Ако се исполнат болничките капацитети, следи карантин! | Северна Македонија | DW | 09.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ако се исполнат болничките капацитети, следи карантин!

Со есенскиот бран на вирусот има поголем број инфицирани со полесни симптоми, но од друга страна, оние со потешки симптоми - потешко поминуваат.

Бројките на новодијагностицирани позитивни на коронавирусот не се намалуваат. Вчерашниот биланс од 978 нови случаи при 2.667 тестирања, следи по неколку слични биланси во кои над 30 отсто од тестираните се позитивни, или секој трет. Загриженоста особено расте по вчерашниот црн рекорд од 26 починати за еден ден, бројка која за првпат е поголема од бројката на оздравени - 24. Граѓани прашуваат: каде ќе не одведат ваквите бројки, и кога ќе биде воведен карантин доколку дел од граѓаните и натаму се однесуваат неодговорно, непочитувајќи ги мерките за заштита?

„Ставот на Комисијата за заразни болести е дека треба да се даде можност сегашните мерки да дадат резултати. Карантинот е крајна опција ако мерките не вродат со плод и ако се преполнат болничките капацитети“, вели епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата.

Шанса за мерките

Според здравствените експерти, се смета дека е потребен еден инкубациски период (од една до две недели) за мерките да дадат резултати. Во идеални услови, доколку тие максимално се почитуваат, по истекот на два инкубациски периода (28 дена) епидемијата може да се стопира. Но, во моментов состојбата е далеку од таков исход.

Земјата ја надмина психолошката граница од 1.000 новодијагностицирани за еден ден, како и над 1.000 починати од почетокот на епидемијата. Нешто над 1.000 се движат и расположливите болнички капацитети за лекување на болни од Ковид-19.

Повеќе:

-Критично во болниците, Филипче апелира да не се излегува од дома

-Болниците се полнат - 1.275 новозаболени и 13 починати од Ковид-19

-Коронавирусот зема се поголем замав – 22 починати и 1192 нови случаи

Бројката на досегашните 1.000 болнички легла на територијата на целата земја, е зголемена со активирање на капацитетите на интерните клиники на Клиничкиот центар во Скопје, каде има 150 болнички кревети, но и со реорганизација на други одделенија низ болниците во земјава, со што капацитетот е зголемен до околу 1.300 легла. Но, за сериозноста на состојбата говори фактот дека вчера во болниците низ земјава биле хоспитализирани 973 пациенти, од кои 352 се во Ковид-центрите во болниците и клиниките во Скопје. Бројката на хоспитализирани вчера беше за 55 повисока во споредба со претходниот ден.

Лекарите не може да прогнозираат за колку време при ваков тренд на инфицирање целосно може да се исполнат капацитетите, бидејќи состојбата се менува - едни се примаат, но и оздравени се отпуштаат од болничко лекување. Но, според неформални пресметки, доколку заразата продолжи со исто темпо како во последната седмица, за помалку од две недели ќе нема слободно болничко легло. 

Пред најтешкиот период

Тоа значи дека претстојните денови се клучни и се зависи од свеста на граѓаните за неопходната превентива. Ова, во вчерашното видео обраќање тоа го потенцираше и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Состојбата со Ковид-19 е критична, а болниците веќе ги полнат сите капацитети. Пред нас е веројатно најтешкиот период на справување со пандемијата. Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци. Тоа што го бараме како здравствени работници е навистина малку – само да го штитите сопственото здравје“, апелираше министерот.

Сепак, охрабрува податокот дека се намалува бројката на инфицирани кои имаат потреба од болничко лекување. Според д-р Стојанов, она што може да се увиди како разлика при споредба на периодот пролет/лето  со есенскиот бран на вирусот, е дека сега има поголем број инфицирани со полесни симптоми, но од друга страна, оние со потешки симптоми - потешко поминуваат. Најголем проблем остануваат асимптоматските случаи, кои при непочитување на мерките најлесно го шират вирусот. Отвореноста на границите не се смета за ризик фактор, бидејќи само 2,3 % од оние кои се инфицирале изјавиле дека патувале. Според тоа, се смета дека нема потреба од затворање границите, бидејќи во таков случај најмногу би страдала економијата.

 

Реклама