Богојески: Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ е исто, само Никола го нема | Северна Македонија | DW | 28.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Богојески: Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ е исто, само Никола го нема

Барем да се побараше одговорност на шефот на Републичкиот изборен штаб, поради изгубените избори и катастрофата во Охрид, вели Петар Богојески, еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Опозицијата критикува дека промените што ги најави СДСМ се „продавање магла“, а СДСМ ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да го следи примерот и да спроведе реформи во партијата. Во таков круг со денови се вртат пораките што на јавна сцена си ги разменуваат власта и опозицијата. 

„Неправдата, лошиот стандард, сиромаштијата, се работи кои се заеднички за луѓето од сите вери, заедници, државјани на нашата Македонија“, напиша вчера на Фејсбук претседателот на  ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски.

„Одговорот на ова не е ниту онаа изглумена метла која треба да го амнестира од одговорност оној кој ја доведе државата до работ, туку потребна е промена и обнова која вистински ќе не придвижи кон ЕУ, ќе обезбеди иднина, стандард, ќе донесе успеси. Романтизмот на власта со која се додворува до одредени заедници, не е замена за вистинските решенија на проблемите кои ги имаат овие граѓани“, оцени Мицкоски.

Иако во опозициската партија со критики ги следат промените што ги најави Заев, признаваат и дека сѐопштата критика кон неговата „метла“ не може да биде покритие за отсуството на промени во нивната партија. Членови на опозициската партија не се подготвени јавно да зборуваат за недостигот од реформи, но признаваат дека, за жал, и подготвуваниот партиски статут не доживеал да отиде ни „чекор понапред“.

Четири години иста реторика

Еден од ретките кој отворено зборува за состојбите е Петар Богојески, поранешен заменик-генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ и еден од иницијаторите за реформи во партијата. Вели дека е рано да се дава оценка на чекорите од „метлата“ на Заев, но жали што неговата партија не покажува реформски капцитет.

„Прво, од СДСМ досега видовме промена само на партиски, но не и државни функционери. Второ, оценката не се прави само според списокот на разрешени, туку според списокот на новоименувани функционери. Ќе мораме да го почекаме тоа, да ја видиме понудата на нови кадри, за да се даде почетна проценка. Значајно е да видиме дека и министрите од ДУИ имаат одговорност пред законот и пред премиерот, а не само пред партискиот шеф. За пофалба е капацитетот на СДСМ да влезе во вакви реформски процеси и покрај фактот што тие се целосни победници на сите избори. За жал, ВМРО ДПМНЕ не покажа грам капацитет во таа насока. Барем да се побараше одговорност на шефот на Републичкиот изборен штаб, поради изгубените избори и катастрофата што ја доживеавме во Охрид“, вели Богојески.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE (DW/Petr Stojanovski)

Процесот на реформи во ВМРО ДПМНЕ никогаш не е ни започнат вистински, истакнува Богојески

Според него, без разлика на започнатите промени, сепак СДСМ нема да ја врати довербата кај граѓаните, кај кои ја изгубила во последните две години.

„Тие се трајно изгубени поддржувачи на нивните политики и ќе чекаат и очекуваат нова понуда. Притоа, неприфатливо е СДСМ да продолжи да се однесува како опозиција. Користи реторика како пред четири години - 'ВМРО прави вака, ВМРО прави онака'. Во ред, поради тоа што правевме вака или онака, ние изгубивме власт. Ама сега тие се на власт, нека покажат што знаат и што прават“, дециден е Богојески.

Заглавени во „груевизмот“

Но, исто така дециден е и во оценката дека ВМРО ДПМНЕ нема напредок во ниту еден чекор од она што значело напуштање на реториката својствена на „груевизмот“.

„Не само реториката, политиките, статутот на партијата, кадровските решенија, меѓународните позиции, сѐ е исто, само Никола 'го нема'. Тоа е некој вид комоција за  Заев и СДСМ,  но не е гаранција дека нема да се случат покрупни промени во власта, доколку не бидат успешни овие промени кои Заев ги започна. Од тука, има некоја чудна причинско-последична врска помеѓу случувањата во ВМРО-ДПМНЕ и оние во СДСМ. Често делува како да е координирано. Овие промени во СДСМ се поголема шанса за Заев да го наметне т.н. 'струмички' концепт”, кој е супериорен во однос на ВМРО-ДПМНЕ груевистичка, отколку реално да промени нешто во реализацијата на дадените предизборни ветувања. Тој концепт не успеавме да го поразиме повеќе од деценија, ниту на локално, ниту на државно ниво. Ако Заев успее тој негов концепт да го наметне во СДСМ и да стане конечно лидер на СДСМ, а не лидер под кирија како досега, тогаш ќе биде скоро невозможно ние да победиме на следните парламентарни избори со нашиот 'грујов концепт'“, објаснува Богојески.

Во тој контекст ја истакнува потребата од „брзо завршување на процесот на реформи во ВМРО-ДПМНЕ, процес кој никогаш вистински не започнал“, но и промена на изборниот систем - неисполнето ветување на СДСМ, кое се претворило во огромен фактор против вистинската демократизација на политичкиот систем.

„Втор неуспех е тоа што не успеавме со закон да наметнеме внатрепартиска демократија. Тое е нужност во услови на недостаток на менталитет и демократски капцитет на политичарите, но и на граѓаните“, заклучува Богојески.

DW.COM

Реклама