во најголемиот дел германски големи градови имало сѐ помалку родени Германци, Баварија трошела повеќе пари за бегалците отколку за економијата, заштитата на животната средина и задравството заедно, тврди Орбан. Најголемата опасност за Европа, според него, доаѓа од Запад - пред сѐ политичарите од Брисел, Берлин и Париз биле тие што ја загрозувале егзистеницјата на Унгарија и на целиот континент. Но, Унгарија против тоа ќе се бори со сѐ построго законско оружје, вели Орбан.

Принудно регистрирање на сите кои им помагаат на бегалците

Тоа беше реторичко образложение за т. н. „Стоп Сорос“-законски пакет, за кого сега се дебатира во парламентот. Американскиот милијардер со унгарско потекло, Џорџ Сорос, според фикс идеите на владата во Будимпешта, планирал да ја уништи Европа со доселување на муслимани. Еден предлог закон беше објавен на средината од јануари, а сега се предлага заострена варијанта: сите невладини организации кои во каква било форма имаат врска со бегалци и миграција, мора да поминат низ процедура на регистрирање, која може да трае до девет месеци, ќе бидат под полициски надзор и набљудување од страна на тајните служби, мора да плаќаат 25% данок на донациите од странство и може да бидат забранети практично во секое време.Доколку биде донесен во ваква форма, тоа би бил законски пакет каков што во Европа - освен во Русија - нема никаде. Тоа би била нова станица во процесот на антидемократско реконструирање на Унгарија.

Kommentarbild Keno Verseck (privat)

Кено Ферзек

Што да се мисли за тоа и за Орбановите антизападни и антиевропски испади? Унгарија веќе се наоѓа среде жешка фаза на кампањата за парламентарните избори на 8 април. Во победата на Орбановата партија Фидес нема сомнеж, но во опасност е двотретинското мнозинство. Меѓу другото и поради тоа што Орбан деновиве е под притисок поради корупциската афера на неговиот зет, Иштван Тиборч, во која се работи за проневера на повеќе од 40 милиони евра од европските субвенции.

Аферата е потврда на ставот на многу Унгарци: во истражувањата на јавното мислење речиси 60% од испитаниците сметаат дека политичката корупција е најголемиот проблем во земјата. Тесно мнозинство испитаници посакува промена на власта, меѓутоа речиси никој не верува дека Фидес навистина би била поразена.

Повеќе:

„Стоп Сорос“ - почна дебатата за пакетот закони против невладините организации во Унгарија

Национализам кој доаѓа од Исток

Орбан е сериозен

Со оглед на тоа не е чудо што Орбан реторички уште еднаш „пука од цело оружје“. Сепак, не треба да се негуваат илузии дека по изборите на 8 април е можна нормализација. Во најдобар случај Орбан би можел да го омекне тонот само кон западните партнери.

Внатрешнополитички унагрскиот премиер има инсталирано толку вешт и длабоко коруптивен клиентелистички систем, што некои социолози одамна ја нарекуваат Унгарија „мафијашка држава“. Тоа е систем кој без сѐ поавторитарно владеење и сѐ почудна националистичка демагогија нема може да опстане. Надворешнополитички пак, Орбан работи на нова источна контратежа на Брисел - тој има намера барем неформално да ја прошири алијансата на Вишеградските држави со Романија, Бугарија и Хрватска, а тенденцијално и со Австрија. На крајот би требало да има „Европа на нации“, затоа што Орбан ја отфрла идејата за ЕУ како една заедница на вредности.

Како унгарскиот премиер да биде принуден на промена на ставовите е прашање за кое се дискутира многу. Самиот Орбан не остава простор за сомнеж дека е „човек без влакна на јазикот“, човек кој е сериозен во своите намери - тоа лично постојано го повторува. Токму тоа би требало да ги замисли сите „принудни оптимисти“ - Орбан досега секогаш си го одржал зборот.

DW.COM

Реклама