Бојко Борисов како Вили Брант: Почит за жртвите од Холкаустот | Северна Македонија | DW | 12.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Бојко Борисов како Вили Брант: Почит за жртвите од Холкаустот

Потегот на бугарскиот премиер Бојко Борисов е голем и храбар државнички чекор, чин за поздравување, слично како што тоа во седумдесетите години го направи Вили Брант, вели македонскиот историчар Тодор Чепреганов

Краткиот пат меѓу собирниот центар и шините од кои тргнале вагоните на смртта, е рутата која утрово ќе биде помината со симболичниот „Марш на живите“. Тој ќе започне од старата железничка станица и ќе заврши во Тутунскиот комбинат (поранешниот Монопол), местото од каде што пред 75 години 7.144 македонски Евреи биле депортирани во логорот на смртта, Треблинка, во окупирана Полска. Евреите од Скопје, Битола и Штип биле доведени во зградата на монополот ноќта помеѓу 10-ти и 11-ти март 1943 година, а од 22-ри до 29-ти март присилно испратени на пат од кој никој не се вратил. Почит кон тие жртви кои со соочија со сите ужаси на холокаустот, претпладнево ќе оддадат премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, и претседателката на Еврејската заедница во Македонија, Берта Романо Николиќ, по што во Собранието ќе се одржи комеморативна седница на која ќе присуствуваат странски државни делегации и високи државни претставници на земјите од соседството.

Голем државнички чин

Огромно внимание во јавноста предизвика присуството на Борисов, кој ќе биде првиот бугарски премиер што ќе им оддаде почит на македонските Евреи, чија депортација не била спречена на териториите окупирани од Бугарија за време на Втората светска војна.

„Потегот на бугарскиот премиер Борисов е голем и храбар државнички чекор, чин за поздравување, слично како што тоа во седумдесетите години го направи Вили Брант“, вели македонскиот историчар Тодор Чепреганов.

Оваа споредба не враќа дваесет и пет години по Втората светска војна, кога на 7-ми декември 1970 година Брант беше првиот германски канцелар кој ја посети Полска, и при положувањето венец на споменикот на хероите од варшавското гето, клекна на коленици. Таа слика до денес се смета за еден од најграндиозните моменти во современата германска историја, а Вили Брант, човекот кој жестоко се борел и против Хитлер и фашизмот, со тој чин ја испрати пораката за нов и подобар свет.

„Ваков чин и досега требаше да направи Бугарија, која во минатото имаше две улоги: од една страна ги спаси Евреите на нејзина територија, но од друга, не ја спречи депортацијата на Евреите од окупираните териртории. Колку и да сакате не можете да бегате од сопствена историја“, вели Чепреганов.

Повеќе: 

-Холокаустот е историски факт кој не смее да се брише ниту оспорува

-Бугарски репарации за Македонија и Грција?

-Колку е Бугарија виновна за депортацијата на македонските Евреи?

Од тој аспект, и покрај тоа што денешните генерации во Бугарија немаат вина за она што се случило пред 75 години, Чепреганов смета дека поклонувањето на бугарскиот премиер пред споменикот на жртвите на Холокаустот е „голем настан, а Борисов голем државник“.

Настанот ги окупира насловните страници македонските и на бугарските медиуми. Едни шпекулираат дека Борисов ќе се извини за настаните во кои пред повеќе од седум децени била инволвирана Бугарија, други демантираат. Националниот фронт за спас на Бугарија, чиј лидер е вицепремиерот Валери Симеонов го повика Борисов да не се извинува за депортирање на Евреите от Вардарска Македонија и Беломорска Тракија кои се случиле во време на царска Бугарија.

Трајна поставка во Меморијалниот центар

Сепак, чинот на поклонување пред споменикот зборува сам за себе, без разлика дали ќе биде искажан со зборови или со силата на гестот. А, фактите, фотографиите и сведоштвата остануваат засекогаш забележани во историјата. За тоа ќе сведочи и новата трајна поставка што ќе ја добие Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, по седум години од неговото отворање во некогашното еврејското маало во Скопје. Таа поставка мултимедијално ќе ја раскажува историјата и културата на сефардските Евреи, нивното населување на Балканот и страдањата во Втората светска војна.Директорот на Меморијалниот центар, Горан Садикарио, открива дел од сегментите на поставката.

„Посебен дел од изложбата ќе го третира Монополот (Тутунскиот комбинат) каде Евреите биле собрани на 11 март 1943, и таму биле до депортирањето во Треблинка. За престојот во Монополот ќе има два филма - за сведоци кои биле во Монополот, но и за самата депортација и 'животот' во вагоните. Во посебен дел ќе биде опишан логорот на смртта Треблинка во кој се убиени 7.144 македонски Евреи заедно со над 900. 000 луѓе. Филмот ќе биде 3Д приказ за изгледот на логорот, а ќе бидат опишани и сите логори на смртта“, најавува Садикарио.

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија соработува со сите меморијални центри низ светот во истражување и размена на документација, но и едукативни семинари кои во Скопје се организираат веќе три години, а ги посетуваат македонски професори и нивни колеги од Грција и од Бугарија.

Во знак на почит и сеќавање, синоќа се одржа комеморативна вечер со концерт во Македонската филхармонија во Скопје, на која свои обраќања имаа претседателот Ѓорѓе Иванов, заменик министерот за одбрана на Израел, Ели Бен Дахан, претставник на Американскиот еврејски комитет, рабинот Ендру Бејкер, и претседателката на Еврејската заедница во Македонија.

„Депортираните 7.144 Евреи кои завршија во логорот Треблинка, претставуваа 98 отсто од севкупната еврејска популација на окупирана Македонија, од кои 50 отсто беа деца. Тие не се само статистика, секој од нив има име и идентитет и наша должност е да го зачуваме споменот за нив“, рече Иванов во обраќањето.

Пред една недела, на 5 -ти март, Собранието на Република Македонија ја усвои Декларацијата посветена на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, а на 6-ти март Владата ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизам.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

DW.COM

Реклама