Бугарија: Составувањето влада - „невозможна мисија“ | Информации и анализи за Балкан | DW | 05.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Бугарија: Составувањето влада - „невозможна мисија“

Составувањето нова влада најверојатно ќе се претвори во „невозможна мисија“ за бугарскиот премиер и победник на изборите Бојко Борисов, оценува германската агенција ДПА.

Граѓанската партија на бугарскиот премиер Бојко Борисов останува најсилна и по парламентарните избори во земјата одржани вчера (04.04.2021), но соочена е со комплицирани преговори за нова коалиција, оценува германската агенција ДПА. Партијата ГЕРБ на Борисов, според неофицијалните резултати, освоила 26% од гласовите. Во парламентот места имаат освоено уште пет други партии и движења, од кои три се дефинираат како протестни партии.

Борисов ним им понуди составување експертска влада. „Ви предлагам мир. Ајде да ангажираме експерти и до декември да преземеме одговорност за да ја совладаме пандемијата со цел да тргнеме повторно напред“, изјави Борисов во ноќта по изборите. Тој не даде попрецизни објаснувања какви експерти би дошле предвид.

Социјалистите денеска ја отфрлија понудата на Борисов да учествуваат во експертска влада заедно со ГЕРБ. „Наш принципиелен став е анти-ГЕРБ коалиција“, изјави шефицата на партијата Корнелија Нинова.

Boyko Borisov I Premier Bulgarien

Прашање е дали Бојко Борисов ќе може да „скова“ четврта влада

61-годишниот Борисов во најсиромашната земја во ЕУ владее, со еден прекин, од 2009 година. Приврзаници на Социјалистите и на протестните партии минатото лето бараа негова оставка поради „коруптивно владеење и поврзаност со олигарсите“. Неговиот досегашен коалициски партнер, националистичката ВМРО-БНД, не успеа да го мине цензусот за влез во парламентот од 4%.

Протестната партија „Има таков народ“ на телевизискиот водител и кабаретист Слави Трифонов, според досегашните резултати, со освоени 18% од гласовите е, изненадувачки, втора по јачина политичка сила. Трифонов е еден од најпознатите негатори на короната во Бугарија, но во моментов е во карантин поради симптоми на Ковид-19. Заменик на Трифонов објави дека партијата нема да влезе во коалиција со „партиите кои симболизираат статус кво“, односно ГЕРБ на Борисов, Социјалистите и партијата на турското малцинство ДПС.

Bulgarien Parlamentswahlen

Изборите не донесоа јасна ситуација

Социјалистите најверојатно ќе завршат на трета позиција со 15% освоени гласови. Во новиот парламент влегуваат уште партијата на Турците - ДПС со освоени 9,5% гласови, конзервативно-либерално-зелената протестна коалиција Демократска Бугарија со освоени речиси 10% гласови и „Исправи се! Мафијата надвор!“ со речиси 5% освоени гласови.

Составувањето влада во Софија најверојатно ќе биде компликувано, затоа што програмите на партиите, кои делумно се непријателски настроени една кон друга, речиси и немаат заеднички точки, освен тоа што Социјалистите и трите протестни партии сакаат да го симнат Борисов од власт и се залагаат за поефикасна борба против корупцијата.

Популистичката партија „Има таков народ“ воопшто нема програма - таа сака да го промени политичкиот систем. Оттука, прашање е дали Борисов ќе може да „скова“ четврта влада. Нови избори не се исклучени.