„Ангелот на приказната“ на Вим Вендерс во „Небото над Берлин“ | NRS-Import | DW | 05.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

NRS-Import

„Ангелот на приказната“ на Вим Вендерс во „Небото над Берлин“

Љубовта е мерата на нашето постоење. Мерата за тоа дали ќе бидеме паметени и кога видливо ќе исчезнеме за другите. Колумна на Кица Колбе.

KINO Favorites Best Berlin Movies Himmel über Berlin

Бруно Ганц (л.) и Ото Сандер во сцена од филмот „Небото над Берлин“ од 1987 година

„Доколку човештвото еден ден  го загуби својот раскажувач, тогаш тоа ќе ја загуби и својата детскост“, вели стариот писател Хомер во „Небото над Берлин" на Вим Вендерс. Култниот филм е поема за враќањето дома по долга отсутност. Вендерс се враќа по годините во Америка. Во Берлин, не во Германија. Градот кој сепак е шифра за Германија, во многу посуштинска смисла. Берлин е лузната и раната. Во него е видлива катастрофата на дваесеттиот век. Берлин е поделениот град. „Кога  во младоста мислев на пеколот, тоа секогаш го поврзував со Берлин“, вели Вендерс. Приказната на двата ангела Демиел и Касиел, ја раскажува и онаа на Берлин, која е и онаа на катастрофата на дваесеттиот век. И таму, среде градот полн со историски лузни од злото и омразата човечка, погледот од небото, низ окото на ангелот-бдејач, му ја открива на гледачот загадочноста (за ангелот) на сето човечко. Таа за него е скриена во тајната  на љубовта. Во фасцинацијата од жената! „Што е толку вредно за за него да се жртвува бесмртноста на ангелот? Жената“, одговара Вендерс во едно интервју. Жена, која во овој филм е истовремено и дете и уметница. Таа е одговорот на копнежот по љубов на ангелот Демиел, со чудесно благиот поглед на Бруно Ганц.

Заминатиот се враќа дома во мајчиниот јазик, во кој, на почетокот, често му недостигаат зборови. Враќањето на Вендерс во мајчиниот јазик е низ терапијата со најубавото во него - поезијата на Рилке. Една година, секој ден, една песна од Рилке пред заспивање. Рилке му ја дарува идејата за филмот. И пак е јасно дека писателот не го наоѓа делото, туку тоа го наоѓа него! Вендерс трагал долго по фигури-симболи, кои ги разнесуваат приказните низ градот, како поштарите, пожарникарите, таксистите, лекарите. И ангелите-чувари! На крајот отпаднале сите останати фигури. Останале само ангелите! И нивниот поглед врз луѓето, полн со љубов. Ангелите му ја раскажуваат приказната на филмот што треба да го сними.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin

Кица Колбе

Филмот настанал од 1986-та до 1987-та. Петер Хандке ги пишува клучните стихови во филмот, „Кога детето беше дете“, 1986-та. „Небото над Берлин“ е поезија, симфонија, во која најобичното, немиот, скришен човечки говор во себе, за увото на ангелот се преобразува во музичка форма. Таа, конечно, ја преобразува и филмската слика. Погледот од невидливоста врз видливоста  го менува и окото. Прво на тие што го  создаваат фимот, а потоа и на тие што го гледаат. Окото на ангелот во „Небото над Берлин“ е камерата, низ која светот ни го покажува легендарниот камерман Анри Алекан. Ангелите се видливи само за децата. Вендерс никогаш не криеше дека е верник, како, впрочем, и Тарковски. Сепак, тој во „Небото над Берлин“ не ги претставува ангелите во христијанска смисла. Тие овде се метафора за сочуваното детство во  нас. Кога би му дозволиле на детето во нас да зборува, тогаш би можеле да стапиме во контакт и со ангелите, верува тој. Само тие што ја сочувале детскоста, го сочуваме и погледот врз животот како чудо. Уметникот не е способен за творештво, ако не го сочувал во себе детето. Гласот на ангелот е гласот на детето во стихот на Хандке. Вендерс им го посвети филмот на тројца големи поети и раскажувачи во филмската историја –  Тарковски, Озу и Трифо. Во едно интервју вели дека токму кај Трифо го нашол погледот со кој ангелите во филмот ги гледаат луѓето.

