Баба Ванѓа - балкански Нострадамус | Панорама | DW | 07.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Баба Ванѓа - балкански Нострадамус

Далеку од метрополите, на тромеѓето меѓу Бугарија, Македонија и Грција, Баба Ванѓа им ја претскажуваше иднината на луѓе од цел свет. Меѓу нив беа и богати, славни и моќници, па и идни претседатели.

Бугарија пред претседателските избори 1997. година. Извесен Петар Стојанов, амбициозен бугарски политичар, оди во градот Петрич, придружен од камермански тим, за да ја побара Вангелија Пандева Гуштерова, попозната под името Баба Ванѓа. Таа му вели: „Ќе станеш претседател, но каков, допрва ќе видиме.“ И навистина, Стојанов победи на изборите во 1997. година, стана втор претседател во историјата на демократска Бугарија. И другото пророштво на Баба Ванѓа се покажа точно - Стојанов не остана во сеќавање како впечатлив претседател.

„Јасновитката од Петрич“ наводно уште од својата младост имала визии. Родена е во 1911. година во Струмица, во денешна Македонија. На 13 години настрадала во бура и завршила повредена на една ливада. Како последица, на 16 години го загубила видот. Уште тогаш почнала да „гледа“ на поинаков начин. Нејзин свет станале визиите, соништа, метафори, надреалното.

Нејзините визии биле одбележани од христијанско-православни слики и мистика. Во 1940. година, на самиот почеток на Втората светска војна, тврдела дека ѝ се прикажал коњаник како предвесник на „страшни работи“. Неколку дена подоцна во тогашна Југославија навлезе германска војска и воениот виор го зафати Балкан. Најчести гости кај Баба Ванѓа станале бугарски војници на поминување и селани од околината. 

Еден од тие војници, Димитар Гуштеров, се оженил со неа и ја однесол со себе во 50 километри оддалечениот Петрич, каде останала до крајот на животот. Сѐ почесто имала визии кои јавно ги објавуваше. Гласот за неа се ширеше, за неа почнаа да пишуваат весниците. Една од легендите кои ја следат е приказната за бугарскиот цар Борис Трети, кој наводно ја посетил во 1941. година. Таа му претскажала смрт и царот навистина умрел ненадејно во 1943. година, на враќање од состанок со Адолф Хитлер.

Boris III. von Bulgarien (picture-alliance/AP Images)

Бугарскиот цар Борис Трети - Ванѓа му претскажала скора смрт

Комунистите и празноверието

А тогаш стигнаа нови времиња. На власт дојдоа комунистите, кои не ја признаваа ирационалната христијанска мистика. Партија наместо попови, социјализам наместо пророштва, тоа беше нивната девиза. За апстрактни визии, претскажувања и надприродни сили, посебно христијански инспирирани, немаше место во „рајот на земјата“ кој сакаа да го создадат комунистите.

Партијата и обвинителството ја забранија активноста на Ванѓа. Нејзината куќа беше под надзор на тајната служба. За подрачјето во кое живееше Ванѓа, веќе не се издавале дозволи. Преку нејзиниот сопруг тајната служба се обидувала да изврши притисок врз Ванѓа и да ја натера да престане да зборува за своите визии. Но, Ванѓа остана непоколеблива, разговараше со сите посетители, им ја претскажуваше иднината.

Најголемата обожувателка на Ванѓа

Притисокот на режимот попуштил дури во 1960. година. „Десталинизацијата“ ја направи поопуштена атмосферата во социјалистичките земји, а умрел и сопругот на Ванѓа, преку кого владејачката партија со децении вршела притисок врз познатата јасновитка. Наместо тоа, таа доби неочекувана заштитничка од најтесниот круг на комунистичката елита во земјата - Људмила Живкова, ќерка на шефот на државата и партијата, Тодор Живков. Таа стана најголем фан на Ванѓа. Живкова била позната по својата опседнатост со окултизам, мистика и спритуалност исто колку и со луксуз. За неа не постоеле табуа, сеедно дали станувало збор за будизам или антиквитети. Живкова станала симбол за корупција, непотизам и празна пропаганда.

Lyidimila Zhivkova - Bulgarische Politikerin (Imago/ZUMA/Keystone)

Људмила Живкова, „патрон“ на Баба Ванѓа

Во 1970-те години Људмила Живкова прераснува и во еден од најважните културни функционери во земјата и иницираше основање Институт за сугестиологија во Софија. Уште и самото име на оваа институција навестува дека станува збор за псевдонаука. Таму се „истражувани“ и документирани пророштвата на Ванѓа. Под водство на славниот социолог Георги Лозанов, требало да се анализира во колкав процент пророштвата на Ванѓа се точни. Со оглед на наклонетоста на политичката елита, не чуди што Ванѓа станала неофицијална ѕвезда и во Советскиот Сојуз. Благодарејќи на интензивните советско-бугарски врски, бројни државни гости од СССР ја посетувале Баба Ванѓа. Еден нејзин роднина се сеќава дека во 80-те години по цел ден примала луѓе. „Менаџментот“ го презема државата, секако со наплаќање „мала такса“. Дозволени се и првите документарци за нејзините сеанси, до денес најдоверлив извор за оваа претскажувачка. 

Дали навистина станува збор за натприродна моќ или за фантазерско шарлатанство? Кога Михаил Горбачов во 1985. година стана генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, Ванѓа претскажа пропаст на Советската федерација. Но, пропаст насетуваа и одделни политиколози, кои не беа видовити. Оние, кои како Ванѓа, имаа толку бројни врски со комунистичката елита, знаеја што сѐ се случува, познати им беа сите прашања, сите стравови и двојби и за нив крахот на комунизмот не беше изненадување.

Но, со комунизмот не исчезна и фасцинацијата од Баба Ванѓа. Во 90-те години ја посетуваа уште повеќе новинари, политичари и сите љубопитници да дознаат што им носи иднината. И Дмитри Медведев, веќе 10 години човек број два во Русија, бил кај јасновитката во Бугарија. Таа му прорекла голема политичка кариера, која и ја оствари.

Bulgarien Vangelia Gushterova bekannt als Baba Wanga Hellseherin (picture-alliance/epa/V. Gilotay)

Баба Ванѓа во Петрич во 1994. година

Музеј за Баба Ванѓа

Во 1989. година Ванѓа имала една друга визија: „Хорор, хорор. Американски браќа ќе паднат во напад на челични птици. Ќе потече невина крв.“ Тие зборови подоцна се протолкувани како претскажување на терористичките напади од 11. септември 2001. година. 

Ванѓа наводно „видела“ и американски претседател со темна боја на кожата, многу пред Барак Обама да седне во Белата куќа. Но, втора граѓанска војна во САД, од истото пророштво, никогаш не се случи.

Кога Вангелија Пандева Гуштерова умре пред 22 години, и самата стана медиумски настан. Длабоко потоната во христијанска мистика, ја финансираше изградбата на православната црква Света Петка Бугарска. На нејзина лична желба, нејзината куќа во Петрич е претворена во музеј. А нејзиниот лик до денес фасцинира многумина, за неа се снимаат филмови, се пишуваат книги, се пишува по интернет. Натприродното и денес е сѐуште во мода.

DW.COM

Реклама