Вечниот Ѓукановиќ победува во првиот круг? | Свет | DW | 03.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вечниот Ѓукановиќ победува во првиот круг?

Анкетите во Црна Гора покажуваат дека вечниот лидер Мило Ѓукановиќ оди кон победа во првиот круг од претседателските избори на 15 април. Сметките може да му ги помати само висока излезност, но шансите за тоа се мали.

Покрај лидерот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) во претседателската трка се влезени шестмина претставници на опозицијата. Младен Бојаниќ има поддршка од мнозинството од опозицијата, Социјалдемократската партија го кандидираше Драгиња Вуксановиќ, Марко Милачиќ ја претставува партијата Вистинска Црна Гора, Василије Миличковиќ настапува како независен кандидат, Добрило Дедеиќ во име на Српската коалиција, а Хазбија Калач е кандидатот на Партијата на правда и помирување.

„Многу позитивна промена е што на овие претседателски избори имаме поголем број кандидати отколку во поранешните кампањи. Од друга страна, диверзифицираната и разнородна структура на опозиционите претседателски кандидати ќе придонесе за подобра позиција на кандидатите на владеачката коалиција“, вели за ДВ Милена Бешиќ, директорка на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ).

Истражувањето на ЦЕДЕМ направено во март покажа дека 50,6% од избирачите го сакаат Мило Ѓукановиќ за претседател, што значи дека тој би победил во првиот круг. Новинарот на весникот „Вести“, Самир Кајошевиќ нема сомнежи дека така ќе биде и на денот на изборите.

„Искуството од минатите избори покажа дека еден опозициски кандидат создава сериозен проблем за ДПС. Големиот број на т.н. 'мали кандидати' е добар за Ѓукановиќ, зашто со тоа се потврдува сликата за расцепкана опозиција и се зајакнува апатијата кај избирачите. Освен тоа, по правило малите кандидати главно еднакво го напаѓаат него и опозицијата, што дополнително создава збунетост кај избирачите“, објаснува Кајошевиќ за ДВ.

Ист став има и Николета Ѓукановиќ од Центарот за мониторинг (ЦЕМИ). „Иако поголем број кандидати значи поширока можност за избор, тоа не значи дека се зголемуваат шансите на опозицијата.“

Demonstration in Podgorica (DW/N. Rujevic)

Ниту протестите ниту шарените коалиции досега го поместија Ѓукановиќ (фото: протрести во Подгорица, 2015 година)

Единствен противник - голема излезност

Бројките покажуваат дека единствено голема излезност би можела да го загрози Ѓукановиќ. Право на глас ќе имаат околу 535.000 избирачи. При излезност од 70%, Ѓукановиќ за победа во првиот круг ќе мора да освои нешто помалку од 190.000 гласови. Тоа е приближната бројка која на последните парламентарни избори ја освои неговата владеачка коалиција.

„Бирачкото тело на ДПС нема многу осцилации. Може да се очекува дека тој дел од бирачкото тело и овојпат ќе излезе на избори и ќе му даде поддршка на лидерот на партијата“, објаснува Николета Ѓукановиќ.

Доколку излезноста биде повисока од 70%, лидерот на ДПС ќе мора да освои дополнителни гласови. Новинарот Кајошевиќ појаснува дека поголемата излезност не ѝ оди на рака на ДПС, зашто по правило значи поголем број опозициски избирачи.

Повеќе:

-Кога е тешко- Мило 

„Путин од Мојковац“ на чело на црногорската влада

-Ѓукановиќ се повлече, за повторно да се врати?

 „Најдобар пример за тоа се парламентарните избори во 2016 година, кога веста за државен удар во попладневните часови ја намали излезноста на граѓаните поради страв од немири и со тоа на ДПС ѝ овозможи да формира тесно мнозинство. Поради долготрајни преговори за претседателски кандидат и големиот број мали кандидати, се плашам дека и на овие избори ќе има значаен број апстиненти“, додава тој.

Иако токму апстинентите би можеле да му ја поматат сметката на тридеценискиот лидер на малата република, нашите соговорници не веруваат дека тие масовно ќе излезат на гласање. „На опозицијата ѝ требаше долго додека се постигна согласност за името на заедничкиот кандидат, тоа влијаеше за да не се постигне целосно единство и може да влијае врз желбата на избирачите да излезат на овие избори“, наведува Николета Ѓукановиќ.

Од стекнувањето независност Црна Гора два пати бираше претседател, и тоа двата пати во првиот круг. Просечната излезност беше околу 65%. „Од оваа перспектива, би требало да се случи нешто сосема непредвидливо за актуелниот состав на кандидати да произведе втор круг гласање. Сите определувачки фактори засега укажуваат дека втор круг нема да има“, заклучува Милена Бешиќ.

Изборите се одржуваат на 15 април. Мило Ѓукановиќ е во врвот на црногорскиот естаблишмент од 1989 година, а премиер на Црна Гора првпат стана во 1991 година, на својот 29. роденден. Во текот на изминатиот период своеволно два пати паузираше, задржувајќи го клучното влијание во својата партија. Убедливо е европски шампион по должина на останување на власт.

DW.COM

Реклама