1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Symbolbild Bestechung
Фотографија: fovito/Fotolia
Закон и правосудство

Борбата против корупцијата - „мртво слово на хартија“

ДТЗ
8 април 2022

САД инвестираа многу во судскиот систем во С. Македонија и сега бараат резултати. Американската амбасадорка во Скопје во два наврати упати порака дека само ефикасно и независно судство ќе ја врати довербата кај граѓаните

https://p.dw.com/p/49bLR

За само две недели, американската амбасадорка во Скопје, Кејт Брнз, во два наврати испрати остри критики за судството и забелешки за борбата со корупцијата во Северна Македонија, која што вродува со пораст на недовербата на граѓаните во институциите. Ако во нејзиното обраќање на конференцијата пред судиите на 24 март, фокусот беше на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ која покажа дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, на регионалниот форум „Борбата против корупција: Западен Балкан во фокусот“ во четвртокот, таа го прошири опсегот на критики кон институциите кои слабо напредуваат на ова поле. 

Брнз вели дека САД инвестирале многу во судскиот систем во Северна Македонија за да ги затвори овие ранливи точки. „Сакаме да видиме дека нашите инвестиции се исплатливи со судски систем што е правичен за сите“, порача амбасадорката во Скопје.

Кои се слабите точки коишто ги детектира американската администрација во напорите на земјата да се справи со корупцијата, како едно од најголемите зла на денешницата и што мора да се преземе итно за да се покаже вистинска волја, а не само „празни зборови на хартија“, за да се искоренат коруптивните практики во секоја сфера од живеењето?

Напредок има, но не е доволен

Првата антикорупционерка во земјата, Билјана Ивановска за ДВ вели дека воопшто не е изненадена од ваквите критики. „Силното политичко влијание, политиката на неказнивост, нетранспарентноста и злоупотребата на дискреционите овластувања - сето тоа носи висок ризик за корупција“, вели Ивановска. 

Ако се има предвид дека од страна на институциите се спроведени само 20 проценти од зацртаните активности во Националната стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси (2020-2024), тоа доволно ја отсликува општата состојба на ова поле, укажува претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Антикорупционерите изминатиот период укажаа на многубројни системски слабости и предложија препораки за нивно надминување, но, за жал, не беа прифатени и применети во целост. Малиот процент на реализација се потврдува и во годишниот извештај за спроведување на стратегијата каде се нотирани 54 проблеми, за чие надминување се предвидени 111 мерки и 191 активности. Од нив, целосно се реализирани 22 (20%), во тек на реализација се 30 активности (27%), додека 59 (53%) од активностите воопшто не се започнати со реализација. Најголема реализација на активностите има во секторот правосудство (78%), па следуваат секторот медиуми и граѓанско општество (67%), јавни набавки (33%) и секторот образование (22%). Од друга страна, дури во три сектори (труд и социјална политика, земјоделство и спорт) има 0% целосно реализирани активности. 

Силен ризик од корупција 

Јавните набавки; вработувањата во јавниот сектор, инспекцискиот надзор, издавањето на различни одобренија, решенија, лиценци и дозволи, доделување на грантови, субвенции и друга државна помош се всушност дел од областите каде се генерираат силни ризици од корупција. ДКСК до Основното јавно обвинителство минатата година доставила осум иницијативи, од кои седум за корупција и една за судир на интереси. Од нив, обвинителството постапило по три иницијативи за корупција, а додека не постапило по едната иницијатива за судир на интереси, како и по една иницијатива за корупција. Тоа е една од причините поради коишто антикорупционерите се чувствуваат осамени во битката против корупцијата.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права продирајќи во сите сфери, особено онаму каде што ќе најде поволно тлоФотографија: DW/Petr Stojanovski

Како најголемо општествено зло, корупцијата ја поткопува демократијата и човековите права продирајќи во сите сфери особено онаму каде што ќе најде поволно тло, односно ќе наиде на личности со изразено чувство за личен интерес,со желба за моќ и влијание без интегритет и етичност. 

Извештаите на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија, евалуациите на ГРЕКО, како и извештаите на други релевантни организации алармираат на тренд на долгогодишно влошување на состојбата во оваа сфера. Таа толку е одомаќена што граѓаните ја доживуваат како начин на живот. Толку е длабоко и широко распространета во сите пори на општеството, што упатува на неопходноста од нејзино намалување, со стремеж кон нејзино искоренување, укажуваат антикорупционерите.

С. Македонија неодамна забележа напредок од 24 местана листата за перцепција за корупцијата, но според американската амбасадорка, Кејт Мери Брнз, на земјата ѝ претстои уште многу работа. 

-повеќе на темата: Напредокот на С. Македонија во индексот на корупција е добар, но е се уште далеку од европскиот просек

Кога граѓаните чувствуваат дека не можат да успеат во нивниот систем заради корумпирани административци или коруптивни практики, тоа ја нагризува суштината на општеството. Според Брнз, корупцијата ја нагризува довербата во институциите, сите основи на демократијата, а антидемократските сили ја користат корупцијата за да ја поткопаат демократијата во слободните нации. Корупцијата има различни форми, не се само парите во коверт и не се случува само на највисоко нивоа на Владата, вели таа. 

„Научивме дека граѓаните некогаш не можат да добијат на пример извод од матична книга на родени без да потплатат. И ова е корупција, и тоа е погрешно и штетно. Тоа е корупција што го забавува напредокот“, децидна е амбасадорката. Таа ја искористи можноста повторно да потенцира дека во земјата има голем притисок врз судиите, што може да биде индикатор за корупција и во најдобар случај може да го направи судскиот систем подложен на корупција. Според неа, судството мора да биде ефикасно, независно и да го спроведува законот еднакво за сите доколку сака да ја врати довербата на граѓаните.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница