Белград: Деца-бегалци на улица | Информации и анализи за Балкан | DW | 11.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Белград: Деца-бегалци на улица

Во главниот град на Србија, малолетни мигранти без придружба живеат на отворено - среде зима. Нивната натамошна судбина е во рацете на меѓународната криумчарска мрежа.

Студен ветер дува на улиците во Белград. Граѓаните на главниот град на Србија се подготвуваат за дочекот на православната Нова Година на 14 јануари. И покрај короната, продавниците се отворени. Луѓето, облечени во дебели капути шетаат по шопинг-зоната или на шеталиштето на Сава. Во близина на автобуската станица во Железничка улица на крајот на градскиот центар, се гледа поинаква слика. Во малиот парк има група деца и млади.

Најмладиот има 11, а најстариот 17 години. Тие се без придружба, поголемиот дел се од Авганистан. Некои малолетници се замотани во бели покривки. „Ја купив на пазарат од спротива“, вели Шеркат. Носи патики. И другите момчиња се тресат од студ. На сите на лицата им се гледа умор. Чекаат можност за понатамошно патување кон унгарската или хрватската граница. На Шеркат еднаш веќе му успеало да ја напушти Србија, но ситуацијата на другата страна на границата на ЕУ, како што вели, била лоша. „Во Хрватска, полицијата ми го украде мобилниот телефон и ме прати назад“, вели тој. Според неговите зборови, ситуацијата во бегалските кампови во Србија е тешка. Вели дека нема потврда за регистрација која ја издаваат надлежните места во Србија, а оној кој не е регистриран, нема пристап до средствата за помош.

Децата ги избегнуваат властите

Богдан Красиќ од организацијата Спасете ги децата го познава проблемот. „Овие деца се на пат во други земји. Тие не сакаат да останат во Србија. Има и многу деца во официјалните кампиви за баратели на азил, но, за жал, и голем број од нив се надвор од камповите“, вели тој. Красиќ пренесува дека не е едноставно да им се помогне на овие млади луѓе, бидејќи тие не сакаат да се регистрираат. „Тие сакаат да одат во Западна Европа и ги избегнуваат хуманитарните организации и полицијата.“

Повеќе:

-1359 мигранти од кампот Липа се под ведро небо

-Хрватска и недостојната игра на ЕУ со бегалците

-Пет години бегалска криза: Што е постигнато?

Шеркат и неговите сопатници спијат на едно градилиште спроти паркот, веднаш покрај богатото санирано шеталиште, на кое никнуваат инвестициски проекти вредни милијарди: трговски центри, хотели, деловни згради. Оваа ноќ, градилиштето е напуштено. Празни шишиња и конзерви, душеците и тенките прекривки од полиестер укажуваат дека момчињата биле тука. Еден преведувач го бара Шеркат. Тој се јавува и вели дека со неколку други мигранти попладнето со автобус отишле во Бачка Паланка на границата со Хрватска. Сакале, вели, уште еднаш да си ја пробаат среќата.

Целта- Франција!

Ризванулах и Екрам од Авганистан, двајцата, како што велат, имаат 15 години, сакаат што е можно побрзо да заминат. Со уште две момчиња спијат на кејот. Замотани се во виндјакни и вреќи за спиење, но и покрај тоа се смрзнуваат. Душеци - немаат. Само една тенка ќеса за отпадоци ги одвојува од камениот плочник. Ризванулах сака да замине во Франција, каде, вели, има роднини. Раскажува дека 3 и пол години бил во Турција и оти таму работел, но за тоа не добил пари. Потоа заминал во Грција. „Грчката полиција ме истепа и ме врати назад во Турција“, вели тој. Потоа успеал преку С. Македонија да стигне до Белград.

Нема место во кампот за малолетни

Ризванулах и Екрам веќе 10 дена се во главниот град на Србија. Ризванулах би отишол во кампот за малолетни мигранти, но тоа не е едноставно. „Имам 15 години и веќе сум бил во камповите во Обреновац, Шид и Адашевци. Таму не ми веруваа дека сум малолетен и не ми дадоа карта и документи“.

