„Бомбите“ ќе бидат доказ само во обвиненијата до јуни 2017 година | Северна Македонија | DW | 05.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Бомбите“ ќе бидат доказ само во обвиненијата до јуни 2017 година

Од СЈО сметаат дека вакво евентуално решение нема да се одрази на обвиненијата по 30 јуни 2017 година, бидејќи тие не се темелат само на сознанија од „бомбите“, туку на повеќе докази обезбедени во истрагите.

Материјалите од незаконското следење на комуникациите СЈО може да ги обработува најдоцна до 15.9.2020 година, а може да ги користи како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година. Неофицијално, ова е една од одредбите во предложеното законско решение со кое треба да се реши иднината и статусот на СЈО во обвинителскиот систем. Исто така, се предлага „бомбите“ кои не се дадени како докази во судовите, да се чуваат во СЈО една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, потоа да бидат уништени согласно со закон, а записниците за уништување да се доставуваат до државниот јавен обвинител.

Од СЈО сметаат дека ова нема да се одрази на обвиненијата подигнати по 30 јуни 2017 година, бидејќи тие не се темелат само на сознанија од „бомбите“, туку на повеќе докази обезбедени во истрагите. Но, дали СЈО ќе се смета за овластен тужител и дали воопшто ќе може да подигнува нови обвиненија по тој рок, ако се има предвид дека тоа право беше оспорено од Врховниот суд со Начелно правно мислење донесено на 30.01.2019 година? Според тоа мислење, во согласност со членот 22 од законот за СЈО, ова Обвинителство може да покрене обвинение во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност, односно само до 30.06.2017 година. По сила на ова правно мислење, вчера Врховниот суд им ги уважи жалбите и ги укина притворите на тројца осомничени во предметот „Империја“ на СЈО. Покрај притворите на Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, под удар на ова правно мислење во иднина може да се најдат и десетина нови обвиненија на СЈО, за кои пресудите во крајна инстанца би биле укинати од Врховниот суд.

Повеќе: 

Обвинителство ќе „пресече“ за дилемите на Кривичниот суд

За СЈО решаваат тие што СЈО не ги „реши“

Кривични дела од висок профил

Од СЈО се надеваат дека новото законско решение ќе им овозможи континуитет врз работата на сите предмети. Законскиот предлог предвидува дека СЈО е надлежно да постапува за кривичните дела кои се поврзани и кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите за периодот од 2008 до 2015 година за кои се поднесени обвиненија или отворени истраги, како и за преземените предмети за кои е воспоставена надлежност согласно со Законот за СЈО.

„Обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година и истражните постапки што ги спроведува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до стапувањето во сила на овој закон продолжува да ги спроведува Специјалното јавно обвинителство“, се вели во предложеното законско решение.

Притоа се предвидува СЈО да биде надлежно за повеќе дела: кривични дела против изборите, перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, проневера во службата, измама во службата, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание, противправно стекнување и прикривање имот, измама при работењето со хартии од вредност и удели, злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, спречување, ограничување, нарушување на конкуренција или злоупотреба на овластување во стопанството извршени од избрани или именувани функционери во државни органи, единици на локалната самоуправа и одговорни лица во политички партии.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje (DW/P. Stojanovski
DW/P. Stojanovski)

Се предвидува СЈО да гони кривична дела од „висок профил“

И официјално „СЈО“

Со тој закон сегашното „Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“ ќе се трансформира во „Специјално јавно обвинителство“, како што и досега скретено беше нарекувано во јавноста. Тоа ќе продолжи да ја врши надлежноста што претходно му е определена со Закон, „за предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година, како и за предметите кои се наоѓаат во фаза на судење врз кои е воспоставена негова надлежност“.

Со оглед дека се предвидува СЈО да гони кривична дела од „висок профил“, доколку има одредени преклопувања или судир на надлежности меѓу обвинителствата, за тоа ќе решава државниот јавен обвинител.

Предвидено е досегашниот Јавен обвинител на оваа институција да продолжи да ја врши функцијата како јавен обвинител на СЈО уште две години по влегување на сила на законот, што значи дека шефица на СЈО  во наредните две години ќе биде Катица Јанева. Истражителите што досега биле доделени на СЈО ќе продолжат таму да ги вршат своите активности, а архивата, материјалните средства и опремата кои ги користи и поседува инстутуцијата, преминуваат како материјални средства и опрема на СЈО со право да ги користи и да располага со нив.

Иако надлежни функционери изјавуваа дека не е постигната согласност за овој закон, од ДУИ тврдат дека во коалицијата никогаше немале разлики и несогласувања за предложеното решение. 

DW.COM

Реклама