„Албанија е постојано загрозена од земјотреси“ | Панорама | DW | 29.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

„Албанија е постојано загрозена од земјотреси“

Албанија е дел од сеизмички загрозен регион во Европа. Затоа, при градбата на објекти во земјата мора да се применуваат строги градежни норми, истакнува сеизмологот Фредерик Тилман.

ДВ: По земјотресот со сила од 6,4 степени во вторникот во Драч и Туман, со десетици жртви, следеа повеќе дополнителни потреси. Како ја објаснувате оваа интензивна земјотресна активност долж албанскиот брег?

Фредерик Тилман:  Силен земјотрес  врши големо влијание врз напрегнатоста на подземните маси во неговата околина. Онаму каде расте напрегнатоста во земјата, можно е таа да предизвика натамошни потреси, т.н. афтершокови.  Општо земено, во деновите кои следат активноста е голема, а потоа се забавува, за што сведочат петте последователни земјотреси. Но, можно е и подоцна, посебно по поголеми дополнителни земјотреси, да дојде до заживување на подземната активност. Фреквентноста и силата на афтершоковите значително се разликуваат кај различни земјотреси, а овој во Албанија, со оглед на неговата јачина, предизвика навистина голем број дополнителни потреси на тлото.

Може ли да се предвиди времетраењето на оваа фаза и дали ќе следуваат натамошни земјотреси и со колкава сила?

За жал, за тоа не е можно да се каже ништо дефинитивно, можни се единствено статистички изјави. Но, треба и натаму да се смета на дополнителни потреси со сила над пет степени според Рихтеровата скала. Добрата вест е што  подземната активност во следните денови и недели постепено ќе се смирува.  За жал, понекогаш кај поголемите земјотреси се случуваат подолги секвенци, како кај земјотресите во централна Италија во 2016. и 2017. година. Досега научниците не можат дефинитивно да ја елиминираат можноста да дојде до уште поголем земјотрес, но ова сценарио не е веројатно.

Како го објаснувате подигањето од десет сантиметри на земјината површина кај Драч, измерено по последниот земјотрес од страна на сателитетот Сентинел-1 на ЕСА (Европската вселенска агенција)?

Без оглед што земјотресот се случи на длабочина од 24 километри и пукнатината не стигна до земјината површина, земјотресот предизвикува напрегнатости во околината, кои во случајов доведоа до подигање на земјината површина. На други места се можни пак помали спуштања на тлото, иако кај конкретниов вид земјотрес преовладува подигањето. Во текот на геолошки периоди од милиони години, сумираните ефекти од илјадници земјотреси водат кон создавање на планини, како Динарските планини.

Frederik Tilmann Deutsches GeoForschungsZentrum GFZ

Професор Фредерик Тилман

Албанските весници деновиве цитираа новински извештај од 1943. година, во кој е наведена студија од Италијанецот Карло Морели, кој во книгата „Сеизмичка мапа на Албанија“, Албанија ја смета за земја втора според загрозеност од земјотреси во светот, зад Јапонија. Доколку тоа би било точно, нужна би била исклучиво асеизмична градба. Што е потребно за нејзина реализација?

Без двојба, во Јапонија се случуваат голем број посилни земјотреси и онакви од 6,4 степени како во Албанија воопшто не се реткост. Но, најголем дел од земјотресите имаат епицентар под морето, на извесна оддалеченост од брегот и затоа не предизвикуваат поголеми потреси на копното. Сепак, загрозеноста на Јапонија од земјотреси е значително поголема отколку во Албанија. По земјотресот од 1995. година во Кобе, Јапонија воведе многу превентивни мерки, вклучувајќи посебно стриктни градежни норми, со што прерасна во една од најдобрите локации во светот каде не може да бидете изненадени од земјотрес. Албанија без сомнеж е зона подложна на силна сеизмичка активност во Европа, заедно со други балкански држави како Италија, Грција и Турција. Оттаму, неопходно потребно е објектите да се градат или да се надоградуваат на начин на кој ќе бидат сеизмички поотпорни и нема да се урнат дури ни при посилни потреси.

Професор Фредерик Тилман е германски геофизичар и работи во Геоистражувачкиот центар во Потсдам

DW.COM