1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот си замина од БиХ, проблемите останаа

Рахел Гесат/ Зиддојче цајтунг/ А. Трајковска28 септември 2012

По повеќе од 17 години заврши ангажманот на Бундесверот во БиХ. Повеќе од 63.000 германски војници учествуваа во мисијата, која требаше да го гарантира мирот.

https://p.dw.com/p/16Gw7
Фотографија: picture-alliance/dpa

На крајот во седиштето на германската армија во Сараево останаа уште двајца војници. Со нивното заминување заврши досега најдолгата мисија на Бундесверот во странство. За Томас Колацки од Командната централа за мисии на Бундесверот подвлекува: „За мене тоа е убаво чувство, што го спроведовме воениот налог и го завршивме ангажманот. Можеме да бидеме горди и задоволни“, изјави подполковникот Колацки за ДВ.

Германските војници во Босна и Херцеговина пристигнаа на преминот 1995/ 96 година како дел од меѓународните мировни трупи ИФОР. По три години граѓанска војна со околу 100.000 жртви, двете страни во воениот конфликт, Србија и Босна и Херцеговина, во ноември 1995. година го потпишаа мировниот договор, само пет месеци по масакрот од Сребреница извршен од босанските Срби, кога беа убиени повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња.

Масовно воено присуство

Повеќе од 50.000 војници на НАТО беа стационирани со цел да спречат насилни судири меѓу различните етнии и религии во поранешната југословенска република. Првиот германски контингент броеше околу 2.600 војници.

По една година силите ИФОР (Implementation Force), кои требаше да гарантираат спроведување на мировниот план, беа престроени во СФОР (Stabilisation Force), трупи за стабилизација на мирот. СФОР, во кој Германија учествуваше со до 3.000 војници, гарантираше слобода на движењето во земјата, покажуваше воено присуство на контролните пунктови и го собираше уништеното оружје на поранешните борци.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ за улогата на НАТО силите во БиХ денеска пишува: „Убивањето во БиХ не престана затоа што европските дипломати имаа успех и ги убедија воените лидери да склучат мир. Војната прекина оти над планините околу Сараево се појавија американски борбени авиони, а на улиците потоа и тенкови на 1. американска околопна дивизија. За Германците кои учествуваа во интервенцијата на НАТО, оваа успешна акција донесе сосема ново сознание: понекогаш употребата на воена сила не е само политички неопходна, туку и морално оправдана. Крвавата историја на германските војници на Балканот тогаш за многумина беше повод да се противат на ангажманот на Бундесверот во БиХ. Тоа беше аргументација која, со оглед на очајната позиција на опколеното население на Сараево, беше грозна, а која постана неодржлива по масакрот во Сребреница. Факт е дека интервенцијата на НАТО спаси бројни живот. Нема многу воени мисии кои можат да се пофалат со тоа“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Задачите се менуваат

Во 2004. година безбедносната состојба беше дотолку подобрена што ОН не го продолжија мандатот на СФОР. Со значително помал број војници трупите раководени од ЕУ - ЕУФОР (European Union Force) се грижеа за обезбедување на мирот.

Тежиштето на ангажманот беше пренасочено кон „не-егзекутивните“ задачи, појаснува Томас Колацки. 1.500 германски војници, кои во рамките на ЕУФОР беа стационирани во Босна и Херцеговина, засилено помагаа при обуката на босанската армија и полициските сили.

Bundeswehr Einsatz in Bosnien und Herzegowina Archivbild
Во БиХ има уште околу 1.000 странски војници во рамките на мисијата ЕУФОРФотографија: picture-alliance/dpa

Војската веќе не е потребна

Во јули 2012. година германската влада одлучи да го заврши германското учество во ЕУФОР. Со право смета Томас Колацки: „бидејќи откако постои оваа операција раководена од ЕУ, никогаш не беше неоходен воен ангажман на трупите на ЕУФОР. Може навистина да се каже дека овде не постои неопходност од вооружени трупи“. До истиот заклучок дојде и Рајнер Арнолд, портпарол за одбранбено политички прашања од СПД: Во разговор со Дојче веле тој оди и чекор понатаму: „Всушност токму за задачите во Босна и Херцеговина веќе одамна повеќе се потребни обучени полицајци отколку војници“.

Вкупно во рамките на ЕУФОР во Босна и Херцеговина се стационирани уште околу 1.000 меѓународни војници. Дали и кога и тие ќе се повлечат од балканската држава најверојатно ќе се одлучи идната година, смета Арнолд. „Во Босна и Херцеговина и денес има етничка затегнатост и многумина познавачи на земјата велат, дека земјата се’ уште не е целосно стабилна. Ризици се’уште постојат“, вели Арнолд.