БиХ пред нова спирала на судири | Свет | DW | 09.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

БиХ пред нова спирала на судири

Деветти јануари, Денот на Република Српска, и годинава се одбележува со остра реторика од српска и бошњачка страна. Соговорниците на ДВ сметаат дека тоа е само увертира и дека на земјата ѝ се заканува нова ескалација

За едни тоа е нормален ентитетски празник, а за други - провокација. Овојпат, Денот на Република Српска (РС) е особено пикантен со оглед на одлуката на Уставниот суд на БиХ дека славењето на тој ден е неуставно и игнорирањето на таквата одлука од властите во Бања Лука. Сѐ минува во знак на засилена тензичност во регионот, особено во БиХ, каде по референдумот во РС и острата предизборна кампања се влошени и односите меѓу националните лидери.

Состојбата ја компликува и доаѓањето на српскиот претседател Томислав Николиќ во Бања Лука, и тоа пред посетата на Сараево најавена во февруари. Николиќ во својот петгодишен мандат се уште не бил во официјална посета на Сараево.

Директорот на бањалучкиот Центар за меѓународни односи, Милош Шолаја потсетува дека српските функционери и во претходните 20-ина години доаѓаа во Бања Лука на одбележувањето на Деветти јануари, на што ги обврзуваат и специјалните односи меѓу Србија и РС. Тој додава дека Србија, односно нејзините претставници, во овој случај се однесуваат во согласност со своите политички определби, а не со политичките прилики во БиХ.

На БиХ „црно ѝ се пишува“

„Николиќ веројатно ќе имаше многу проблеми во Србија доколку годинава не дојдеше во Бања Лука“, вели Шолаја. „Не се работи само за присуството на Николиќ, туку и за учеството на вооружените сили на БиХ. (Се однесува на вчерашното постројување на дел од војниците со потекло од РС, н.з.). Доколку армијата на БиХ не ги одразува и интересите на РС, тоа би можело да предизвика нови проблеми во земјата. Сето тоа би можело да биде вовед во нов политички конфликт од кој тешко ќе излеземе. Зборувам за еден општ впечаток во Бања Лука. Имајќи ги во вид овие, но и други аспекти на кризата во БиХ, се плашам дека на земјата црно и се пишува“. 

BosnienReferendum Republika Srpska (DW/D. Maksimovic)

Референдумот кој, според Уставниот суд на БиХ, не смееше да се одржи

Иако во Претседателството во Сараево не беше постигната согласност, почесната единица на армијата на БиХ, на барање на претседавачкиот на државното Претседателство Младен Иваниќ, беше построена во Бања Лука во неделата при оддавањето почит на загинатите припадници на бившата војска на Република Српска. Иваниќ рече дека ја презема одговорноста за постројувањето на единицата во неделата, но не и денеска за кога е закажана свечена смотра.

Пред самата прослава, претседателот на РС, Милорад Додик за РТС изјави дека иднината на земјата ја гледа во „мирен излез“.„Оваа Босна е земја која нема шанси да успее. Тоа само овие идеалисти кои доаѓаат од страна се обидуваат да направат некаков концепт на држава. Зошто Босна и Херцеговина мора да опстои? Зошто?“

Референдумска грозница

Подолго време се говори дека Додик би можел да тргне кон отцепување на РС со низа референдуми. Аналитичарите тврдат дека тоа е резултат на неадекватната реакција на меѓународната заедница, во прв на Канцеларијата на високиот претставник во БиХ. „Сосема е сигурно дека Додик и Сојузот на независните социјалдемократи се охрабрени бидејќи неуставниот референдум за Денот на РС мина неказнето“, вели за ДВ, политичкиот аналитичар од Сараево Алмир Терзиќ. Верува дека во БиХ „сигурно ќе има нови референдуми“, потсетувајќи дека тоа го најавуваат и власта, но и опозицијата во РС.

„Имајќи предвид дека одржувањето на референдумот за Судот и Обвинителството на БиХ е веќе изгласано во Народното собрание на РС, не постои ниту една пречка тој да не се активира. Се плашам дека од сите страни, барем во РС, ќе се користат референдуми за да се собираат политички поени. Доколку меѓународната заедница, а особено САД не преземат позначајна улога во смисла на присуство во БиХ, се плашам дека референдумската грозница не само што ќе предизвика подлабока криза, туку и нешто што би можело да имплицира и судири“, предупредува Терзиќ.

DW.COM

Реклама