Други колумни од авторката:

Скопје, градот без аура и дух

Жените во литературата

Европска меморија versus бугарска амнезија

„Небото над Берлин” е чудесен псалм за љубовта. Тој ја слави тајната на животот и на љубовта. Токму низ сознанието за краткоста на животот. Тајната на обичниот живот, која за набљудувачкиот нежен ангелски поглед е црно-бела слика, која се преобразува во боја само кога ќе му се доближи. И ќе го допре животот! Тогаш тајната се отвора пред окото на ангелот Демиел како боите на паунот во рајот. Вим Вендерс во овој филм го покажува и своето огромно знаење на уметноста, филозофијата и теологијата. Во филмот проблеснуваат шифри за Рилке и Валтер Бенјамин, за Тарковски и Фелини. Како и стиховите од  Светото писмо за настанувањето на светот. Вендерс овде не ја преоткрива само исконската сила на сликата. Слично на Тарковски, тој прво го прочистува низ окото на камерата погледот и допирот од сите тривијалности. Тоа важи особено за допирот. Близината на ангелите, кои бдеат во ноќите во библиотеката, е невидливиот благ, нежен допир. Во поплавата од голи тела во филмската индустрија, денес допирот стана небаре најтривијалното. Меѓутоа, колку сила се крие во најнежното, во трепетливиот допир, тој израз на љубовта, на блискоста љубовна, покажува токму овој филм. Вендерс им ја враќа на допирот на ангелите и на луѓето изгубената исконскост. Тоа, низ кое проблеснува почетокот на животот, на љубовта. Првиот допир на мајката на телото на детето. Првиот допир во љубовниот чин. Тој не може да се спаси, доколку не се покаже во неговата чистота токму преку погледот на ангелот.

Deutschland Wenders wird Professor an Hochschule für bildende Künste Hamburg

Запрашан, „што ќе остане зад нас“ по смртта, Вендерс одговара: „Тие дела во кои сме вложиле многу љубов и човечност“  (фото: Вим Вендерс во Хамбург, 2002 година)

На почетокот на создавањето на филмот била сликата на ангелот Демиел и неговиот копнеж по допирот со живото, со смртното. Копнежот на ангелот по љубовен допир со тоа врз кое постојано бдее, телесноста на животот, го диктирал и текот на приказната. Вендерс со овој филм ја враќа и вербата во силата на раскажувањето. Во приказната како симбол за човечкиот живот. Тој што нема приказна, го изгубил животот. Тој што живее и по смртта, живее во споменот кај другите на неговата приказна. Запрашан, „што ќе остане зад нас“ по смртта, Вендерс одговара: „Тие дела во кои сме вложиле многу љубов и човечност.“  Кога сѐ ќе мине, сѐ ќе исчезне, ќе остане само љубовта, верува и апостол Павле. Љубовта е мерата на нашето постоење. Мерата за тоа дали ќе бидеме паметени и кога видливо ќе исчезнеме за другите. Во паметењето полно со љубов за починатите, го повикуваме нивниот лик, нивниот глас. И тие се постојано со нас, вели Вендерс. Ти не можат да бидат со нас, ако тие самите не живееле во љубовта.

Очигледно ни треба секогаш одново погледот од височините врз животот, за да ја сознаеме неговата тајна. Тоа е смислата на поимот трансценденцијата во филозофијата, во која ги надминуваме границите на видливото. Најнежното, стихот и музиката, најчесто има поголема сила радикално да го разобличи разумот, кој си ја забрануваа трансцеденцијата, нѐ учи овој филм. Затоа Вендерс го избра стихот и сликата, за да го преобрази во филмот во музичка  форма, полна со длабока теолошка и филозофска смисла. Не е чудно зошто на  филмот почнал да работи без сценарио. Само според интуицијата и чувството, слободни од секаква рационалност. Творечкиот импулс, како слика, збор и фигура е патот на  приказната. „Небото над Берлин“ го раскажува тоа што не може да се раскаже. Туку само може да се покаже во поетски слики, компонирани по музичкиот принцип. Само поезијата може да раскажува за невидливото. Што значи, Вендерс за миг го преобрзува филмот во неговата спротивност. Во видливите слики да се покаже невидливото. Тоа е ѕидот пред кој стои разумот наспроти трансцендентноста на верата. Затоа што во видливото не може да го види  невидливото.

Поврзана содржина