Бугарски реакции по посетата на Петков: „Спијте мирно - Банско останува бугарско!“ | Северна Македонија | DW | 19.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бугарски реакции по посетата на Петков: „Спијте мирно - Банско останува бугарско!“

Додека за Кирил Петков посетата е голем успех, бугарските политичари бараат историските спорови да не се забораваат и предупредуваат дека бугарската влада има некоја „скриена агенда“.

Bulgarien Bojko Borissow GERB

Бугарија мора да направи компромис за македонскиот јазик, а Северна Македонија треба да направи компромиси за учебниците и за говорот на омраза, вели Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер Кирил Петков посетата на Северна Македонија ја опиша како „огромен успех“, откако Скопје официјално објави дека нема територијални претензии кон Бугарија и дека е договорен летот Софија - Скопје. Но, како што пренесуваат бугарските медиуми, со ваквата оценка не се согласуваат дел од бугарските политичари. Дел од нив велат дека историските спорови не смеат да се заборават, а првиот човек на ГЕРБ,  Бојко Борисов, иронично им порача на граѓаните: „Спијте мирно - Банско останува бугарско!“. 

Историските спорови да не се заборават 

Бугарскиот претседател, Румен Радев,  смета дека „пристапот предложен од владата во односите со соседите има потенцијал да го интензивира дијалогот, да ја зајакне довербата и мора да биде поддржан“. 

Bulgarien Kiril Petkov und Rumen Radev

Бугарскиот претседател, Румен Радев,  смета дека пристапот предложен од владата во односите со соседите има потенцијал да го интензивира дијалогот, да ја зајакне довербата и мора да биде поддржан.

„Сепак, тој не треба да ги остави настрана проблемите поврзани со нашите сонародници и заедничкото историско и културно наследство“, вели Радев. 

Тој е дециден дека е меѓу политичарите коишто сакаат Република Северна Македонија побрзо да стане членка на ЕУ. „Затоа мора да им помогнеме на нашите браќа побрзо да ги надминат идеологиите на тоталитарното минато и да се исполнат критериумите за членство“, вели Радев.

Тој смета дека како одговорна членка на ЕУ, Бугарија треба да интегрира партнери, а не проблеми. „Јас ќе го потврдам мојот став како претседател на сите Бугари, дека еднаквоста на македонските Бугари, од кои многумина се бугарски државјани, мора да се гарантира преку вметнувањето во Уставот, заедно со другите народи. Заедно со усвојувањето на сигурни механизми за искоренување на говорот на омраза и зачувување на бугарското културно и историско наследство, тоа треба да биде предуслов за нашиот договор за почеток на преговорите за членство“, вели тој. 

Компромис за македонскиот јазик 

Првиот човек на ГЕРБ, Бојко Борисов вели дека Бугарија мора да направи компромис за македонскиот јазик, а Северна Македонија треба да направи компромиси за учебниците и за говорот на омраза. 

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje

Посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје е главна тема во бугарските медиуми.

„Вечерва мирно спиев, Северна Македонија нема да ја нападне Бугарија и нема да има територијални претензии. Толку години македонски политичар не се осмели да ми каже дека нема да имаат територијални претензии кон Бугарија. Спијте мирно - Банско останува бугарско, ќе одите на скијање. За првпат се случува државник да оди и да не положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев“, рече Борисов.  

Избрзана посета 

Даниел Митов, од ГЕРБ посетата на Петков ја оценува како избрзана. Според него, Петков прво требал да оди во Брисел или Вашингтон за да ја разјасни позицијата на Бугарија и да побара помош и поддршка од Европската Комисија за преговарачките позиции со кои Бугарија ќе влезе во разговорите. Според него, нотите коишто беа објавени при посетата на Петков на Скопје (18.01.2022) , не се ништо ново и се најлесниот дел од преговарачкиот процес. 

Тој смета дека има некоја скриена агенда, која бугарската влада не ја кажува ниту на парламентот, ниту на граѓаните.