Австрија и ставовите за Балканот | Свет | DW | 28.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Австрија и ставовите за Балканот

Двајцата кандидати за функцијата претседател во Австрија имаат сосем различни гледања во врска со Западен Балкан.

Еден австриски политички аналитичар неодамна прокоментира дека двајцата кандидати за австриски претседател, независниот кандидат Александар ван дер Белен и кандидатот на Слободарската партија на Австрија, Норберт Хефер, се трагичари на оваа политичка година. Гледајќи ги приликите во врска со австриските претседателски избори, тешко е да не се согласиме со ова тврдење. На 4 декември Австријците повторно ќе излезат на гласачките места, а двајцата главни ривали, Ван дер Белен и Хефер по третпат ќе застанат пред избирачите, откако вториот круг гласање беше поништен поради неправилности.

Двајцата кандидати се чинат малку веќе уморни од изборната кампања која трае уште од почетокот на годината. Но, и натаму им претстои тешка борба: претседателските избори во Австрија се лакмус за идното политичко движење на земјата. Додека на едната страна речиси сите партии, а посебно Зелените и Социјалдемократите, го поддржуваат левичарскиот кандидат и поранешен претседател на Зелените, Ван Дер Белен, победата на кандидатот на ФПЕ, Норберт Хефер би можела да значи етаблирање на оваа полулистичка и десничарска партија на власт во Австрија.

Европска перспектива на Западен Балкан

Политичките ставови на двајцата кандидати Белен и Хефер по низа прашања не можат да бидат поразлични, што се отсликува делумно и во нивните погледи на земјите од Западен Балкан. Двајцата кандидати сепак го нагласуваат својот личен интерес и приврзаност кон пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ: „Приклучувањето на Хрватска и Словенија кон ЕУ беше позитивен чин, го поздравувам фактот дека и преостанатите земји од Балкан имаат европска перспектива“, вели во разговор со Дојче веле Александер ван дер Белен. Тој истакнува дека следната конкретна задача на Унијата мора да биде интеграцијата на Западен Балкан, но со исполнување на правните услови за пристап кон ЕУ.

И за Норберт Хефер иднината на Западен Балкан е во ЕУ: „Приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ е клучен за идната политичка и економска стабилност и мирен соживот. Иако овие земји во овој момент не се подготвени за прием, мораат да добијат перспектива за интеграција во Унијата“, истакнува Хефер за Дојче веле.

Доколку седнат во фотелјата на сојузниот претседател, двајцата кандидати сакаат да се посветат на прашањата важни за Западен Балкан: додека Хефер сака да ја зајакне својата и улогата на Австрија како медијатор во регионот, Ван Дер Белен ветува дека со сојузниот канцелар и министерот за надворешни работи ќе ја разгледа можноста како Австрија да ги поддржи земјите од Западен Балкан на пат кон ЕУ.

Во врска со ситуацијата во БиХ, како и неодамнешниот референдум во Република Српска, двајцата кандидати се залагаат за дипломатски решенија кои земјата би ја воделе кон ЕУ: „Се надевам дека владите во Сарево и во Белград во текот на преговорите за приклучување кон ЕУ ќе бидат мотивирани до толкава мерка што и претставниците на босанските Срби веќе нема да можат да се оттргнат од европската перспектива“, вели Ван дер Белен. Норберт Хефер е свесен за компликуваната политичка ситуација во поствоениот период, но сепак е оптимист: „Сепак, можно е во наредните години со искрено залагање да се дојде до разумно дипломатско решение.“  

Österreich Verfassungsrichter erklären die Bundespräsidentenwahl für ungültig Norbert Hofer (picture alliance/dpa/L. Niesner)

Норберт Хефер има разбирање за сепаратистичката политика на Додик

Промена на границите?

Сепак, околу статусот на Република Српска, најавите на нејзиниот претседател Милорад Додик за можен референдум за отцепување од БиХ, двајцата кандидати изнесуваат донекаде спротивни гледишта. „Не мислам дека е добро Австрија еднострано да го поддржува кој било политички лидер на Балканот“, вака Ван Дер Белен ја коментира поддршката на Слободарската партија за Милорад Додик. Бившиот шеф на Зелените инсистира на веќе традиционалната политика на трајна неутралност на Австрија. За Ван Дер Белен, промената на границите на Балканот би била дестабилизирачка. Од друга страна, запрашан за повеќекратно изразената поддршка на својата партоја кон власта во Бања Лука, Норберт Хефер нагласува дека идниот претседател на Австрија е претставник на целата земја, а не само на Слободарската партија.  

Тој сепак се залага за „правото на самоопределување на народите“, истакнувајќи дека принципот на неповредливост на гранциите на Западен Балкан е напуштен уште на почетокот на 90-те години, кога „внатрешните југословенски административни граници преку ноќ станаа државни граници.“ За настојувањата на РС кон што поголема самостојност, Хефер има разбирање. „Тоа што БиХ се одвои од тогашна Југославија, и тоа без одлука на народот, води кон полесно разбирање на тежнеењата на РС,“ вели кандидатот на ФПЕ за австриски претседател, превидувајќи го референдумот за независност на БиХ кој по препорака на Бадинтеровата комисија беше одржан на 1 март 1992 година и кој на тогашната Европска заедница ѝ послужи како темел за признавање на оваа бивша југословенска република.

Österreich Verfassungsrichter erklären die Bundespräsidentenwahl für ungültig Alexander Van der Bellen (picture alliance/dpa/L. Niesner)

Александер ван дер Белен смета дека Србија треба да го признае Косово

Србија со „најдобри оценки“

Норберт Хефер не сакаше да се изјасни подетално во врска со признавањето на Косово како можен услов за влез на Србија во ЕУ, истакнувајќи дека Србија од сите држави на Западен Балкан има „најдобри оценки“ во процесот на пристапување кон ЕУ. Ван Дер Белен пак е нешто поконкретен: „Србија фактички ја презеде улогата на локомотива во брзиот процес на пристапување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, без признавање на Косово, Србија не би требало да влезе во ЕУ“.

Обата претседателски кандидати имаат добро мислење за доселениците од Западен Балкан во Австрија. Лидерот на Слободарската партија Хајнц-Кристијан Штрахе неодамна во белградскиот весник „Данас“ врбуваше за гласовите на српските доселеници за својот кандидат Хефер: ФПЕ се залага за христијанскиот темел на Европа. Ако на Австријците со српско потекло ова им е блиско чувство и не сакаат исламизирање на Европа, поддршката кон Хефер би била многу добредојдена, истакна Штрахе.

DW.COM

Реклама