Бегалците стануваат проблем во БиХ | Свет | DW | 04.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Бегалците стануваат проблем во БиХ

Сѐ поголем број мигранти и бегалци се собираат на границата меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска. Отпорот и нервозата кај локалното население расте паралелно со растот на нивниот број

„Има ли вести од самитот?“, прашуваат четворица млади Пакистанци на влезот во бегалскиот камп во Велика Кладуша, место на границата меѓу БиХ и Хрватска. Мислат на дводневниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел на кој главна тема беше мигрантската криза. Се надеваа дека ќе добијат вест дека ЕУ ќе ги отвори вратите за нив и уште околу 350 лица, меѓу кои и дваесетина деца од кампот кој не е во ничија надлежност и во кој владеат многу лоши хигиенски услови.
На ливада, два километри од центарот на градот со 15-ина илјади жители, секој ден има се повеќе импровизирани шатори направени од прекривки и најлон. „Ова не е камп. Во Србија беше добро, имавме храна, облека, добри шатори. Тука немаме ништо“, вели Касим од Пакистан кој пред шест месеци тргнал кон Европа, па преку Иран, Турција, Грција, Македонија и Србија, завршил во БиХ. Ја напуштил татковината затоа што се плашел за својата безбедност. Тивко, на пристоен англиски, објаснува дека живеел во пограничен регион во кој се активни талибанците и каде насилството е секојдневие.
Во актуелната структура на мигрантите во БиХ, најмногу има дојденци од Пакистан, вели Драган Мектиќ, министер за безбедност на БиХ, кој тврди дека тие не бегаат од безбедносни, туку од економски причини. „Ние не можеме да примаме економски мигранти“, порача Мектиќ на прес-конференција минатата недела.

Bosnien und Herzegowina Balkanroute 2.0 (DW/A. Puric)

Семејствата со деца се најчесто од Авганистан

Полоши се од ИД!

Пакистанците се најбројни во кампот во Велика Кладуша и речиси сите патуваат сами. Од друга страна, семејствата се најчесто од Авганистан, Сирија и Ирак. Хаји со сопругата и две мали бебиња веќе втор месец е тука. Тој е од Мосул, град во Ирак во кој, како што вели, нема да има живот уште 20 години. Негова цел е ЕУ, иако не знае како ќе стигне дотаму без парите кои му ги земале хрватските полицајци и босанските крадци. При еден обид илегално да ја мине границата, тврди дека хрватските полицајци му ги „зеле телефонот и околу илјада евра“. За него, тие се полоши од борците на Исламската држава. Го става прстот на слепоочницата и огорчено вели: „ИД барем те убиваат. Тоа е подобро одошто да останеш без ништо“.
Впечаток е дека во кампот се најсиромашните, семејства со деца, мигранти исцрпени од долготрајниот пат- и физички и финансиски. Остатокот од речиси илјада мигранти од Алжир, Мароко, Сирија, Палестина, Тунис, Авганистан, Пакистан, Индија и други држави, се насекаде низ градот. Многумина влегле во празни куќи, станови и други напуштени простори, поради што локалното население се повеќе негодува.
Балканската рута, која се префрли во БиХ од почетокот на годинава, завршува во два града на северозападната граница со Хрватска- Велика Кладуша и Бихаќ. Таму се досега регистрирани околу 3.500 од вкупно 7.100 бегалци кои влегле во БиХ.

Bosnien und Herzegowina Balkanroute 2.0 (DW/A. Puric)

Касим (во средина) со пријателите од Пакистан


Крајната цел- ЕУ
Во двата града, локалните власти одредија места каде мигрантите би требало колективно да се сместат, но државата не се вклучи во финансирањето на тие привремени кампови во кои бегалците имаат само по еден оброк дневно и тоа благодарение на донации од граѓаните, невладините организации и Црвениот крст.
На бегалците сепак во крајна линија не им менува многу дали и во каков камп ќе бидат сместени. Тие велат дека единствено сакаат да најдат начин да ја преминат границата и да се упатат кон земјите на ЕУ. Нема да се откажат од таа намера дури и доколку целосно се затворат границите.
„Ниту една граница не може да се затвори. И во Унгарија се поминува. Тешко, но се поминува“, вели еден од Пакистанците од почетокот на приказната. „Да имам 2.500 евра, за два дена би бил во Италија или Франција“, додава друг, објаснувајќи дека мрежата на трговци со луѓе е многу добро поврзана. „Кога ќе се затвори една рута, шверцерите наоѓаат друга“, објаснува тој.
Додека се надеваат на добри вести од Брисел или Сараево и се подготвуваат да запалат оган со кој се греат во текот на свежите летни ноќи, бегалците од ливадата на границата со ЕУ се почесто гледаат кон небото на кое се собираат темни облаци најавувајќи дождливи и тешки денови. „Кога ќе падне дожд, тука станува пекол“, вели Нигериецот Мајкл кој под шаторските крила сонува за живот во Германија.

 

DW.COM

Реклама