Мигрантска драма на границата помеѓу Белорусија и Полска | Свет | DW | 24.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мигрантска драма на границата помеѓу Белорусија и Полска

Група мигранти од Авганистан веќе две недели е заглавена на источната граница на ЕУ. Полска и Белорусија отфрлаат секаква одговорност за луѓето.

Grenze zwischen Polen und Weißrussland nahe Usnarz Gorny

Мигранти од Авганистан кампуваат на границата помеѓу Полска и Белорусија

Групата мигранти прво броела околу 50 лица. Во меѓувреме, според наводи на полските граничари, жените со мали деца и дел од мажите се вратени од страна на белоруските граничари назад во Белорусија.

Во текот на вчерашниот ден (23.08) во пограничното подрачје кампувале уште околу 24 лица, наведува полската служба за заштита на границата. Тие, како што се вели, не сакаат да се вратат во Белорусија. 22-ца од мигрантите, како што тврдат нивни поддржувачи, на 20 август на англиски јазик во Полска побарале „меѓународна заштита“, но полската служба за заштита на границата тоа го игнорирала.

Во моментов бегалците се наоѓаат на површина од околу 30 квадратни метри. На полската страна од границата се набљудувани од страна на полските граничари, а од белоруската страна од страна на вооружени војници со шлемови и проѕирни пластични маски за заштита од коронавирус. Возила на полската служба за заштита на границата ги имаат одвоено бегалците од присутните новинари. Новинарите смеат да им се приближат на мигрантите само на оддалеченост од 200 метри.

Авганистанците живеат под отворено небо, без заштита од обилните дождови во текот на изминатите денови. Во мал шатор, кој им го донесе полски пратеник во текот на изминатата недела, се имаат засолнето четири жени. Тоалети нема. Луѓето лежат или седат меѓу полски и белоруски униформирани лица, кои спречуваат бегалците да заминат во шумата.

Grenze zwischen Polen und Weißrussland nahe Usnarz Gorny

Мигранти од Авганистан, полски граничари и белоруски војници во пограничното подрачје, 21.08.2021

Во ничија земја

Онаму каде што кампуваат Авганистанците не е точно исцртана граничната линија. Полските власти тврдат дека мигрантите се наоѓаат на белоруска територија. Затоа Полска не е надлежна, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки на 21 август. Според меѓународното право, азил би требало да им одобри Белорусија.

Белорускиот властодржец Александер Лукашенко игра „цинична игра“ со тоа што „носи мигранти на надворешната граница на ЕУ“, оценува Михал Дворчик, шеф на кабинетот на полскиот премиер. „Би требало да се создаде хаос“, вели Дворчик. Во интервју за државната телевизија ТВП тој додава: „Имаме работа со многу ужасна провокација од страна на белоруските власти: им овозможуваат на луѓето да дојдат до источната граница на ЕУ и потоа се обидуваат да ги протераат овие луѓе во ЕУ.“

Polen Premierminister Mateusz Morawiecki

Полска не е надлежна, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки на 21 август

На мигрантите им е потребна помош

Дали бегалската драма на границата со Белорусија не е полски проблем? Активистите од полската „Фондација Спас“ на тоа гледаат поинаку. Ним неколкупати им успеа да им достават на бегалците храна, вода и хигиенски производи. Но, колку стануваат поостри изјавите на полските политичари, толку повеќе се зајакнува блокадата во пограничното подрачје.

Според хуманитарци, мигрантите со знаци покажуваат дека се гладни и жедни и дека меѓу нив има и болни. „Овде сме со вас, не сте сами“, им довикува на персиски со мегафон Иранката Матиа Голами, која живее во Полска. Но, кога Авганистанците се обидуваат да одговорат, надвикани се од моторите на возилата на полските граничари.

Karte Usnarz Gorny Polen DE

Лекарка не смее да стигне до бегалците

Лекарката и активистка Паулина Бовник допатува на границата со полна кутија лекови, но полските граничари не ѝ дозволуваат пристап до бегалците во шумата. Во знак на протест, таа со лековите седнува на ливада во близината. „Ова е за плачење! Зошто не ми дозволуваат да стигнам до луѓето на кои им е потребна помош? Очигледно меѓу нив има и болни. Како лекарка сум тука да им помогнам на луѓето. Никого нема да киднапирам“, вели очајно Паулина Бовник за ДВ.

И жителите на полското погранично село Уснаж Горни сметаат дека не е добро да се остават луѓето да вегетираат со недели во шумата, под отворено небо и без тоалети. „Срамно е што мораат да живеат во такви услови, кај нас во селото и на кучињата им е подобро“, вели една жителка на селото за ДВ. Сепак, таа е против пуштање на Авганистанците во Полска: „Ако бидат пуштени овде, тогаш ќе дојдат илјадници други“, објаснува таа.

