Боите на есента
Температурите можеби се во опаѓање, а денот е се‘ пократок, но есента во Германија е далеку од тмурно. Дрвјата се накитени со златни лисја, а возбудливите вински и гроздоберски фестивали пружаат одлична забава.
Богатство од бои
Температурите се можеби во опаѓање, а денот е се‘ пократок, но есента во Германија е далеку од тмурна. Дрвјата се накитени со златни лисја, а возбудливите вински и гроздоберски фестивали пружаат одлична забава. Оваа редица дрвја во близина на Мекенхајм, во Северна Рајна Вестфалија, на есента и‘ дава прекрасен изблик од бои.
Огнено зеленило
Зелените листови од листопадните дрвја почнуваат да ја менуваат бојата во септември, пред да ја распослат почвата со килим од разни бои. Во Германија, растенијата покриваат околу 12 милиони хектари земја. Но, наесен, шумите, градските паркови и ливадите експлодираат во црвени и златни нијанси.
Залихи за зимата
Црвените верверички претежно живеат во европските листопадни шуми и се редовни посетители на парковите и градините. Со заладувањето, нивното црвено крзно потемнува и станува погусто. Тие се хранат со семки, лешници и бобинки, а во есенските месеци работат прекувремено за да обезбедат доволно храна која ќе им трае и во зимските месеци. Понекогаш и го закопуваат својот плен.
Да се преживее дождот
Непредвидливи заладувања и дождовни периоди се дел од есенското секојдневие како и прекрасната промена на боите на природата. Сончевите денови стануваат поретки, а деновите се пократки и постудени. Кога чадорите и палтата ќе станат неопходност, тоа е сигурен знак дека есента пристигнала.
Богатство од избор
Годишно во Германија се одржуваат стотици вински фестивали, повеќето наесен, кога се традиционалните гроздобери. Љубителите на вино ги запоседнуваат селата околу реките Рајна, Мозел, Елба и Мајна за да се насладуваат во традиционалната храна и вината од различни региони.
Слатко сезонско освежување
Федервајсер (шира, н.з.) е сезонски специјалитет кој може да се проба во германските вински региони во септември и октомври. Тоа е ферментиран, свежо исцеден сок од грозје. Своето германско име го добило поради матната бела боја и ситните меурчиња од квасецот. За да смее да се нарекува Федервајсер, пијалокот мора да има најмалку 4 проценти алкохол.
Храна за студено време
Федервајсер вообичаено се консумира со уште една есенска класика: цвибелкухен (колач од кромид). Слично на киш, овој колач се прави од кромид, сланина, јајца и брашно. Тој е вообичаен во германските вински региони и е актуелен во постудените месеци.
Потрага по печурки
За многу семејства, есента значи облекување чизми и правец в шума! Во Германија има околу 5.000 видови печурки, а познавачите ги препознаваат отровните според нивната боја. Професионалното берење е забрането, а неодамна еден човек кој беше фатен со 50 килограми печурки отвори сомнеж за постоење на „печуркарска мафија“.
Тикви за сите пари
Жетварските фестивали се бројни наесен, а честопати „ѕвезди“ на фестивалите се тиквите. Некои градови дури имаат и свои „Фестивали на тиквите“- „Кирбисфест“, на кои посетителите можат да се одушевуваат на скулптурите од тикви и нивниот вкус. Градот Лудвисбург е домаќин на најголемиот фестивал од тој вид, каде на располагање се ставаат повеќе од половина милион зеленчуци.
Ноќ на вештерките по германски
Кон крајот на октомври не е невообичаено околу германските домови да се видат тикви и други симболи карактеристични за ноќта на вештерките. Хеловин не е традиционална германска прослава, но станува сѐ попопуларна последниве години, благодарение на холивудските филмови и влијанието од САД.
Светилки во бои на виножитото
Обоените светилки се дел од традиционалната германска прослава на денот на Св. Мартин - на 11. ноември. Во повеќето градови децата се облекуваат во костуми, пеат и учествуваат во поворките, придружувани од постарите кои се облечени како Св. Мартин. Според легендата, Мартин му дал дел од својата црвена наметка на некој просјак за време на снежна бура. Светилките ја претставуваат неговата добрина.