1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој (не) сака бегалци од Авганистан?

Барбара Везел
19 август 2021

Министрите за внатрешни работи на ЕУ бараат вонреден самит за справување со бегалците од Авганистан. Првично треба да се прифатат оние Авганистанци кои соработувале со Западот поради што и се под акутна закана.

https://p.dw.com/p/3z9di
Afghanistan I Flughafen in Kabul
Фотографија: Wakil Kohsar/AFP

Министерот за внатрешни работи во ЕУ кој има најдолг стаж апелира на совеста на своите колеги. „Потребна ни е квота за бегалци од Авганистан кои по легален пат ќе пристигнат во Европа“, вели Жан Аселборн. „ЕУ-државите мора конечно да испратат сигнал дека сме подготвени да им помогнеме на луѓето.“

Министерот од Луксембург упати остри критики кон ставот на Австрија. „Тоа е страшно и очајно. Вакви популистички изјави предизвикуваат само страв.“ Овој проблем треба да се реши заеднички, а луѓето од Авганистан „не можеме да ги пратиме на месечината“.

Апелот на Аселборн се чини ќе остане нечуен. ЕУ-земјите се поделени и дејствуваат според внатрешнополитичките интереси. Блокадата сега треба да се реши со вонреден самит. Ова се позициите на дел ЕУ-земјите во моментов.

Австрија

Целосно отфрлање и најостри тонови против прием на авганистански бегалци во моментов се слушаат од министерот за внатрешни работи Карл Нехамер од Австрија. Врвен приоритет сега е „да разговараме со соседните земји на Авганистан, за да се обезбеди заштита и помош во регионот.“

Тој исто така смета дека ЕУ мора да стори повеќе за да ги заштити своите надворешни граници, но, според него, нема причина зошто некој Авганистанец сега би требало да дојде во Австрија. Нехамер се залага и за основање центри за депортација во соседните земји на Авганистан.

Грција

И Грција не сака да прими бегалци од Авганистан. Министерот за миграција Нотис Митараки изјави дека Грција нема „повторно да биде портата за нерегулираниот бран бегалци кон Европа“. Тие веќе имале сместено 40.000 Авганистанци, од кои половината имаат признаен бегалски статус, а останатиот дел се баратели на азил. Освен тоа, неговата влада верува дека Турција е сосем безбедна земја за авганистанските бегалци.

Во моментов станува збор за прифаќање од хуманитарни причини на дел од луѓето и нивните семејства кои им помагале на грчките трупи за време на нивната НАТО-мисија во Авганистан. Тоа се неколку стотини луѓе. Истовремено, сликата од Авганистан е сѐ уште нејасна и не се знае дали Грција ќе доживее нов бегалски бран.

Griechenland Flüchtlingslager Samos
Грција не сака „повторно да биде портата за нерегулираниот бран бегалци кон Европа“: бегалскиот камп Каратепе на ЛезбосФотографија: Panagiotis Balaskas/AP/picture alliance

Франција

Француската влада се обидува да ја ублажи изјавата на претседателот Емануел Макрон од понеделникот вечерта, која наиде на многу внатрешни критики. Во телевизиско обраќање тој се изјасни против „нерегулиран бегалски бран“ од Авганистан. Портпаролот на владата Габриел Атал во средата појасни дека секоја година во Франција се прифаќаат илјадници Авганистанци кои бегаат од прогон и војна и дека тоа ќе продолжи и годинава.

Konflikt in Afghanistan | Frankreich
Авион кој во Париз пренесе луѓе од Кабул (17.08.2021)Фотографија: Rahmat Gul/AP Photo/picture alliance

Франција во текот на претходната ноќ од Кабул евакуираше 180 Авганистанци од хуманитарни причини. Мора да има меѓународна иницијатива со која на барателите на азил од Авганистан ќе им се понуди нов дом, гласи позицијата на француската влада. Портпаролот сепак не кажа отворено колкав број бегалци евентуално би прифатила Франција. Оваа тема е деликатна за Макрон со оглед на изборите кои треба да се одржат следната пролет. Десничарските партии, особено партијата на Марин Ле Пен, со години го поттикнуваат стравот од мигранти.

Италија

Премиерот на Италија, Марио Драгиџ, сѐ уште нема официјален став во однос на бегалците од Авганистан. Приоритет за Европа сега треба да биде прифаќање на оние Авганистанци и нивните семејства кои соработувале со Западот или се бореле за правата на жените, вели Драги.

