Бугарите имаат историски комплекс на ниска вредност
4 септември 2011„Историското сеќавање на Бугарите во голема мерка е обременето од комплексот на ниска вредност. Во создавањето на тој комплекс основна улога има неколкувековното османлиско владеење во бугарските земји. Од таму е и тој страв вкоренет во секој од нас – да се открие дека сме роднини на Турците! Полошото е што продолжуваме да го криеме тој страв од самите себеси“, вели во интервју за Дојче веле, професорот Пламен Цветков. Историчарите ги смируваат оние кои се вознемирени. Дури и да има сродство, тоа ниту ги прави Бугарите - Турци, ниту Турците - Бугари.
Какви Словени се Бугарите?
„Токму ирационалниот страв да не се покаже дека сме „братучеди“ со комшиите од југоистокот го потхранува најјсилниот мит од предкомунистичкиот период во бугарската историја, за словенското потекло и словенскиот идентитет на Бугарите. Дури и современите Бугари се длабоко убедени во тоа, а ако некој се посомнева, веднаш се создава бура од емоционални реакции, во кои нема ништо рационално“, вели професорот Цветков.
„Вечната мизерија“ на Бугарија и традиционалното плачење за нејзините национални катастрофи, немаат корени само во националниот, туку во целиот балкански менталитет. Според професорот Цеков, прашањето за преживувањето на независната бугарска држава е заменето со темата за незавршеното национално обединување.
Што е со ослободувањето?
„Во Бугарија сме искомплексирани до тој степен од турското владеење, што ја сметаме за ослободување замената на султанската армија со руска. И досега смислено се премолчуваа злосторствата, грабежите, убиствата и насилствата извршени и од руската и од советската армија“, вели професорот.
Како жител на Софија се срамам што улиците во градот се уште носат имиња на „угнетувачи“ и „мразачи“ на Бугарите, како грофот Игнатиев, генералот Паренсов, кнезот Дондуков – Корсаков или Јуриј Венелин, кој ги смета Бугарите за руско племе. Но, вистината за нивните активности, иако се добро документирани со историски извори, ќе остане во сенка на измислиците, нагласува Цветков.
Иконоропство
Постојат доста конфузни сведоштва за личностите и делата на редица така наречени „икони“ во бугарската национална историја, кои се заклучени во челични табуа, што на крај треба да бидат укинати, смета овој професор. За Васил Левски, на пример, кој при целата своја демократичност создава тајна полиција, пополнета со предавници и шпиони и извршува редица егзекуции. Како црни статистики тие се ништо во споредба со касапницата во редовите на ВМРО, но историскиот факт си останува.
Автор: Николај Цеков/ Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски