1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле повика на одговорност и компромис

Костадин Делимитов22 февруари 2013

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изрази загриженост од случувањата во РМ. Германија ја поддржува европската перспектива на Македонија, ќе ги одржи ветувањата, но тие зависат од реформите.

https://p.dw.com/p/17kJV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија е загрижена од актуелната политичка криза во Македонија. Сојузниот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска (22.02) во Скопје, по средбата со неговиот домаќин и колега Никола Поповски, испрати јасна порака до политичките лидери во земјата дека мора да најдат излез од актуелната состојба: „Апелирам до сите да постигнат доволен компромис, да покажат доволна флексибилност, да го согледаат националниот интерес, сопствената одговорност и да се вратат кон демократската соработка. Потребно е да ги почитуваат правилата на демократската игра и на парламентарната демократија. Секогаш пред себе и во своите срца да ја имаат големата меѓународна агенда на која што работи вашата земја“, истакна Вестервеле.

Германија, според него, е вистински пријател на Македонија, но како и секогаш, како што нагласи Вестервеле, таа не дава големи ветувања. Местото на Западен Балкан е во ЕУ, вели Вестервеле, но тој пат зависи од самите земји.

Ние не даваме големи ветувања, не сакаме празни ветувања, но она што сме го ветиле ќе го исполниме. Германија ги поддржува земјите аспиранти за членство во евроинтеграциските процеси од Западен Балкан, но постојат правила кои што важат за сите и се еднакви за сите, нема попусти за никого, но истовремено ниту дополнителни пречки“, рече Вестервеле.

Außenminister Guido Westerwelle (FDP)
Гидо Вестервеле со апел до сите да покажат доволна флексибилностФотографија: picture-alliance/dpa

Министерот Попоски изрази задоволство од разговорите со високиот германски гостин пред кого вети дека реформските напори ќе продолжат. Тој побара да се задржи кредибилитетот и перспективата на проширувањето на ЕУ и НАТО :

Ќе продолжиме во напорите во контекст на регионалната соработка и надминување на прашањата кои не‘ оптоварувале во минатото. Клучната порака на Македонија е јасна - да се концентрираме на европските приоритети и да работиме на нивно исполнување. Само со меѓусебна поддршка можеме да одиме напред, што е интерес на граѓаните во целиот регион. И не очекувам ништо помалку од земјите членки на евроатлантските структури“, рече Попоски.

Вестервеле не сакаше да коментира ништо околу јунскиот самит на ЕУ. Одлуките, според него, таму ќе се носат врз основа на извештаите и резултатите што ќе бидат на маса. Тој ја повика и ја охрабри Македонија да ја искористи секоја можност за решение на спорот со Грција.

На агендата на Вестервеле, освен разговорот со Никола Попоски, се и средби со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, претседателот Ѓорѓе Иванов, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, но не и со премиерот Никола Груевски. Од Владата за Дојче веле изјавија дека премиерот Груевски вчера телефонски разговарал со Вестервеле за сите прашања. Ова е инаку прва официјална посета на германски министер за надворешни работи на Македонија по петнаесетина години.