Grenze zwischen Polen und Weißrussland nahe Usnarz Gorny

Полската лекарка Паулина Бовник при обидот да им однесе лекови на мигрантите

Страв од непознатото

И Јан Ејсмонт смета дека не е добро луѓе од други земји преку белоруската граница да доаѓаат во близина на неговото село во Полска. „Порано овде вратите беа отворени, сега помислуваш дали да го сториш тоа“, вели тој за ДВ. „Во соседно село неодамна Авганистанка која барала јадење влегла во некоја од куќите чија врата била отворена. Замислете си, се враќате дома, а некој седнал на масата“, раскажува за ДВ 87-годишната братучетка на Јан, Хелена, која живее сама.

Двајца млади мажи се дојдени од соседното село откако на телевизија виделе извештај на мигрантите на границата. Тие најмногу би сакале Авганистанците да бидат однесени на Запад, на германско-полската граница. Полска, каде бегалците не можат да сметаат со социјални услуги, и онака е само транзитна земја за овие луѓе, велат тие.

Grenze zwischen Polen und Weißrussland nahe Usnarz Gorny

Хелена Ејсмонт живее во Уснаж Горни

Прекршување на законите

Тоа што полските граничари не реагирале на барањето на Авганистанците за заштита, претставува прекршување на Конвенцијата на ОН за човекови права и на законите во ЕУ и во Полска, вели адвокатот Тадеуш Колодзеј, кој на 20 август бил кај мигрантите во шумата на границата со Белорусија. „Прописите се недвосмислени: граничарите се обврзани да примаат вакви барања во усна форма“, вели Колодзеј за ДВ.

Тој заедно со колеги поднесол барања на Авганистанците уште еднаш, по писмен пат, кај граничната служба во Биауисток, главен град на регионот на полската страна од границата. Но, барањата биле и таму одбиени. „Кога не се дозволува влез на мигранти и тие се третираат олку лошо, тогаш настануваат проблеми, а токму тоа е сценариото кое си го посакува Лукашенко“, уверен е адвокатот. Освен тоа, примерот на групата од Авганистан јасно покажува дека ЕУ-државата Полска спроведува илегални пушбекови, додава тој.

Grenze zwischen Polen und Weißrussland nahe Usnarz Gorny

Тадеуш Колодзеј: Прописите се недвосмислени: граничарите се обврзани да примаат вакви барања во усна форма

Заканата на Лукашенко

Белорускиот властодржец Лукашенко на крајот на мај отворено се закани дека ќе им дозволи на луѓето од земји како Ирак, Авганистан или Сирија да ја минуваат границата. Оттогаш илјадници луѓе имаат стигнато на ваков начин до границата со ЕУ. Европската унија ја обвинува Белорусија дека ги злоупотребува мигрантите како средство за притисок против ЕУ-санкциите, воведени поради фалсификувањето на претседателските избори во Белорусија. Раководството во Минск тоа го негира.

Повеќе:

Кој (не) сака бегалци од Авганистан?

Евакуираните Авганистанци пристигнуваат во Албанија

Ленче Здравкин: Со години ги слушам најтешките приказни од Авганистан

Полска, Унгарија и Чешка го кршат правото на ЕУ

Премиерите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија, кои во саботата (21.08) разговараа за ситуацијата на границата, соопштија дека актуелната криза е планирана и организирана од режимот на Лукашенко. Тие од властите во Минск побараа да забранат мерки кои може да доведат до ескалација на тензиите. Лукашенко, пак, во меѓувреме, на видео-самит со шефовите на држави и премиерите на постсоветската „Организација на Договорот за колективна безбедност“, ја обвини Полска дека провоцира граничен конфликт со Белорусија.

Polen | Grenze zwischen Polen und Belarus

На границата помеѓу Полска и Белорусија се поставува бодликава жица

Сѐ повеќе мигранти

Само во Литванија, која со Белорусија има граница од 680 километри, годинава се веќе фатени околу 4100 луѓе. За споредба, во текот на целата претходна година имаше само околу 70 лица. Откако Литванија донесе закон со кој на граничарите им се дозволува да ги враќаат бегалците назад во Белорусија, групите мигранти се префрлија на летонската и полската граница.

Полската гранична служба наведува дека минатата година биле уапсени 122 лица кои илегално ја преминале границата, а оваа година досега се веќе 780. Граничната служба досега има регистрирано повеќе од 2000 обиди за илегално минување на границата, од кои 1350 се спречени. Вчера граничарите соопштија дека уште 84 луѓе од Авганистан, Сирија, Јемен и Ирак биле спречени да ја преминат границата.

Полска од почетокот на август има испратено и 900 војници на границата со Белорусија, како засилување за граничарите. Освен тоа, се мести и бодликава жица. Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Блашчак вчера на Твитер напиша дека на границата со Белорусија треба да се постави нова масивна ограда, висока 2,5 метри.

DW.COM