Бусек: Критиките кон власта во Македонија се оправдани | Македонија | DW | 25.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бусек: Критиките кон власта во Македонија се оправдани

Власта во Македонија наместо во идентитетски проекти, треба да се зафати со отворање работни места и реформа на правосудството, вели во интервју за ДВ, Ерхард Бусек. Со него разговараше Аделхајд Фајлке

ДВ: Г-дине Бусек, со децении го следите развојот на државите во Југоисточна Европа од различни функции. Каде е регионот денес?
Бусек: Можеби тоа ќе зачуди: Југоисточна Европа, односно Балканот е стабилен дел од Европа. Во други делови на континентот постојат различни видови движења, но тука е пресметано она што се случува - само по себе е логично. И тоа, според мене, е многу добро. Затоа што регионот ги остави драматичните превирања зад себе: тука помалку се работеше за Железната завеса, а многу повеќе за распадот на Југославија и четирите војни кои се случија. На тоа доаѓа и процесот на учење како се развива демократијата. Регионот е сѐ уште во средината на овој процес.

ДВ: Во Македонија состојбата е многу проблематична. На 11 декември се одржуваат вонредни парламентарни избори. Пролетта и летото ги одбележаа масовни протести против владата која е обвинета за тешки злоупотреби.

Да, критиките кон владата се оправдани, исто како и конфронтациите. Но пра-причината доаѓа од тоа што не е решен проблемот со името. Во суштина, тоа е конфронтацијата. Оправдано е што Македонија постои. Но таму ЕУ-државите со сигурност премалку притискаа за да се најде взаемно решение (за името, н.з.). Инаку состојбата ќе беше далеку постабилна. Но поради тоа постои еден елемент на несигурност. И тоа доминира во политиката. Албанците сакаат да имаат ЕУ перспектива и со притисокот во таа насока ја дестабилизираат другата страна. А тоа што Бугарите ги сметаат Македонците за Бугари, а Грците говорат за Александар Велики, ни тоа не помага кон изнаоѓање решение.
Но не смее да се поштеди ниту актуелното владејачко мнозинство: нивната идентитетска кампања не може да продолжи натаму. Она што им треба на луѓето се работни места, важна е борбата против корупцијата и правосудство, кое го заслужува тоа име.

ДВ: Како ги оценувате политичките процеси во Србија која доби статус на кандидат за членство во ЕУ и ги започна преговорите?

Српскиот премиер Александар Вучиќ држи една мудра линија, додека во неговата земја се одвива вистински натпревар: Русија, Турција и Кина се обидуваат да извршат влијание- сите во различна насока. Но проблемот со Косово, како и порано, и натаму има голема експлозивност- можеби и преголема, во споредба со другите проблеми. Тие можеби беа и лесни за надминвуање, но со овој (Косово, н.з.) ќе биде потребно малку повеќе разум.

ДВ: Што според Вас е решението за овој проблем?

Решението е да се прифати реалноста и да се постапува согласно таа реалност. Секој се обидува (од нејасната ситуација) да профитира, дали на избори или на друго место. Целата ситуација на неприфаќање на Косово води кон тоа да се јавуваат бројни проблеми, од шверц до многу други слични проблеми. Големата предност на ЕУ ќе биде соработката во различни области, меѓу другите и во граничната контрола. Но ние досега сторивме премалку за да ги зајакнеме капацитетите во овие земји.

Ерхард Бусек со децении се залага за политичко приближување на балканските земји кон Западна Европа. Претседавач е на Институтот за регионот на средна Европа и подунавјето, како и координатор на Југоисточноевропската иницијатива за соработка. Беше министер и вицеканцелар во Австрија, а од јануари 2002 до јуни 2008 и координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.

Реклама