Веќе е решено за азилот на Груевски, тврдат унгарски медиуми | Северна Македонија | DW | 20.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Веќе е решено за азилот на Груевски, тврдат унгарски медиуми

Министерката за правда Рената Тренеска Десковска соопшти дека барањето за екстрадиција на експремиерот е подготвено и веројатно денеска ќе отпатува за Будимпешта. Унгарски медиуми тврдат дека Груевски веќе добил азил

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски најверојатно експресно добил азил во Унгарија. Како што пишува провладиниот весник „Маѓар Идок“, а утрово пренесуваат повеќе онлајн портали, унгарските власти вчера донеле одлука за барањето на македонскиот премиер. Со оглед на брзината со која е одлучено, тешко е да се верува дека барањето на Груевски е одбиено. Засега нема официјална потврда на ваквата информација, но споменатиот весник важи за добро информиран гласноговорник на владините политики.

Македонската министерката за правда Рената Тренеска Десковска денеска соопшти оти барањето за екстрадиција на Груевски е подготвено и може да се очекува денеска да биде испратено до унгарските власти.

„Дел од материјалите се преведени, дел ќе бидат накнадно испратени. Ќе бидат опфатени сите истражни и предистражни постапки, сите ќе бидат основ за утре доколку се екстрадира да може да се гони“, рече Дескоска.

Таа рече дека постапката за азил која за Груевски се води во Унгарија е приоритетна во однос на постапката за екстрадиција на македонските власти, но потврди дека барањето ќе биде испратено дури и ако на Груевски во меѓувреме му биде одобрено барањето.

Minister der neuen mazedonischen Regierung (DW/Petr Stojanovski)

Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска

Правниот основ за барањето за екстрадиција е Европската конвенција за екстрадиција кон која имаат пристапено двете земји. Дескоска вели дека досега немало проблем во соработката со Унгарија при постапки за екстрадиција и дека се соработувало и на други случаи.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во гостување на една домашна телевизија, ја потврди целата рута на Груевски од Македонија до Унгарија. Вучиќ тврди дека Груевски влегол на албанска територија ноќта на 11 ноември во придружба на унгарски дипломати. Во амбасадата во Тирана, според српскиот претседател, на Груевски му бил издаден привремен унгарски пасош. Српската територија ја напуштил на 12 ноември, со автомобил, на граничниот премин Хоргош. 

DW.COM

Реклама