Шефот на италијанската коалициска влада во која се партнери партиите на популистите и екстремната десница, не сака гласно да го тематизира ова прашање. Италија летово повторно се соочува со зголемен прилив на мигранти, пред сѐ од африканските земји кои преку Медитеранот пристигаат во земјата.

Шпанија

Владата во Шпанија изјави дека е подготвена да биде привремен прифатен центар за Авганистанците кои работеле за европски или други западни организации и кои бегаат од хуманитарни причини. Други понуди засега нема.

Повеќе:

По падот на Кабул, неминовен е силен бегалски бран и мигрантска криза

С. Македонија ќе ги отвори границите за цивилното население од Авганистан

Пет години бегалска криза: Што е постигнато?

Холандија

Во Холандија во моментов се разговара за прием на бегалци кои работеле во рамки на НАТО мисијата или во хуманитарни организации. Тоа се неколку стотини лица. Првиот холандски авион за евакуација сепак се врати празен поради хаосот на аеродромот во Кабул.

Скандинавија

Данска во последниве месеци доста ја заостри бегалската политика до таа мера што и на прифатените сириски бегалци сега им се заканува депортација во Дамаск. Многу е веројатно дека земјата нема да прими авганистански бегалци.

Слично е и во Шведска, каде коалициската влада стои на стаклени нозе и либералната бегалска политика од минатото е жртва на притисокот на десничарските партии.

Deutschland | Kundgebung 'Luftbrücke jetzt! Schafft sichere Fluchtwege aus Afghanistan!' in Berlin
Демонстрации во Берлин со барања за прием на авганистански бегалци (17.08.2021)Фотографија: Jean MW/Geisler-Fotopress/picture alliance

Германија

Ставот на Германија е нејасен. Викендов официјален Берлин пресмета дека треба да се прифатат околу 10.000 Авганистанци, поранешни соработници на Бундесверот, членови на граѓански организации или невладини организации кои мора да ја напуштат земјата од хуманитарни причини.

Германската канцеларка Ангела Меркел исто така побара координирана акција на ЕУ. Но, првично на авганистанските бегалци треба да им се помогне во соседните земји со помош на УНХЦР, па како втор чекор да се размисли дали може оние што се екстремно погодени по контролирани рути да бидат донесени во Европа.

Кандидатот за канцелар, Армин Лашет изјави дека „не смее да се повтори грешката од 2015“ година. Од друга страна, дел од покраините, меѓу кои Северна Рајна Вестфалија и Бранденбург, веќе изразија подготвеност да прифатат неколку илјади Авганистанци. Но, во јуни коалициските партии во Бундестагот го одбија барањето на Зелените за брза евакуација на загрозените групи од Авганистан. Во меѓувреме, на многумина им е блокиран излезот од земјата поради контролните пунктови на талибанците. 

Türkei | Afghanische Flüchtlinge in der Provinz Van
Бегалци од Авганистан во Турција (24.07.2021)Фотографија: Ali Ihsan Ozturk/DVM/ABACAPRESS/picture alliance

Соседните земји

Во ЕУ постојано се повикуваат на соседните земји на Авганистан. Според податоците на Организацијата за бегалци на ОН, во изминативе земји таму се преземени 90% од бегалците од Авганистан. Речиси два милиони од нив живеат во Пакистан. Но, тамошната влада во меѓувреме постави жичена ограда на границата со Авганистан за да спречи прилив на бегалци од таму.

Слично е и во Иран, каде според неофицијалните бројки во последниве децении живеат до три милиони Авганистанци. Тамошната влада сега сака да постави тампон зона на иранско-авганистанската граница за да ги задржи таму бегалците. Особено етничката група Хазара, која е прогонувана од талибанците, со години бара засолниште во Иран. Техеран вели дека поради лошата економска состојба во земјата не може да прифаќа нови авганистански бегалци.

Нов масовен бегалски бран кон Европа е тешко веројатен и поради тоа што во меѓувреме поголемиот дел од бегалските рути се затворени. Турција во моментов гради ѕид кон границата со Иран за да запре понатамошно патување на Авганистанците. Околу половина милион од нив во моментов се во земјата каде се соочуваат со сѐ поголемо неприфаќање од страна на населението. Се чини дека за владата во Анкара авганистанските бегалци ќе станат составен дел од договорот со ЕУ, кој треба да се преговара одново.