Случаите кои се опишани тука не се единствени. Многу малолетни деца доаѓаат од Турција и од Грција на Западен Балкан. Во 2015 и 2016 година јавниот интерес за т.н. Балканска рута беше голем. Хуманитарните организации не нудеа само храна и медицинска помош, туку и одреден степен на транспарентност. Донекаде се знаеше каде се наоѓаат луѓето и колку се на број.

Меѓународна криумчарска мрежа

Но, тие времиња завршија. Во исто време, балканската рута е сè уште релевантна. Поради условите во кои се наоѓаат бегалците во Турција, но и во Грција, се зголеми бројот на мигранти на пат од Грција кон Хрватска или Унгарија.

Катарина Јовановиќ е психолог и се занимава со истражување. За организацијата „Спасете ги децата“, таа и нејзиниот тим интервјуираа и и опфатија со студијата 40 малолетни лица и бегалци без придружба на улиците на Белград. Тие дознале дека децата патувале сами, но дека биле под контрола на криумчари за време на патувањето: „Тие зборуваат за кахакнар, еден вид шеф на криумчарите, кој е во Авганистан и е во контакт со шверцерите на лице место“.

Улогата на родителите

Најчесто родителите се оние кои му се обраќаат на таков кахакбар за да го испратат својот најстар син сам на патување во Западна Европа. За такво нешто семејството, по правило, мора да позајми пари: „Мислиме дека родителите само ги пуштаат своите деца и повеќе не се грижат за нив. Но, тоа не е точно. Тие се обидуваат да одржат одреден степен на контрола “, објаснува Јовановиќ.

За време на патувањето кон Запад, шверцерите на терен, информирани од кахакбар од Авганистан, воспоставуваат контакт со деца.  Така се регулира дури и пристапот до пари: „Повеќето деца немаат пари со себе. Тие знаат дека е опасно. Според договорот склучен од нивните родители, тие добиваат помалку суми пари од шверцери на теренот “. Покрај тоа, децата барем повремено се во контакт со своите родители. Криумчарарите им даваат пари за телефонски картички, но во исто време контролираат што пријавуваат децата кај своите родители.

Насилство и злоставување

Во многу случаи, децата се жртви на насилство и злоупотреби, вклучително и сексуално злоставување. Но, тие не зборуваат за тоа со своите родители: „Тие не сакаат нивните родители да се грижат“, вели Јовановиќ: „Тие мислат: морам да го поминам ова, мора да бидам силен. Така ќе пораснам. Јас веќе не сум мало момче “.

„Постои систем“, вели Јовановиќ. „Тој понекогаш ги штити децата, но во повеќето случаи не, така што децата минуваат низ страшни работи“.  Нема официјална помош за младите мигранти. Пандемијата на коронавирусот значеше  дефинитивен крај и за групите доброволни помагачи кои се грижеа за малолетниците без придружба на балканската рута.

Сè помалку податоци

Исто така, нема податоци за тековната миграција: „Гледаме големи разлики во бројките објавени од УНХЦРна национално и на регионално ниво“; објаснува Богдан Красиќ. „Гледаме деца кои доаѓаат од Грција и затоа претпоставуваме дека нивниот број во другите земји на балканската рута е сличен. Но, тоа не се рефлектира во бројките на УНХЦР.  Де факто не знаеме колку деца навистина беа на пат оваа година “.

За Катарина Јовановиќ, фактот дека има сè помалку веродостојни податоци за миграцијата е дел од бегалската политика на сите земји на Балканската рута: „Властите само еднаш ни дозволија да разговараме со децата“, вели таа, осврнувајќи се на времето на настанување на нејзината студија во 2018 година.

Според неа, сега никој не се занимава со таа работа, ниту УНИЦЕФ, ниту УНХЦР, ниту Меѓународниот црвен крст: „Ние всушност веќе немаме пристап до податоци или тие се појавуваат многу спорадично и не се преведени на англиски јазик. Јасно може да се види е дека информативната политика е променета “.

 

Реклама